февруари 24, 2014

Повик за брза реакција од надлежните институции по повод вчерашниот инцидент

Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија најстрого го осудува вчерашниот инцидент кој според информациите од медиумите се случил во близина на огранокот на СДСМ во Карпош додека се одржувал состанок на подмладокот на оваа партија. Од информациите произлегува дека била поставена експлозивна направа која што експлодирала при што биле доведени во сериозна опасност повеќе од 30 лица што се наоѓале во објектот. Во пресрет на изборите, Комитетот повикува на итно постапување и истрага за откривање на сторителите од страна на Министерството за внатрешни работи (МВР).

Исто така, заради покажување искрена волја за соодветно разрешување на овој инцидент, МВР е потребно да и се обрати на јавноста и да даде информации за тоа што е преземено до сега и кои се идните чекори. Комитетот исто така повикува сериозно да се разгледаат наводите за кривично дело сторено од омраза поради политичка припадност или асоцијација на што наведува природата на ова дело.

Во рамките на своите активности, Комитет во последните три месеци заедно со овој последен инцидент, евидентираше 4 случаи кои се темелат на омраза поради политичко уверување односно припадност. Споменатите инциденти се однесуваа на напади на политички ограноци, недвижен и движен имот на партиите ВМРО- ДПМНЕ, ГРОМ и ЛДП.

Комитетот уштед еднаш ги повикува институциите овие дела ги препознаваат како потежок облик на криминал имајќи предвид дека е сторен поради одредена предрасуда или омраза насочена кон одредена група која има специфични обележја во конкретниот случај согласно член 39 став 5 од Кривичниот Законик. Бараме од МВР  да спроведат детална истрага додека пак обвинителството и судот да ја земе предвид оваа околност во целокупната постапка, а особено при одмерувањето на казната за сторителите на овој чин.

Дополнително, во вакви или слични активности во предизборен период за кои не се постапува брзо, транспарентно и во постојана комуникација со јавноста, се нарушува политичкиот и правниот легитимитет на државата.  Со цел да не се повторат овие немили настани, Комитетот ги повикува сите политички партии  заедно со членовите на партиите да го осудат настанот како и да се заложат за прекин на насилството во предизборниот период и за време на изборите.