Отворено писмо до политичките партии, подносители на листите на кандидат(к)и за Локалните избори 2021

јули 21, 2021

Платформата за родова еднаквост ги повикува подносителите на листите на кандидат(к)и за Локалните избори 2021 да покажат минимум демократски капацитет и да обезбедат родов баланс на изборните листи.

Во моментов имаме само 6 градоначалнички наспроти 75 градоначалници. Овој дисбаланс кој ги рефлектира изборните резултати од 2017 година, е само доследно повторување на традицијата која ги прави жените невидливи во изборите. Жените само декларативно имаат право да бидат избрани и да изберат да бидат претставени. Да потсетиме, на локалните избори во 2013 беа избрани само 4 градоначалнички наспроти 76 мажи градоначалници, а во 1996 и 2009 немаше ниту една градоначалничка.

Значајно и релевантно политичко учество значи минимум застапеност од 40% на жените и мажите во политичкиот и јавниот живот. Како предлагачи на изборните листи, политичките партии се и чувари на портите што го олеснуваат влезот и успехот на поединците во политиката. Потсетуваме дека нема недостаток од квалификувани и искусни жени кои би можеле да преземат политички функции, туку општествени и структурни бариери за нивно вклучување; затоа тие мора да се повидливи и охрабрени да се вклучат во политичката трка.

Особено е важно да се спомене дека и во изборните програми на партиите, најголем дел од партиите ветуваа унапредување на политичкото учество на жените (вклучително и на локално ниво).[1]

Но, и покрај овие заложби, родовата нееднаквост е присутна на речиси сите нивоа на владеење, како на локално, така и во извршната власт каде од вкупно 16 министерства, само 4 се предводени од жени.

Декларативните заложби не ја унапредуваат фактички родовата еднаквост. Само со практични чекори можеме да видиме суштински промени и подобрување на родовата еднаквост во економската, социјалната, политичката и во сите други сфери на општеството.

Ги повикуваме политичките партии да ги одржат своите ветувања и да покажат заложба за родова еднаквост во пракса преку родово-балансирани кандидатски листи на локалните избори еднаква застапеност меѓу кандидат(к)ите значи и еднакви шанси за избор и на жените и на мажите во градоначалничката трка.

 

 

[1] Реактор – Истражување во акција, 2020, Осврт на родовиот аспект во програмите и изборните листи на политичките партии за предвремените парламентарни избори 2020. Достапно на: https://reactor.org.mk/publication-all/%d0%be%d1%81%d0%b2%d1%80%d1%82-%d0%bd%d0%b0-%d1%80%d0%be%d0%b4%d0%be%d0%b2%d0%b8%d0%be%d1%82-%d0%b0%d1%81%d0%bf%d0%b5%d0%ba%d1%82-%d0%b2%d0%be-%d0%bf%d1%80%d0%be%d0%b3%d1%80%d0%b0%d0%bc%d0%b8%d1%82/