Потврдена е директната дискриминација врз лицата со попреченост при остварување на нивното право на глас од страна на Владата и Државната изборна комисија
декември 20, 2023
Апелациониот суд Скопје со пресуда од октомври годинава во целост ја потврди пресудата на Основниот граѓански суд Скопје од март, оваа година. Со оваа пресуда е утврдено дека Владата на Република Северна Македонија и Државната изборна комисија (ДИК) сториле директна дискриминација врз лицата со попреченост при остварување на нивното право на глас. Судот утврди дека директната дискриминација е сторена со непреземање, односно, со пропуштање да се преземат дејствија за приспособување на инфраструктурата и просторот до и во дел од избирачките места и го повредиле начелото на соодветно приспособување. На овој начин, тужените оневозможиле лицата со попреченост да го остварат нивното право на глас, а со тоа го попречиле и активното учество на лицата со попреченост во политичкиот живот на државата.
Судот ги задолжи Владата и Државната изборна комисија, до распишување на следните избори, на избирачките места каде што досега тоа не е овозможено, да обезбедат:
– пристапност, рамни патишта, паркинг места соодветно обележани со боја со висок контраст, поставување знаци и бројки на видно место во поголем формат со висок контраст или звучна сигнализација до избирачките места;
– пристапност до просторијата за гласање преку поставување гелендери покрај скалилата и ѕидовите, инсталирање пристапни рампи, рачни шини, пошироки влезови, пристапен лифт или платформи кои се на нивоа и со скалила;
– пристапност во просторијата за гласање, нејзино еднакво осветлување, прераспределба на мебелот поради поголема можност за движење; поставување соодветно приспособени паравани за гласање и поставување на кутијата за гласање на соодветна висина за лица со физичка попреченост.
Дополнително, Владата и Државната изборна комисија се задолжени, во пристапен формат, да го објават во медиумите диспозитивот на пресудата со која се утврдува дека сториле директна дискриминација врз лицата со попреченост при остварување на нивното право на глас и активно учество во политичкиот живот, во рок од 15 дена по правосилноста на пресудата.
Ваквата судска завршница следува откако Хелсиншкиот комитет за човекови права, преку адвокат Павлина Зефиќ, на 1 февруари 2021 година поднесе тужба за заштита од дискриминација од јавен интерес (actio popularis). Постапката беше водена во рамки на проектот „Поддршка на Северна Македонија во унапредување на владеењето на правото и човековите права”, кој Хелсиншкиот комитет за човекови права во 2020 година го спроведуваше со Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Второстепена постапка за заштита од дискриминација на лицата со попреченост при остварување на нивното право на глас и повреда на начелото на соодветно приспособување
Оваа одлука на Апелациониот суд Скопје е донесена откако Државното правобранителство на Република Северна Македонија во име на тужените, на 18.05.2023 година поднесе жалба на првостепената пресуда. Апелациониот суд ги ценел жалбените наводи на тужените, но ги одбил како неосновани од низа причини.
Имено, Судот потврдува дека при спроведување на законот и изборниот процес, Владата и ДИК се должни да овозможат непречен, соодветен пристап до избирачките места за лицата со попреченост, со цел овие лица да го остварат правото на глас на еднаков начин како и останатите;
потврдил дека тужените органи се должни да ги почитуваат соодветните законски одредби поврзани со изборниот процес и ратификуваните конвенции и во рамките на своите надлежности да преземат дејствија за соодветно приспособување и пристапност до инфраструктурата, добрата и услугите на овие лица. Судот понатаму констатира дека за да се утврди дискриминација сторена на овој начин доволно е да се утврди дека фактички не се преземени потребните дејствија, односно дека е пропуштено да се преземат, иако за нив постојат законски обврски и надлежности, па за Судот не е од релевантно значење дали пропуштањето е со определена намера, кога фактички постои спреченост на овие лица да го остварат своето право на глас.
Судот ги ценел, но, ги одбил како неосновани жалбените наводи дека не се утврдени избирачките места во кои има недостатоци, во што се состојат тие недостатоци и кои се конкретните дејствија што тужените треба да ги преземат или пропуштиле да ги преземат. Во оваа смисла, Судот оценува дека станува збор за деклараторна тужба чија крајна цел е утврдување на постоење или непостоење на извесно право или правен однос, односно утврдување на вистинитоста или невистинитоста на некоја исправа. Деклараторна тужба може да се поднесе ако постои правен интерес на страната на тужителот. Според Судот, се работи за позитивна тужба за утврдување, во согласност со одредбата од член 6 на Конвенцијата за заштита на човековите права и темелни слободи. Конвенцијата водена од вистинскиот дух на политички идеали и традиции на почитување на слободата и владеењето на правото како заедничка сопственост на европското цивилизирано и културно опкружување, во овој член како темелно начело го пропишала правото на правично и во разумен рок одлучување за правата и обврските на граѓанинот, пред законски востановен и непристрасен суд, што пак значи дека пристапот на граѓанинот до судот е подигнат на ниво на темелна слобода на секој граѓанин, како негово општо човеково право.
Судот утврдува дека надлежноста и обврските на Владата произлегуваат од Уставот, важечките закони и меѓународни договори, како и според генералната надлежност на Владата да ја утврдува политиката на извршувањето на законите и другите прописи на Собранието, а со тоа и одговорноста за нивното извршување. Во однос на Државната изборна комисија, Судот оценува дека независно во чија сопственост се објектите во кои се спроведува гласањето и кој стопанисува со нив, како јавни објекти кои се наменети за изборниот процеси определени од Државната изборна комисија за оваа потреба, во периодот на подготовка на изборите и во периодот на спроведување на изборите тие се во надлежност на Комисијата. Според тоа, во надлежност на Комисијата е и обврската за утврдување на потребниот број на избирачи места и обврската за нивно соодветно приспособување на потребите на граѓаните, меѓу кои и лицата со попреченост. За двата судови, оваа надлежност на Државната изборна комисија произлегува од член 167 и член 168 од Изборниот законик.
Апелациониот суд уште еднаш го потенцира утврдениот принцип на соодветно приспосбување како посебен облик на дискриминација, дефиниран со Законот за спречување и заштита од дискриминација и оценил дека соодветното приспособување во конректниот случај е неопходно за обезбедување на уживањето или остварувањето на сите човекови права и слободи на лицата со попреченост на еднаква основа со другите, и дека ваквиот начин на соодветно приспособување кој е побаран со тужбата, не предизвикува несразмерно или непотребно оптоварување за тужените.
За крај, Апелациониот суд нагласува дека ова е обврска на Владата и на Државната изборна комисија која тие ја прифатиле со потпишување на меѓународните конвенции и со донесување на соодветни закони, поради што се должни да ја спроведат преку соодветна статистика, проценка и обезбедување соодветни податоци за секое избирачко место во однос на пристапноста, а со тоа и се должни да преземат дејствија за соодветно приспособување на потребите на лицата со попреченост доколку тоа не е овозможено досега.
Тужби за заштита од дискриминација од јавен интерес (actio popularis)
Тужбите за заштита од дискриминација од јавен интерес се новина во Законот за спречување и заштита од дискриминација, предвидени во членот 35. Имено, здруженија, фондации, синдикати или други организации од граѓанското општество и неформални групи кои имаат оправдан интерес за заштита на интересите на одредена група или во рамките на својата дејност се занимаваат со заштита од дискриминација, можат да поднесат тужба, ако направат веројатно дека со постапувањето на тужениот се дискриминирани поголем број лица. Oд доставените податоци со тужбата, првостепениот и второстепениот суд заклучуваат дека Хелсиншкиот комитет е активно легитимиран да поведе постапка за спречување и заштита од дискриминација, согласно неговиот мандат.
Дискриминација на лицата со попреченост при остварување на нивното право на глас и повреда на начелото на соодветно приспособување
Дел од повредите наведени во тужбата, констатирани по спроведени истражувања и проверки во избирачките места, укажуваат на тоа дека дел од избирачките места немаат достапен паркинг простор, само мал дел од оние избирачки места со расположлив паркинг имаат ознака за лица со попреченост, незначителен број објекти имаат универзален знак за пристапност и пристапна рампа, во поголемиот дел од избирачките места нема скали за да се стигне до просторија за гласање и најголемиот дел од објектите немаат лифт;1 лицата со попреченост немаат пристап до информациите за политичките дебати, кампањи и настани,
Упатството за примена на член 112-а (Гласање на избирач – лице со посебни потреби) од Изборниот законик не ги содржи принципите на соодветно приспособување и универзален дизајн, Државната изборна комисија дава медицински модел на дефинирање на лицата кои ги третира како болни и изнемоштени и во оваа категоризација ги вметнува и лицата со сензорна попреченост;2 ограничување на лицата со интелектуална и психосоцијална попреченост да го остварат своето право на глас и правото да се кандидираат за функции, недостапност на изборни материјали и информации во пристапен формат за сите лица со попреченост; нередовни обуки за јавните и приватните чинители за недискриминација и за соодветно приспособување, засновани на принципот на унапредување на човековите права наспроти традиционалниот медицински пристап;3
Основниот граѓански суд во Скопје утврди, а Апелациониот суд потврди дека Владата и Државната изборна комисија сториле директна дискриминација врз лицата со попреченост, односно, дека ги повредиле принципите на соодветно приспособување и пристапност до инфраструктурата, добрата и услугите.
Товар на докажување
Двата судови со своите пресуди јасно утврдуваат дека тужените, на чија страна е товарот на докажување согласно ЗСЗД, во оваа постапка не предложиле и не доставиле соодветни докази од кои би се утврдило дека во периодот по 2019 година (откако се изготвени извештаите на здруженијата и откако се дадени соодветни препораки) во сите избирачки места во државата во
целост е овозможен пристап на лицата со попреченост до и во избирачките места и дека е направено соодветно приспособување за непречено остварување на нивното право на глас.
Притоа, Апелациониот суд ја потврдува првостепената одлука во наводите дека во едно демократско општество неопходно е да се заштити правото на глас на лицата со попреченост, да се овозможи уживање и остварување на ова право и дека потребните приспособувања на избирачките места со обезбедување пристап до и во објектите за гласање согласно потребите на лицата со попреченост, не претставува несразмерно или непотребно оптоварување. Овој аргумент е поткрепен од извршени анализи и проверки на избирачките места што покажуваат дека станува збор само за определен број избирачки места во кои досега сето ова не е овозможено за лицата со попреченост.
Други учесници во постапката
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација може да се јавува како замешувач во судски постапки за заштита од дискриминација или пак, на барање на странката или по сопствена иницијатива да поднесе барање судот да ѝ овозможи да дејствува како пријател на судот (аmicus curiae). Имајќи ги предвид овие надлежности на Комисијата, веднаш по нејзиното формирање, се обративме со барање за вклучување во постапката по тужбата од јавен интерес. Во април 2021 година Комисијата за првпат ја искористи својата законска надлежност и побара Основниот граѓански суд Скопје да ѝ овозможи да дејствува како пријател на судот (amicus curiae) во оваа судска постапка за заштита од дискриминација. Amicus curiae или пријател на судот е професионално лице, организација или тело кое не е странка во судска постапка, но со својата експертиза, искуство и информации во одредена област може да го советува судот за одредена правна материја, која е предмет во судска постапка.
Комисијата, како професионално тело за еднаквост, даде толкување на членовите од Меѓународната конвенција за правата на лицата со попреченост кои се однесуваат на соодветното приспособување, општа пристапност, еднаквост и недискриминација vis a vis пристапот до гласачките места и овозможување лицата со попреченост да го остварат правото на глас, како дел од учеството во политичкиот и јавниот живот. Дополнително, Комисијата во овој поднесок направи и краток преглед на судската пракса на Европскиот суд за човекови права во предмети во кои судот утврдил дискриминација врз основ на попреченост, заради необезбедно соодветно приспособување.
Коалицијата за сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници МАРГИНИ Скопје, застапувана од адвокат Наташа Бошкова побара да се вклучи како замешувач во оваа постапка. Имено, Коалицијата МАРГИНИ е членка на Мрежата за заштита од дискриминација, ја координира и застапува за измени со цел унапредување на антидискриминациското законодавство во државата, овозможува правна помош и стратешко застапување пред судови во случаи на дискриминација, вклучително и за заштита на правото на еднаквост на лицата со попреченост. Основниот граѓански суд во Скопје, имајќи го предвид мандатот и правниот интерес на здружението, го усвои барањето и го прифати вмешувањето на Коалицијата МАРГИНИ на страна на тужителот.
Кратко резиме на целата постапка по поднесување на тужбата
Хелсиншкиот комитет за човекови права, преку адвокат Павлина Зефиќ, на 1 февруари 2021 година поднесе тужба за заштита од дискриминација од јавен интерес (actio popularis). Основниот граѓански суд Скопје на 19.04.2022 година донесе пресуда со која за првпат утврди дека Владата на Република Северна Македонија и Државната изборна комисија (ДИК) сториле директна дискриминација врз лицата со попреченост при остварување на нивното право на глас. Оваа пресуда, во име на тужените органи, беше обжалена од Државното правобранителство на Република Северна Македонија.
Апелациониот суд Скопје на 16.12.2022 година ја укина првостепената пресуда со која беше утврдена дискриминација врз лицата со попреченост при остварување на нивното право на глас и предметот го врати на повторно судење пред првостепениот суд. Во повторената постапка, Основниот граѓански суд Скопје на 31.03.2023 година одлучи дека двата тужени органи сториле директна дискриминација врз лицата со попреченост. По поднесена жалба од Државното правобранителство, Апелациониот суд на 30.10.2023 година ја потврди во целост првостепената пресуда и утврди директна дискриминација со тоа што тужените оневозможиле лицата со попреченост да го остварат нивното право на глас, а со тоа го попречиле и активното учество на лицата со попреченост во политичкиот живот на државата.
1. „Извештај за проверка и проценка на пристапност до избирачките места“ на Државната изборна комисија, Меѓународната фондација за изборни системи, Мисијата на ОБСЕ во Скопје, од 2017 година.
2. „Анализа на политичкото учество на лицата со попреченост“ на Елена Кочоска, со поддршка од Мисијата на ОБСЕ во Скопје, од 2017 година.
3. Препораки до РСМ на Комитетот на ООН за правата на лицата со попреченост, од 2018 година.