„Политики на страв: родот, сексуалноста и десниот популизам денес“ – потребни се нови стратегии за борба со антродовите движења
На 29 март, во културно- социјалниот центар „Комитет“ се одржа конференцијата насловена „Политики на страв: родот, сексуалноста и десниот популизам денес“, која е дел од проектот „Зајакнување на овозможувачката средина за ЛГБТИ заедницата“ што го спроведува Хелсиншкиот Комитет за човекови права / ЛГБТИ Центарот за поддршка во партнерство со Коалиција Маргини, а финансиски е поддржан од Британската амбасада во Скопје.
Во последниве години, сведоци сме на наплив на десничарски популистички движења кои капитализираа од стравовите од миграцијата, глобализацијата и културните промени. Овие движења често ги користат родот и сексуалноста како клучен дел од нивната реторика, врамувајќи ги прашањата како што се репродуктивните права, ЛГБТИК+ правата и родовата еднаквост на начини кои поттикнуваат страв и поделеност во општеството. Истовремено, очигледен е и глобален бран на анти-родови мобилизации, кои се обидуваат да ги уназадат придобивките од родовата еднаквост со напад врз правата на жените, ЛГБТИК+ правата и репродуктивните права. Овие движења користат различни стратегии, од онлајн вознемирување, дезинформации и манипулативни реторики до законски и политички промени.
Во воведниот дел на конференцијата се обрати Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншкиот комитет, која рече дека не ни претпоставувала дека овој настан ќе се случува во „време кога се наоѓаме повторно во ситуација да се браниме од разни чинители што се против законите за кои се залагаме, а претставуваат чекор напред за еднаковост на сите оние кои се различни во нашето општество. Деновиве, црквата се појавува на голема врата и станува повторно релевантен чинител за донесувањето на Законот за родова еднаквост. Тоа значи дека ќе започне третатата крстоносна војна помеѓу граѓанскиот сектор и владата, од една страна и црквата од другата страна“, рече Пировска. Таа истакна дека иако изгледало дека таа битка е завршена и дека нема веќе да ни влегуваат во спалната соба, во нашето тело и на никаков начин да ни ги ограничуваат правата, сепак најголемото разочарување е што досегашните и поранешни сојузници во борбата за еднакви права на сите во ова општество, одеднаш, се повлекуваат и заради партиски интереси или лични уверувања заземаат сосема поинаква позиција. „Тоа е многу опасна работа и многумина од нас на свој грб почувствуваа што значи да се бориш со десниот популизам и како тој влијае врз сите политики, особено социјалната политика и политиките што влијаат врз нашиот секојдневен живот. Верувам дека денес може да бидеме и појасни и погласни во спротивставувањето на она што се случува и овојпат да бидеме остри и непокорни, кога станува збор за нашиот живот, нашето тело, нашаата приватност, нашата слобода“, порача Пировска.
„Овој настан го гледам како можност, меѓу нас, луѓето што споделуваме слични визии, да поразговараме за неколку предизвици со кои се бориме, ама и ќе продолжиме да се бориме. Ова конференција е и за тоа да поразговараме кои се новите, современи предизвици поврзани со антиродовите мобилизации во земјата, Ако кажеме дека порадикално се’ почна во 2020 година по најавената образовна реформа, денес, може да изброиме речиси три изгубени битки на нашата страна. Првата е стопирањето на образовната реформа, втората е Законот за матична евиденција, односно правното признавање на родот и она што, за жал сме сведоци, е намалувањето на можностите за донесувањето на Законот за родова еднаквост. Ви с’ржта на аргументите против се токму овие политики на страв и дискусијата за семејството, бидеќи следува донесувањето на Законот за семејство кој дополнително ќе ги отвори овие дискусии, а веќе има најави дека тој ќе се менува“, рече Ирена Цветковиќ, извршна директорка на Коалиција Маргини.
Во првот панел кој го модерираше Сара Миленковска, насловен „Кој може да има семејство? / Како десниот популизам ги ремоделира социјалните политики?“, Славчо Димитров ја постави појдовната теза дека сексуалноста и родот е прашање на политичка борба, а не прашање на морализација, „што значи и историско расклопување на нееднаквоста, размислување за тоа како сме стигнале овде и сега и дека тоа прашање подразбира една радикална и она што денес се нарекува, интерсекционална перспектива на прашањето. Она што е исклучително важно и јас одговорно тврдам дека приќината за тоа зошто сме на ова дереџе на кое што сме е отсуството на каква било јасна, децидна политичка и идеолошка позиционираност на активизмот, на кативистите и воопшто на женското движење. Тоа женско движење во Македонија отсекогаш, од самите почетоци имаше проблем да се декларира како феминистичко движење што значи дека ние мора да имаме јасна идеолошка позиционираност. Прашањето на класата, на класната нееднаквост, економската експлоатираност е нужно испреплетено со прашањето на сексуалната нееднаквост и родовата нееднекваст и прашањето на семејството секако е тесно поврзано со овие различни аспекти“. Димитров потсети на неговото истражување (заедно со Ана Блажева) каде претставничките на ранливи групи, текстилните работнички од Велес и Штип имаат нула доверба во институциите на системот и семејството е навидум последното безбедно прибежиште.
Викторија Боровска (Институт за општествени и хуманистички науки – Скопје) говореше за своето истражување на мајчинството како биолошка и социјална улога. Поточно на „мајчинскиот инстинкт“, општо прифатен термин за кој во текот на истражувањето, од испитаничките добил најразлични дефиниции. Таа се осврна на различните видови мајчинство и татковство.
Драгана Дрндаревска, правна советничка од Коалција Маргини зборуваше за институцијата брак кој дефиниран како заедница помеѓу една жена и еден маж е во функција на одржување и промовирње на патријахатот и семејното насилство како највидлив пример за тоа. „Во вакви услови кога правото на семејство е дефинирано преку бракот и репродукцијата тогаш тоа право го уживаат само оние кои веруваат во овој начин на живот. Оттука да се верува во нешто станува услов за стекнување и уживање на основно право. Наспроти бракот сметам дека треба да се застапуваме за признавање и гарантирање на право/слободата на интимно здружување кое во својата суштина го има правото на приватност, правото на здружување како политичко право. И семејството треба да се дефинира преку пработо на интимно здружување и да се предвиди рамка да се заштити најдобриот интерес на децата во рамки на оваа заедница“, рече Дрндаревска.
Давид Тасевски од Скопски Квир Центар зборуваше за своето искуство како клинички психолог низ кое дошол до сознанијата за нашето општество како длабоко дискриминаторско. „Различни религии, различни држави имаат различни правила, затоа кога се зборува за семејството треба да се се зборува исклучиво од аспект на науката и на човековите права. Законите се измислени да бидат во функција на луѓето и дискриминаторски е да се одбива да се направи закон за потребите на граѓаните“.
Вториот панел кој го модерираше Калиа Димитрова од платформата „Медиуза“, беше насловен „Војни против родот / Ефекти од антиродовите мобилизации врз општеството и заедниците“ и на почетокот Андријана Манчева Папиќ од ХЕРА ги соопшти податоците кои само ја потврдуваат потребата од Сеопфатно сексуално образование, што како пилот програма беше воведено во едно полугодие во деветто одделение во две училишта. Папиќ посочи дека во земјава има три пати повеќе малолетничка бременост отколку во земјите на ЕУ, младите соопштуваат дека порано го имаат својот прв сексуален однос, само 14 отсто од младите на возраст од 20 до 24 години користат некое контрацептивно средство, а прашање кое многу значајно е и менталното здравје на младите. Тие на возраст од 15 до 18 години се најизложени на насилство. „Наспроти неподговеноста на општеството да зборува за овие теми, мора да кажам дека ССО не е волшебно стапче тоа е само делче од целиот системски пристап што треба да се употреби за да малку се поместат работите. Освен тоа, од какви било образовни реформи, резултатите ќе може да ги видиме за најмалку 10 до 20 години. Антиродовите движења, наводно загрижени за своите деца ги поставуваат работите црно бело и никогаш нема да ги слушнете да се осврнат на овие податоци, како да нивните деца да не одат во училиште и како да ги имаат сите одговори, а најголемото зло за нив се трансродовите лица“.
Марина Тунева, независен истражувач на медиумите нагласи дека за шрирењето на дезинформациите и лажните вести во оваа сфера улога има и апатијата и непрофесионалноста на медиумите. „Ме разочарува фактот што кај медиумите постои една голема индиферентност, апатичност, незаинтересираност да се реагира, неучество во јавниот дискурс, неспротивставување на она што се шири , а знаат колегите точно кои се матриците на ширење на стереотипи, предрасуди, дискриминација, говор на омраза – знаат, но не се спротивставуваат на тоа. Второ, има еден круг на експерти кои се лесно достапни за медиумите и многу често ги гледаме на малите екрани или ги читаме и нивното мислење станува факт. Никој не го преиспитува, никој не го деконструира тоа што ќе се каже. Ќе се испокараат на некоја дебата и тука се’ завршува. Негативните последици се мнигу поголеми од социјалните мрежи и непрофесионалните портали. Антиродовите движења имаат свои стратегии и медимуите им овозможуваат простор да ги пласираат своите ставови, намерно или не. Сите ние како активисти и како медиуми треба критички да се спротивставиме на тие појави“, рече Тунева
Мила Царовска, поранешна министерка за образование и претставничка на Асоцијацијата за одржлив и инклузивен развој СИГА, нагласи дека треба да се напуштат разговорите за разочараноста, туку да се продолжи со битките. „ Не се засегнати само женските права, ова е напад врз демократијата, демократските институции и човековите права. „Кај нас, сведоци сме на ова последните неколку години, но светот поодмна се бори со овие движења. Тие ги користат алатките на демократијата против демократијата и создаваат илузија во општеството. Тоа е највидливо во образовната реформа, но во суштина тие процеси – барање за учество, барање да искажат свој став, да бидат консултирани успеаја да мобилизираат широка маса да им се придружи и да ги поддржи. Зошто? Затоа што создавааат морална паника. Во момент кога имате население кое нема демократски капацитети, ниту институции кои што имаат целосен демократски капацитет – нашите граѓани во оваа кревка демократија лесно потпаѓаат на манипулација. Не отстапивме, но видовме дека тоа може да трае додека трае мандатот на еден политичар, потоа се враќа се’ во една позиција на лер и ние ги губиме позициите како луѓе што веруваат во демократија, во човекови права, родова равноправност, во права на сите групи на граѓани. Што понатаму? Како од позиција на маргинални да станеме фактор. Гледаме дека политичката сцена е под влијание на религиските и верските институции, на широките маси, немаме јасна идеологија, а се ретерира од некои уставно загарантирани права. Сето тоа создава нова позиција за граѓанскиот сектор. Ние треба да се преброиме зашто стануваме маргинални, заслепени од својата рационалност и чувството дека сме во право и дека вистината секако ќе излезе на виделина. Не, таа нема да излезе ако не ја кажеме. Денес граѓанскиот сектор е обвинет дека неточно ја претставува владејачката структура. Денеска има пратенички во парламентот кои ги хранат мажите пратеници со тоа дека ние како граѓански активисти претеруваме и дека сликата не е таква. Тогаш имате игнорирање на граѓанскиот сектор, а антиродовите движења го заземаат просторот. Решенијата се неколку – потребни се нови наративи околу кои ќе се создаде емоција и создавање на алијанси со политички структури кои ќе застанат на наша страна“, рече Царовска..
Ирена Цветковиќ на крајот на дискусијата потенцираше дека антиродовите движења се антидемократски и имааат генерални реперкусии а не само врз маргинализираните заедници и влијаат на расцепкување на демократијата и колективот и она што е идеја за колективно добро или општество. „Она што е клучен ефект на десните популизми е поларизацијата, сведување на општеството на две апсолутно спротивставени групи. Клучниот ефект е она што ние денес го живееме – намалена доверба и дијалог меѓу различните групи во општеството, треба да бидеме свесни дека не постојат две групи во општеството, постојат различни ставови и гласови во однос на секое прашања. Тука улога имаат медиумите и најгледаната емисија која креира кавга и скандал и кликови кои понатаму носат пари, тогаш немате јавен дискурс туку спектакл. Тоа води кон недостиг на критичко мислење, отвореноста за критиката, немањето капацитет да се слушнеме и со тоа неможност за компромис. Втората работа е креирањто на атмосфера на страв и несигурност, од кое што повторно капитализираат медиумите на најлош можен начин од оваа атмосфера на страв и несигурност и една ургентност и паника затоа што тоа носи до кликови и гледаност, наместо да се зафатиме со една тема. Креирањето на атмосферата ургентност е стратегија за да се создаде чувството на немањето на систем и неспособност на институциите“.
По конференцијата се одржа онлајн предавање и разговор со учесниците на конференцијата со Рут Пиерс (Ruth Pearce), а на крајот „Meduza Talks“ на тема „Мајчинство и неплатен труд“.