Платформата „Лице в лице“ и Борче Стаменов се добитници на државната награда „Мето Јовановски“ за човекови права
На Меѓународниот ден на човековите права, 10 декември, во Собранието на Република Северна Македонија свечено беа доделени државните награди „Мето Јовановски“, највисокото признание за долгогодишни остварувања во областа на промоцијата, заштитата и унапредувањето на човековите права.
„Гордост и чест е што државната награда за човекови права е именувана „Мето Јовановски“ по нашиот писател и активист, кој беше и остана запаметен како неуморен борец за заштитата на човековите права. Тој беше претседател на македонскиот ПЕН Центар и прв претседател на Хелсиншкиот комитет за човекови права и со својот труд и енергија остави огромен белег што не’ поттикнува сите нас да продолжиме да работиме. Сведоци сме какви прекршувања на човековите права има вчера, денес, а ќе има и утре и токму поради тоа треба се’ повеќе луѓе да се залагаат за човековите права. Улогата на активистите е клучна во таа борба, таа е повеќе од исклучителна во процесот на влијание врз јавната свест. Годинешните добитници, Платформата за одржлив развој „Лице в лице“ посветена на одржливиот развој, социјалната правда, еднаквост, демократија и хуманост и на Борче Стаменов од иницијативата „Донирај компјутер“ од Кавадарци, кој собира расипани лаптопи и компјутери и од нив создава нови донирајќи им ги на социјално загрозени семејства, со своите активности целосно ја заслужуваат оваа висока државна награда“, рече Александра Цветановска, претседателка на Организациониот одбор за доделување на наградата „Мето Јовановски“.
Од името на платформата „Лице в лице“ се обрати Маја Раванска која рече дека човековите права се во сржта на мисијата на „Лице в лице“.
„Принципите на еднаквост, праведност, на достоинство се суштината на нашето постоење, на нашето делување. Во нашето досегашно 12 – годишно постоење се застапувавме за многу важни теми во нашето општество, меѓу кои правото на работа“ рече Раванска . За уличните продавачи на списанието, кои доаѓаат од најранливите општествени групи, рече дека кога пред 11 години првпат почнале во кафулињата на Дебар Маало да го продаваат списанието, се чувствувале рамноправни со оние на кои им го нуделе.
„Тие знаат дека в раце имаат производ со додадена вредност, кој освен што им носи заработка, значи и зајакната самодоверба, чувство дека вредат, дека се дел од системот, и можат да придонесуваат, а не да бидат негов товар“.
Лице в лице“ постои од 2012 година и вклучува повеќе од 150 продавачи на списанието, што е пионерски чекор во социјалното претприемништво во земјава. Се залага за правата на загрозените и за демаргинализирање на групи и поединци и нивно вклучување во општеството, промовирајќи позитивни животни приказни. Списанието, кое се печати на рециклирана хартија, а од 2020 е достапно и во дигитална верзија, прерасна во алатка за застапување и за комуникација при подигнувањето на свеста кај јавноста за општествено важни теми.
„Лице в лице“ значајно влијаеше и за измени на Законот за матична евиденција ова лето кои, рече Раванска, дојдоа предоцна за нивниот продавач Мемет кој почина во болница без матичен број.
„Ова поттикна лавина од реакции, но и делувања. Влијанието значеше крај на повеќедеценискиот предизвик на т.н. лица „фантоми“, граѓани на земјава кои се без единствен матичен број и без државјанство. Сето ова, целата оваа борба ја работевме „на мускули“, волонтерски, но борбата не беше залудна. Нашиот Валентин Ракип, кој овде, во Собранието, денеска влезе со неговата лична карта, зајакнат од неговата социјална менторка Магдалена и целиот тим кој стои зад програмата Менторство за работна интеграција, стана гласноговорник на лицата без матичен број и без државјанство. Затоа, за нас тој е лицето за оваа државна награда“, истакна Раванска.
Награда „Мето Јовановски“ му беше врачена и на Борче Стаменов од Кавадарци кој прави нови компјутери од делови од стари и расипани и им ги донира на ученици од социјално загрозени семејства. Првиот компјутер го донирал во декември 2016 година, а неговата мисија беше особено важна во периодот на пандемијата, во период кога МОН објави дека 40 илјади деца се без компјутер за онлајн-настава.
„Донирај компјутер“ има работилници во Кавадарци, Скопје и Штип и им овозможува на младите бесплатно образование преку пракса каде што компјутерите се поправаат. Еден од аспектите на неговата работа е и во тоа што придонесува за продолжување на животниот век на навидум застарената технологија со што се намалува електронскиот отпад.
Примајќи ја наградата, Стаменов рече дека Обединетите нации неодамна го прогласија пристапот до интернет за основно човеково право и дека наградата што ја тој ја добива е и прослава за колективниот напор во „Донирај компјутер“ за надградба на тие човекови права.
„Во изминатите седум години имав привилегија да донирам околу 2700 компјутери на социјално загрозени семејства и во опремување на 40 кабинети во училници низ цела држава. Со ова правиме чекор напред кон премостување на дигиталниот јаз. Од прва рака бев сведок на трансформативното влијание што овие донации го имаат врз поединците и заедницата“, рече Стаменов.