Поднесена кривична пријава за фатална несреќа на работно место, констатирани низа пропусти кај работодавачот
септември 3, 2019
Реагирајќи на вест пренесена во медиумите за несреќа со смртни последици на работник на објект во индустриската зона на патот Струга-Ќафасан, Хелсиншкиот комитет за човекови права на 30 јули 2019 година се обрати до Државниот инспекторат за труд со барање за информации за овој случај.
Со оглед дека станува збор за повреда на работно место, а под претпоставка дека се прекршени одредби од Законот за работни односи и Законот за безбедност и здравје при работа, Комитетот побара одговор за извршениот инспекциски надзор и евентуалните неправилности.
Во добиениот одговор е наведено дека ДИТ излегол на терен веднаш по несреќата и констатирал дека работникот В.С. (48) од Скопје изведувал кровопокривачки и лимарски работи, при што паднал од висина од околу осум метри и набрзо потоа починал во Општата болница во Струга. ДИТ констатирал дека над починатиот работник не бил извршен здравствен преглед за работа под посебни услови, ниту соодветна обука од областа на безбедност и здравје при работа. Понатаму, до подрачната единица на ДИТ не било доставено известување за започнување на градежни работи и План за безбедност и здравје при работа, што е обврска од Правилникот при работа на привремени градилишта. Исто така, не била извршена проценка на ризик на работни место (монтажер на панели) и не била изготвена изјава за безбедност со која се прецизира начинот и мерките кои треба да се преземат.
Констатирајќи ги сите неправилности, од страна на Инспекторатот е поведена кривична пријава против изведувачот како правно лице и против одговорното лице во правното лице. Поведена е и прекршочна постапка од втора категорија согласно член 23 точка 2 од ЗБЗР.
Со оглед на големиот број несреќи на работно место во нашата земја и честите фатални исходи на несреќите на градежни локации, го поздравуваме брзото постапување на ДИТ во овој случај и очекуваме негово соодветно процесирање пред останатите надлежни институции. Истовремено, апелираме до работодавачите доследно да ги почитуваат законите и правилниците со кои се обезбедуваат безбедни работни услови, како единствен начин да се превенираат вакви и слични инциденти.