април 7, 2014

Паушални измени на Законот за спречување и заштита од дискриминација

Во пакетот од закони кои беа усвоени од страна на Собранието на Република Македонија по скратена постапка, беа усвоени и измените за Законот за спречување и заштита од дискриминација, предложени од страна на Министерството за труд и социјална политика. И покрај неопходноста од суштински измени на Законот, Собранието усвои единствено измени кои се однесуваат на критериумите за  избор на членовите на Комисијата за заштита од дискриминација, кои ќе започнат да се применуваат од 13 март 2015 година. Со нив се утврди дека за член на Комисијата може да биде именувано лице  кое покрај останатите услови, треба да има завршено високо образование од областа на човековите права или општествените науки и да има 5 години работно искуство, без притоа да се наведе во која област треба да биде работното искуство.

Според сегашните услови членовите се бираат со работно искуство во областа на човековите права или општествените науки, па оттука се прашуваме на какво работно искуство мислел законодавецот кога ги носел последните измени? Сметаме дека ваквите недоречености оставаат простор за член на Комисијата да биде избран несоодветен кандидат за улогата која треба да ја врши, а со тоа граѓаните да не добијат соодветна заштитата од дискриминација, која се гарантира со овој закон. За споредба би ги истакнале условите за избор на Народен правобранител или пак заменик Народен правобранител, кои освен долгогодишно работно искуство во правните работи, предвидуваат и докажана активност во областа на заштитата на човековите права.

Како дополнителен услов за избор на кандидатот се бара и поседување на еден од меѓународно признатите сертификати или уверенија за активно познавање на англискиот јазик не постар од пет години. И во овој дел сакаме да напоменеме дека постојат недоследности поради тоа што поголемиот дел од наброените сертификати имаат меѓународна важност од две години, па останува нејасно како е утврден рокот од 5 години за важење на овие уверенија и како може таков сертификат да се смета за важечки. Како споредба би го навеле Законот за судовите во кој исто така е определен ваков критериум за избор на судиите, но прецизирано е дека треба да бидат приложени сертификати не постари од 2 години.

Според најновите измени, кандидатите треба да имаат положено и психолошки и тест за интегритет,  кои ги спроведува Агенцијата за администрација за јавните и државните службеници. Земајќи предвид дека Комисијата за заштита од дискриминација е самостоен и независен орган и нејзините членови ги бира Собранието на Република Македонија и истите немаат статус на вработени лица, сметаме дека е законски неосновано истите да полагаат психолошки и тест за интегритет во Агенцијата за администрација.

Мрежата за заштита од дискриминација* уште од самото донесување на Законот за спречување и заштита од дискриминација посочи на многубројните недостатоци на Законот, поради кои истиот  не успеа да им обезбеди ефикасна заштита на лицата кои се жртви на дискриминација по било која основа. Во овој контекст сакаме да напоменеме дека сексуалната ориентација и родовиот идентитет сѐ уште не се внесени како основи за дискриминација во Законот и покрај многубројните препораки од домашните и меѓународните здруженија и институции во овој дел. Особено неефикасна се покажа Комисијата за заштита од диксриминација, која и покрај законскиот рок од 90 дена за донесување на мислење односно препорака, не постапува дури и по изминување на 3 години од добиена претставка. За ваквата состојба особено влијае недостатокот на независност на Комисијата, нискиот буџет и непостоењето на стручен и административно-технички тим.

Се надеваме дека Законот за спречување и заштита од дискриминација повторно ќе биде предмет на измени и дополнувања, но овој пат од суштинаски карактер со цел унапредување на заштитаат од дискриминација. Посочуваме на нужноста ваквите измени и дополнувања да се донесат преку демократски и инклузивен процес каде препораките на домашната и меѓународната експертска јавност ќе бидат земени предвид.

ЛИЦЕ ЗА КОНТАКТ • Нада Наумовска • ++ 389 (0)2 2477 116


*Мрежата за заштита од дискриминација има за цел да развива стратегиско застапување во случаи на дискриминација преку поднесување предмети пред Комисијата за заштита од дискриминација и пред домашните и меѓународните судови. Развојот на домашната практика е поттикната преку обезбедување бесплатна правна помош во стратегиски случаи на дискриминација. Мрежата беше воспоставена во декември 2010 од страна на следните организации: Фондација отворено општество – Македонија; Асоцијација за здравствена едукација и истражување (ХЕРА); ХОПС – Опции за здрав живот; Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија и Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените на Република Македонија (ЕСЕ); РОМА С.О.С. Прилеп; Коалиција „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ и Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА.