Платформа за родова еднаквост: Функцијата градоначалник на општината не е да прави поделби во граѓанското општество на „послушни“ и „непослушни“ организации, туку да работи за доброто на сите граѓани
Ние, членките на Платформата за родова еднаквост, сме згрозени од последната заканувачка реторика на градоначалникот на Општина Струмица, Костадин Костадинов, кон граѓанските организации кои не се согласуваат со неговото практикување на функцијата градоначалник. Костадинов, преку јавно изразениот став на неговата официјална страна на социјалните мрежи на 21.06.2023 година, се заканува со вето и ништовност на соработка со граѓанските организации кои имаат критички став кон последните случувања на територијата на општина Струмица. Ваквиот наратив за ставање вето на соработката со „неистомислениците“ во граѓанскиот сектор кои се залагаат за унапредување на родовата еднаквост и почитување на основните човекови права создава дополнителна поларизација помеѓу граѓаните и поттикнува говор на омраза, насилство и нетолеранција. Сакаме да го потсетиме градоначалникот дека ваквата реторика на „подобни“ и „неподобни“ граѓански организации беше главен политички инструмент на минатиот автократски режим на владеење, против кој сите се боревме за да ги ослободиме граѓаните и институциите, со верување дека никогаш повеќе нема да се повтори. Еднаквоста, рамноправноста и демократичноста се принципи кои секој избран носител на јавна функција е должен да ги почитува и негува, а не да практикува принцип на исклучување кога некои граѓани или граѓански организации немаат ист политички став како неговиот.
Верувањето во Бога и верската определба е личен и приватен став на секој граѓанин. Ние, граѓанските организации, не го оспоруваме правото на верска определба на ниту еден граѓанин, ниту пак на градоначалникот Костадинов. Меѓутоа, како избран од граѓаните и носител на јавна функција, градоначалникот не е избран на оваа функција заради верувањето или неверувањето во Бога, туку заради решавање на локалните проблеми на сите граѓани и за подобрување на нивниот квалитет на живот. Повикот за поделба на организациите на „подобни“ и „неподобни“ ги крши законските овластувања на градоначалникот за вклучување на сите заинтересирани страни во креирањето и спроведувањето на локалните политики, а особено ја загрозува слободата на изразување и критичката мисла на оние кои размислуваат поинаку од него. Градоначалникот на општина Струмица со својот натпис само поттикнува уште поголема нетрпеливост и омраза кон граѓанските организации кои не се согласуваат со неговиот интимен и личен став за верата, а на кој не му е место во градоначалничката функција. Сметаме дека градоначалникот, како носител на јавна функција, не треба да одговори со напад кон секоја на конструктивна и добронамерна критика и со донесување на одлуки кои се спротивни на социјал-демократијата.
Го повикуваме градоначалникот на општина Струмица да се воздржи од понатамошни критики кон граѓанските организации кои се борат за унапредување на родовата еднаквост, како основно човеково право и една од најголемите демократски вредности на секое општество. Укажуваме дека ваквите негови настапи само може уште повеќе да поттикнат омраза и насилство кон различните и маргинализираните групи, а за кои градоначалникот е должен да ја обезбеди нивната безбедност и живот. Тие се чекор назад во демократијата и приближувањето кон ЕУ и не и носат никакво општествено добро на нашата земја.
Почитувањето на правата на секоја личност и практикувањето на партиципативната демократија е основа за развој на секое демократско општество, а правото на партиципативна демократија е загарантирано со Уставот на земјата. Оттука, повторно нагласуваме, Законот за родова еднаквост не е против ниту еден граѓанин, децата и семејствата, ниту пак со истиот се одземаат нечии права, туку вклучува подобри институционални механизми за унапредување на положбата на жената, еднаквост на жените и мажите во остварувањето на својот личен, социјален, економски и општествен потенцијал. Законот е за подобро утре за жените, децата, за демократијата, за еднаквоста во општеството.
Платформа за родова еднаквост
Членки:
1. Tiiiit! Inc.
2. Бори се женски
3. Женска граѓанска иницијатива АНТИКО
4. Здружение женски форум
5. Здружение за еднакви можности Семпер
6. Здружение за локален рурален развој
7. Здружение за поддршка на маргинализирани работници СТАР-СТАР Скопје
8. Здружение за унапредување на родовата еднаквост Акција Здруженска
9. Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ
10. Здружение за едукативен развој ЕКВАЛИС
11. Институтот за општествени и хуманистички науки
12. Коалиција Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници МАРГИНИ Скопје
13. ЛезФем
14. Мрежа за заштита од дискриминација
15. Национална мрежа против насилство врз жените и семејно насилство
16. Националниот совет за родова рамноправност
17. Организација на жени на град Скопје (ОЖС)
18. Организација на жените на општина Свети Николе
19. Организација на жените “Кумановка“
20. Организација на жени од Струмица (ОЖС)
21. Реактор – Истражување во акција
22. Рурална Коалиција
23. Стела
24. ТАКТ
25. Хелсиншки комитет за човекови права
26. Х.Е.Р.А.
27. ХОПС – Опции за здрав живот Скопје
28. Хуманитарно Здружение „Мајка“
29. Центар за истражување и креирање политики (ЦРПМ)