Повик за прием на апликации за учество во ЕУ Академија
Хелсиншкиот комитет за човекови права го распишува овој конкурс за избор на кандидати кои ќе ја следат првата ЕУ академија за демократија и владеење на правото, вклучувајќи ги и сите предизвици кон полноправно членство.
ВОВЕД
Во рамки на проектот ,,Основите прво – Активен придонес во владеење на правото’’ поддржан од Европската Унија за 2020 година, Хелсиншкиот комитет ја организира својата прва ЕУ академија и воедно ја продолжува својата традиција да ја информира јавноста и заинтересирани страни за статусот на спроведување на темелите во тој контекст. Хелсиншкиот комитет особено има за цел да ги информира младите и ентузијастите за Европската Унија, процесот на интеграција на Република Северна Македонија, начинот на преговори и временската рамка, билатералните преговори (скриниг) со земјите членки на ЕУ и начинот на преземање на ЕУ законодавството во националниот систем.
Академијата ќе се одржи во период од 01.12.2020 – 04.12.2020 и од 07.12.2020 до 09.12.2020 со предавања во текот на работниот ден (од 09.00 до 15.00). Следејќи ги препораките и протоколите за Ковид-19, оваа година сите настани ќе се одржат виртуелно, преку апликацијата ZOOM. Настанот ќе трае 7 дена со различни сесии и не повеќе од 4 часа дневно. За учесниците ќе се обезбеди подготвителен материјал, предавање и дискусија и Сертификат од Хелсиншкиот комитет за човекови права и Европската Унија за потврда на учество во ЕУ Академијата што воедно ќе претставува и референца од наша страна. Хелсиншкиот комитет во рамки на оваа академија има за цел да ја развие својата практикантска програма и да обезбеди учество на своите учесници во понатамошните активности на организацијата.
ПРАВО НА УЧЕСТВО
На академијата имаат право да учествуваат заинтересирани лица до 25 години, а предност при процесот на аплицирање ќе имаат студенти на последна година од додипломски и/или постдипломски студии од области релевантни за работењето на Европската унија (економски, правни, филозофски студии, итн). Програмата ќе им овозможи на учесниците суштинско разбирање и учење на содржини поврзани со основите на функционирањето на Европската унија, и дискусија за сите актуелни прашања. Мотивацијата на оваа активност е да се создаде активна младина која своите ставови кон ЕУ ќе ги гради врз докази и наука, а воедно и ќе ги застапува во јавноста на начин кој е разбирлив и точен.
Предавачи на академијата ќе бидат видни експерти, универзитетски професори и практичари во областа на интеграцијата и Европската Унија, а тимот на Хелсиншкиот комитет ќе биде задолжен за организирање и спроведување на целосната програма на школата. Модератор на настанот ќе биде Александар Јованоски од Хелсиншкиот комитет за човекови права. кој е воедно практичар во областа на европските интеграции.
Повикот е отворен за пријавување до 20.11.2020 година, а за пријавата е потребно да се достави:
1.Апликација за учество (преземете ја подолу),
2.Кратка биографија (не повеќе од една страна),
3.Мотивационо писмо, во кое ќе ја изразите вашата мотивација за учествo (не повеќе од една страна во формуларот),
4.Технолошки услови за следење на Академијата (проверка со проектниот тим).
Потребните документи испратете ги на е-маил: aleksandar.jovanoski@mhc.org.mk и ena.bendevska@mhc.org.mk со наслов (Subject) ЕУ академија. По спроведената евалуација, само кандидатките/кандидатите кои ги исполнуваат условите ќе бидат контактирани за реализација на настанот.