Право за живот без насилство во услови на пандемија

април 13, 2020

Владите не смеат да дозволат вонредните околности и рестриктивните мерки во борбата против КОВИД-19 да доведат до прекршување на правото на жените за живот без насилство.

Имајќи предвид дека рестриктивните мерки кои се усвојуваат на глобално ниво за заштита од КОВИД-19 го зголемуваат ризикот од семејно насилство, Канцеларијата на високиот комесар за човекови права при Обединетите нации[1] ги повикува Владите на почитување на правата на жените и децата и на изнаоѓање на итни мерки за жртвите на насилство.

Специјалниот репортер за насилство врз жени при ОН, Дубравка Симоновиќ потсетува на големата веројатност за зголемување на стапките на семејно насилство ширум светот, на што веќе укажуваат иницијалните извештаи од страна на полицијата и СОС телефоните. Домот може да претставува место на страв и насилство за многу жени и деца, што значително доаѓа до израз во случаите на изолација за време на пандемијата. Оттука, сите држави треба да направат значајни напори во битката со вирусот, но притоа да не заборават на жртвите на семејно насилство, како и зголемениот ризик од фемициди од страна на интимен партнер. Таа изразува особена загриженост за жени кои се во поголем ризик од домашно насилство, како жени со попреченост, недокументирани мигрантки и жртви на трговија со луѓе.

Ризикот од насилство е зголемен кога не постојат или нема доволно услуги како помош и згрижување во шелтер центри, кога пристапот до услугите е отежнат, кога поддршката од заедницата е мала и кога голем дел од институциите се затворени. Симоновиќ забележува дека за многу жени новите мерки придонесуваат за зголемување на товарот во однос на домашната работа, грижата за децата, постари и болни членови на семејството, додека рестрикциите во однос на движењето и финансиските ограничувања им даваат повеќе моќ и контрола на сторителите. Оттука, таа нагласува дека мерките за заштита на жртвите мора да останат достапни или да се донесат во кризниот период. Тоа вклучува обезбедување на пристап до заштита преку забрани за приближување, брза реакција на полицијата, активирање на СОС линиите, но и овозможување на услуги преку телефонски и онлајн пораки, имајќи ги предвид опасностите од јавувања во домот. Од особена важност во овој период е државите да пристапат кон изнаоѓање на нови и креативни решенија за поддршка и заштита жртвите.

 

 

[1]https://www.ohchr.org/EN/NewsEvents/Pages/DisplayNews.aspx?NewsID=25749&LangID=E&fbclid=IwAR2OBhZDtYFpipC_mbC5g7s-wdnYw63G6nvwNQpG0AeZHjrD6FfsfukpyCA