март 22, 2023

Случаите на Хелсиншкиот комитет се елаборирани во извештајот на амерканскиот Стејт департмент за состојбата со човекови права во 2022 година

Годишниот извештај на американскиот Стејт департмент за состојбата на човековите права во Северна Македонија за 2022 година нотира дека властите преземаат мерки за подобрување на состојбата со човековите права, но и натаму има веродстојни извештаи за нечовечко и понижувачко постапување и пренатрупаност во одредени затворски одделенија, насилство и закани за насилство врз новинари, сериозна владина корупција, недостаток на одговорност за родово и семејно насилство и насилство и закани кон ЛГБТ популацијата.

Извештајот на Стејт департментот ги елаборира наодите на Хелсиншкиот комитет за човекови права во неколку области: лошата состојба во затворите, случајот со новинар повикан на распит, нападот на ЛГБТИ активист, говорот на омраза против припадниците на ЛГБТИ заедницата, како и дискриминацијата врз лицата со попреченост во нивното остварување на избирачкото право.

Извештајот на Европскиот комитет за спречување на тортура и нечовечко или понижувачко постапување или казнување (КПТ) забележа лошо управување со затворите, ендемска корупција меѓу затворскиот персонал, насилство меѓу затворениците, несоодветна здравствена заштита и лоши услови за живеење(особено во Идризово).

Како што се наведува во Извештајот, наодите на Хелсиншкиот комитет за човекови права и Македонското здружение на млади правници (МЗМП) во Идризово се слични со оние на Народниот правобранител и КПТ и ги потенцира наводите на организациите дека осудените лица кои се наоѓаат во одделението со висок безбедносен ризик чуваат ножеви во своите соби, наводно оправдани поради отсуството на трпезарија.

Во делот за независно мониторирање се посочува дека Владата на Хелсиншкиот комитет за човекови права и МЗМП им дала неограничен пристап до казнено поправните установи  и осудените лица

Имено, во периодот од декември 2021 до мај 2022 година, , Хелсиншкиот комитет и Македонското здружение на млади правници спроведоа три редовни посети на три различни казнено поправни домови. Во периодот од јуни до ноември 2022 година, Хелсиншкиот комитет за човекови права и Македонското здружение на млади правници спроведоа 11 посети на казнено-поправни установи и воспитно поправната установа и обезбедија правна помош на вкупно 103 осудено лице.

Во делот на Извештајот за почитување на граѓанските слободи, се посочува на случајот на кој алармираше и Хелсиншкиот комитет. Имено, на 16 мај, полицијата повика новинар на „информативен разговор“, наводно постапувајќи по жалбата поднесена од функционер од Министерството за правда, кој бил вмешан во делото. ЗНМ, Самостојниот синдикат на новинари и Хелсиншкиот комитет го осудија случајот и побараа соодветни мерки од надлежните. Министерството за внатрешни работи и Министерството за правда отворија интерни истраги за постапувањето на инволвираните службеници и на службеното лице кое ја поднело пријавата. Меѓутоа, на крајот на јули, Министерството за правда ја отфрли жалбата, наведувајќи дека нема основа – се наведува во извештајот на Стејт департментот.

Во делот „Дела на насилство, криминализација и други злоупотреби врз основа на сексуална ориентација, родов идентитет или изразување или полови карактеристики“ се елаборира случајот кој го следеше Хелсиншкиот комитет: Едно ЛГБТИ лице, кое беше и претседател на локална организација на ЛГБТИ+, изјави  дека бил предмет на физички напади врз основа на омраза во три одделни прилики. Тој поднел три кривични пријави до надлежните органи, поткрепени со докази за физички повреди.  Граѓанските организации се приклучија на апелот на активистот до властите целосно да ги истражат нападите и да ги казнат сторителите во согласност со законот. Хелсиншкиот комитет за човекови права побара од Основното обвинителство во Струмица уредно да го истражи нападот што и се случи во рамки негова надлежност, што е наведено и во извештајот на Стејт департментот.

Во поглавјето на Извештајот „Лица со попречености“ се вели дека лицата со попреченост немаат пристап до образование, здравствени услуги, јавни згради и превоз на еднаква основа. Иако Уставот и законите ги штитат нивните права, вклучувајќи го и нивниот пристап до образование, вработување, здравствени услуги, информации, комуникации, згради.

Во овој дел, Извештајот на Стејт департментот елаборира дека Хелсиншкиот комитет за човекови права извести и поведе постапка во септември до Основниот граѓански суд Скопје да пресуди дека владата и Државната изборна комисија директно ги дискриминирале лицата со попреченост со тоа што не им овозможиле пристап до некои избирачки места, со што практично им го ускратиле правото на глас. Судот им наложи на властите да ги направат потребните измени пред следните избори.

Основниот граѓански суд ја донесе оваа пресуда откако Хелсиншкиот комитет за човекови права, преку адвокат Павлина Зефиќ, на 1 февруари 2021 година поднесе тужба за заштита од дискриминација од јавен интерес (actio popularis). Постапката беше водена во рамки на проектот „Поддршка на Северна Македонија во унапредување на владеењето на правото и човековите права”, кој Хелсиншкиот комитет за човекови права во 2020 година го спроведуваше со финансиска поддршка од Мисијата на ОБСЕ во Скопје.