Погрешно и дискриминаторско толкување на одредбите за исплата на регрес за годишен одмор од страна на претседателот на Организацијата на работодавачи.

април 11, 2018

Хелсиншкиот комитет за човекови права остро реагира на изјавата на претседателот на Организацијата на работодавачи, Ангел Димитров, во однос на толкувањето на одредбите од Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството, кои се однесуваат на исплата на регрес за годишен одмор за работниците кои користеле породилно отсуство, кои во Република Македонија се најчесто жените.

Во изјава за медиуми дадена на 06.04.2018, Димитров дава погрешно и произволно толкување на одредбата од чл. 35 од Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството (Службен весник на РМ број 115/2014 од 01.08.2014 година) согласно која „работникот има право на надомест на трошоци поврзани со работа меѓу кои е и правото на регрес за годишен одмор во висина од најмалку 40% од основицата, под услов работникот да работел најмалку 6 месеци во календарската година кај ист работодавач”. Имено, Димитров вели дека замислата при креирање на оваа одредба како услов за користење на правото да паричен надоместок за регрес на годишен одмор, била “работниците да доаѓале активно на работа 6 месеци”, иако во самиот колективен договор воопшто не е така регулирано. Ова е апсолутно погрешно толкување на оваа одредба од колективниот договор за приватниот сектор, со што се предизвикува правна несигурност. Потенцираме дека породилното отсуство во никој случај не може да се смета за прекин на работниот однос кај работодавачот,за одново започнување на работен однос или за “неактивно работење” и да биде причина за неисплата на регрес на годишен одмор за работниците/чките кои го искористиле правото на породилно отсуство. И самиот термин породилното отсуство или како што е уредено во законот „Отсуство од работа поради бременост, раѓање и родителство” укажува дека се работи за отсуство, а не прекин на работниот односи никако не смее произволно да се толкува. Впрочем, работниците кои користат породилно отсуство не го губат правото на годишен одмор, кое пак е тесно поврзано со исплатата на регресот. Оттука нејасно е како и врз основа на која одредба работничките кои користеле породилно отсуство и одмор во една календарска година, не може да остварат право на регрес за годишен одмор.

Дополнително ваквото толкување на претседателот на Организацијата на работодавачи и најавата дека во ревидирањето и менувањето на одредбите од колективниот договор, ќе се “прецизира” членот 35 со поставување на услов работникот 6 месеци активно да доаѓал на работа кај ист работодавач, дополнително се зголемува дискриминаторскиот карактер на толкувањето на оваа одредба од колективниот договор и прекршување на начелата за еднакви можности и третман на мажите и жените гарантирани со Уставот и законите, земајќи предвид дека најголем дел од работниците кои користат породилно отсуство се жени, па ваквото толкување претставува индиректна дискриминација врз основа на пол и род.

Хелсиншкиот комитет и претходно апелираше за регистрираните случаи на различна и невоедначена примена на одредбите од колективниот договор за стопанството кои се однесуваат на регресот на годишен одмор од страна на Државниот инспекторат за труд. Имено, во дел од случаитеиницирани по пријави до трудовиот инспекторат испратени од Хелсиншкиот комитет по однос на неисплата на регрес за годишен одмордел од инспекторите сметаат дека правото на регрес на годишен одмор им следува на работничките кои користеле породилно отсуство. Од друга страна, во дел од случаите инспекторатот утврдил дека на работничките кои во текот на календарската година користеле породилно отсуство не им следува регрес за годишен одмор со исто „оправдување” и толкување на одредбата од член 35 од Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството, како толкувањето на претседателот на Организацијата на работодавачи.

Од овие причини Хелсиншкиот комитет апелира на правилна примена и толкување на Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството од страната на Организацијата на работодавачи и исплата на регрес за годишен одмор на работничките и работниците кои користеле породилно отсуство. Во спротивно, доколку продолжи невоедначената пракса за исплата на регрес за годишен одмор и дискриминаторски тренд кон работничките и работниците кои користеле породилно отсуство, ќе бидат поднесени основани тужби за заштита од дискриминација врз основа на пол и род.