Пировска: Меѓу многуте политички затвореници во Македонија има и новинари
октомври 16, 2014
Невладината организација ,,Цивил‘‘ и Фондацијата ,,Фридрих Еберт‘‘ – канцеларијата во Скопје ја организираа дискусијата на тема „Слобода на говор и медиуми во Македонија: Предизвици и решенија“ во среда, 15 октомври, во ГЕМ Клуб (Скопје, Стара Чаршија). Специјален гостин на овој настан беше г. Кристијан Мир, Извршен директор на Репортери без граници Германија.
На оваа дискусија, извршната директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права Уранија Пировска имаше излагање и интегралниот текст од истото ќе биде пренесено во продолжение.
‚‚Бидејќи неколку пати беше спомнат Извештајот за напредокот и беше покажано задоволство за тоа дека во годинешниов Извештај се критикува Владата на Р. Македонија и се истакнува на нивото на кое се наоѓа слободата на изразувањето и на медиумите, јас морам да истакнам дека воопшто не сум задоволна, особено од речникот кој што се употребува во извештајот, нешто што со години наназад го истакнувам кога станува збор за овие извештаи.
Ние тука не зборуваме само за типичен случај на повреда на правото на слобода на медиуми или слобода на изразување, особено кога станува збор за случајот Кежаровски. Ние зборуваме за случај на политички затвореник. Извештајот за напредокот на Р. Македонија неколку години наназад, иако од релевантните невладини организации црпи информации за да тој извештај понатаму биде изготвен, во ниту една прилика не истакна дека меѓу многуте политички затвореници во Македонија има и новинари. Да се разбереме, да не се лажеме, Томислав Кежаровски е политички затвореник. Исто така сакам да истакнам, нешто што Еврпската делегација не го прави, дека постојат меѓународни стандарди кога зборуваме за ова право, за остварувањето на ова право и за тоа што значи обврска на државата кога станува збор за слободата на изразување, слободата на медиуми и на индивидуите. Значи, зборуваме за новинарите.
Не случајно постојат неколку случаи на Европскиот суд за човекови права каде судот одлучувајќи,на пример по апликација за новинар, од Австрија, кој што наводно го навредил премиерот нарекувајќи го неморален, опуртунист итн. и бил казнет, одлучува дека е во ред државата да го казни, меѓутоа кога станува збор за политичар, тој треба да биде изложен на поостра критика од страна на граѓаните и на медиумите. Со оваа одлука државата Австрија била принудена да ја укине својата одлука и да му даде морална сатисфакција на новинарот кој пишувал против премиерот. Сличен случај има во Франција и се работи за поранешниот председател Саркози. Судот во своите одлуки не зборува само за тоа дека јавните личности и новинари, поради функцијата која што ја вршат, треба и мора да бидат подложни на поостра критика. Тие одат понатаму и велат: Државите се тие кои преку своите институции треба да ги заштитат новинарите кои могу често се жртви на насилство. Последната одлука мислам дека е со турскиот весник кога станува збор за информирањето на Курдите. Новинарите кои што информирале биле мета на напади. Судот во својата одлука вели дека државата треба да спроведе ефективна истрага и да ги заштити новинарите од таквите напади за да се зачува слободата на информирање.
Она што постојано го истакнуваме како проблем во Македонија е речиси апсолутната окупација на медиумскиот простор од страна на власта. Тоа не е единсвената причина. Ако вие имате ефективен систем и суд кој што ќе одлучува согласно со јуриспреденцијата на Европскиот суд за човекови права, ние немаше да дојдеме до оваа ситуација да новинари бидат казнети затоа што не сакале да го дадат изворот на своите информации. Ние немаше да имаме пресуда како оваа на новинарите на Фокус. Не станува збор само за тоа дека државата ги има окупирано медиумите, ги контролира и држи во рака и ги користи за исполнување на своите политички цели, а да не зборувам и дека се главниот канал за ширење на омраза кое понатаму резултира со дела на омраза. Ние немаме ефективно судство, а имаме доминантна извршна власт, која што тоа го покажа на 24 декември 2012 година, да не зборувам претходно за А1 телевизијата и да не зборувам за мислењето на Франк Ла Ру, специјалнот претставник на Организацијата на Обединетите нации. Токму тој го истакна случајот на Томислав Кежаровски кажувајќи дека не е доволно да се има соодветна законодавна рамка кога имате партизирана и политизирана пракса. Проблемот во Р. Македонија е раширен во повеќе сегменти.
Не станува збор само за тоа дека медиумите се под шаката на власта. Станува збор за судство кое што селективно одлучува под влијание на извршната власт и станува збор за тоа дека ние имаме некојси Совет за радиодифузија во кој според закон треба да има еден член од невладиниот сектор. Таков член не постои. За мене проблемот е покомплексен. И е поврзан со сите состојби во кои власта ги користи институциите на системот за постигнување на своите политички цели, го злоупотребува законодавството и го креира според своите потреби.
Пред извесно време бевме на дебата во НВО Инфоцентар во која се зборуваше за Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда. Еден од учесниците беше и Насер Селмани. Бев запрепастена кога го слушнав како вели дека не треба да трошиме повеќе време на тој закон, тој закон е таков каков што е – добар. Тој закон е донесен за да се засили цензурата и автоцензурата во медиумите. Понатаму слушнав дека судиите почнале да водат сметка кога одлучуваат за случаи во кои се инволвирани новинари. Ако се согласиме дека Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда е добар, тогаш се сложуваме со сè што ни се случува. Ако кажеме дека судот поради еден случај заради чиста козметика донел некаква си одлука што можеби е соодветна, и врз основа на тоа да кажеме дека имаме судство кое е објективно?
Тоа е мојот коментар.‘‘