април 13, 2020

Пировска: Веднаш ми се вклучи алармот кога слушнав за апликацијата, ама има три охрабрувачки моменти

Владата најавува воведување телефонска апликација која ќе ги регистрира физичките контакти на оние што ќе ја активираат за епидемиолозите да можат полесно да ги лоцираат луѓето со кои корисникот бил во контакт, ако се покаже дека е позитивен на коронавирусот. Најавите ги наметнаа прашањата за тоа дали може да се злоупотребуваат личните податоци на граѓаните и дали ова е нов современ тип на следење.

„Во моментот кога слушнав за апликацијата веднаш ми се вклучи алармот за можен ризик од прекршување на човековите права, меѓутоа секако, оставив простор да слушнам подобро за што станува збор. Морам да кажам дека тука постојат три моменти коишто се за мене охрабрувачки. Првото е тоа што апликацијата е на доброволна основа, значи само граѓаните коишто сакаат ќе можат да ја симнат и да влезат во тој некој систем и во тој некој концепт на собирање на податоци. Вториот момент е во тоа што нема да биде следена геолокацијата. Трето и многу важно е тоа што ќе има една независна ревизија на ова техничко решение. Морам да кажам дека она на што постојано се апелира од страна на сите меѓународни организации коишто се свесни дека ќе се бараат вакви технички решенија заради спречување на заразата укажуваат постојано на моментот дека мора да се води сметка за заштита на личните податоци. Охрабрувачки е што ќе се добие само некој код и фактот дека само во телефонскиот уред на граѓанинот којшто ја симнал апликацијата ќе бидат задржани податоците за броевите, односно луѓето со коишто стапиле во контакт. Од она што видов, со тие податоци ќе оперира серверот на инфектолозите. Значи оваа апликација нема за цел да не спаси од заразата, туку да ги спаси од ризик оние што дошле во допир со лице коешто е заразено од коронавирусот“,

вели Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Во интервјуто Пировска зборува и за тоа како вонредната состојба се злоупотребува во одредени земји со тоталитарни практики, за состојбата во македонските затвори, посебно откако кај починат притвореник беше утврдено дека имал коронавирус, за семејното насилство во услови на карантин и полициски час и други теми поврзани со справувањето на државата со корона-кризата.