Поддршка за вработените во Веибо Груп
Хелсиншкиот комитет за човекови права ја изразува својата поддршка на 200-те работнички и работници кои 15 дена штрајкуваат за неисплатени плати и придонеси на плати од фабриката за текстил Веибо Груп. Имено, според сознанијата на здружението Гласен текстилец од Штип, на работниците не им се исплатени плати и придонеси за последните месеци, а од фабриката им било најавено дека ќе бидат одјавени. Во оваа компанија, според сознанијата на Гласен Текстилец, прекршувањето на работничките права на вработените започнало уште пред една и пол година, во вид на отпуштања на бремени жени, мобинг, неплатена прекувремена работа, договори од еден месец кои јасно им даваа до знаење на работниците дека тоа е дисциплински ефект за никој да не се побуни дека им се прекршувани нивните основни човекови и работнички права. Ситуацијата кулминирала во декември 2017та кога менаџментот го исклучил електричното напојување на фабриката и на околу 100тина работници не им биле продолжени договорите за работа. Работниците се повикаа на правото на штрајк и си ги бараа платите кои постојано доцнеа и се движеа до 10.000 денари со што компанијата го кршела и законот за минимална плата. Од средината на јануари биле пуштени на колективен одмор и било најавено дека останатите работници ќе продолжат со работа од 1ви февруари. Меѓутоа, тоа не се случило, напротив, на 31ви јануари работниците добиле известување од раководните лица дека фабриката се затвара, а менаџментот нема финансии за да им исплати плати и придонеси за ноември и декември 2017та и јануари 2018та година, иако според работниците фабриката редовно извезувала и добро работела.
Хелсиншкиот комитет апелира Државниот инспекторат за труд по службена должност да изврши вонреден инспекциски надзор, да ги констатира недостатоците и неправилностите кај работодавачот и да го задолжи да им ги исплати неисплатените плати и придонеси на работничките и работниците.