декември 21, 2022

Отворен форум за поголеми интернет слободи и дигитални права

Хелсиншкиот комитет за човекови права, на 20 декември, 2022 година  организираше Форум за дискусија за поголеми интернет слободи и дигитални права, во рамки на проектот „Поголеми интернет слободи“ финансиран од Интерњуз и УСАИД.

„ Со сè поголемата дигитализација и развој на дигиталните технологии, се отворија нови канали за размена на идеи, информации, истражувања и други активности кои се случуваат во дигиталниот простор. Колку поголем дигитален простор толку поголем простор за прекршувања. Човековите права важат подеднакво во физичкиот простор, и во дигиталниот простор. Од оваа година во фокусот на своето работење Хелсиншкиот комитет ја става и оваа тема за слободите и правата во дигиталниот простор“, рече Славица Анастасовска, правна советничка во Хелсиншкиот комитет, отворајќи го форумот.

На почетокот, Петар Клинчарски, надворешен монитор на Хелсиншки комитет ги презентираше наодите од истражувањето за застапеноста на говорот на омраза на интернет. „Сите имаме право на говор и право да се изразуваме, тоа право никој не може да го ограничи, но тоа не  значи дека тоа право треба да се злоупотреби со говор на омраза. Гледајќи ги извештаите на Хелсиншкиот комитет за говорот на омраза, во последните десетина години, како генерален заклучок може да се извлече дека говорот на омраза се појавува врз основа на општествено политички настани кои се случуваат во земјата и во странство. На пример, на почетокот на пандемијата се појави нов мотив на говор на омраза. Бројките покажуваат дека во 2020 година во споредба со 2019 година, имало дури повеќе од 130 отсто зголемување на пријавени случаи на говор на омраза. Во изминатите три години трите основи за говор на омраза се политичката припадност, етничката припадност и сексуалната ориентација и сите овие основи се поврзани со конкретни  настани што се случиле во земјава: протеститите против францускиот предлог, парадата на гордоста, избор на претставник за Евровизија, парламентарните избори и други и нема нмалување на интензитетот на говорот на омраза“, рече Клинчарски и додаде дека покрај говорот на омраза се забележува појавата на разни лажни наградни игри во кои се бараат личните податоци на граѓаните. Тие не се санкционираат, а уште пострашно е каде завршуваат тие податоци.

Бојан Стојковски, од истражувачката мрежа БИРН рече дека во изминатите три години имаат забележано повеќе од 300 случаи на прекршоци поврзани со човековите права во дигиталниот простор во Северна Македонија, но тие најверојатно се многу повеќе. „Голем дел од нив се поврзани со говорот на омраза, од она што го имаме како статистика, околу 100 или една третина се говор на омраза, но има и други прекршоци кога станува збор за дигиталните права. Еден од поголемите трендови е што за време на нашето мониторирање е што во земјата имаше големи хакерски напади чиишто цели беа министерствата, банките, институции како на пример, Државната изборна комисија (ДИК) која беше цел на хакерски напад што се случи за време на изборите во 2020 година, што значи дека хакерите го таргетираат целиот државен систем. Она што е симптоматично е што сторителите не се пронајдени и овие случаи немаат разврска. Дел од нив се поврзани со странски држави. Уште еден тренд е објавувањето на лажни вести чиишто цели се политичари и други јавни личности. Една третина се непознати сторители што значи дека цајбер просторот е сива зона и властите немаат начин да ги спречат.  Потоа, лажни квизови и лажни награди коишто се презентираат на социјалните мрежи, а пред сè на Фејсбук, што користат имиња на познати брендови и ги привлекуваат граѓаните да ги остават своите лични податоци. Говорот на омраза е една од најголемите опасности што се појавуваат во дигиталниот простор но има и други као хакерски напади и измами на кои мора да им се посвети повеќе внимание“, рече Стојкоски.

Потребна е поголема вклученост на институциите за да граѓаните имаат повеќе доверба да пријавуваат говор на омраза на интернет. „Праксата покажува дека дури и да се пројави ефекти и резултати нема. Дел од причината за оваа состојба е што ова не класифицирано во Кривичнот законик и судиите и обвнинителите не знаат како да се однесуваат во овие случаи“, рече Клинчарски.

Во изминатиот период имало кампањи кои им се ообраќале на граѓаните како да ги заштитат своите дигитални права, но она што недостига е казнувањето.

Претставничката од Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при Министерството за внатрешни работи, Марија Гошева Крстевски ја објасни постапката што ја презема полицијата доколку им се пријави ваков вид криминал што опфаќа неовластено влегување во компјутерски систем, хакерски напади, компјутерски вируси, измами, детска порнографија, злоупотреба на лични податоци, загрозување на сигурноста преку информатички пат, говор на омраза, ширење на расистички материјал преку итернет и измами при електронското плаќање како злоупотреба на податоци од платежни картички.  Таа нагласи дека граѓните кога пријавуваат креирање на лажни профили и злоупотреба на нивни податоци или ширење на говор на омраза на интернет, потребно е да дадат колку што е можно повеќе податоци. Таа апелираше дека е корисно кога се пријавува да се има целиот ХТП  (http)линк со што открива профилот, а не скриншот од самиот профил. Кога не е целосна пријавата, ние го известуваме јавниот обвинител, должни сме според Законот за кривична постапка. Но, ако ги немаме во целост потребните податоци за понатаму да почнеме да преземаме мерки, не може да имаме успешен завршеток на истрагата. И јавниот обвинител да ни даде наредба, без да го имаме вистинскиот линк (од пријавениот), самата социјална мрежа нема да ни даде податок, ќе ни го отфрли барањето“, рече Гошева Крстевски и додаде дека тоа е најчестата причина зошто граѓаните мислат дека кога пријавуваат не се постапува.

Спасенка Андоновска од Основно јавно обвинителство Скопје, пренесе дел од искуствата на постапувањето на Обвинителството кога се работи за криминал од омраза. Таа рече дека изостанува дигиталната хигиена, односно многу лесно се споделуваат важни лични податоци, а и фотографиите се многу лесно достапни. „Луѓето не се свесни дека споделуваат голем дел одсвојата интима. Приватноста како да не се чувствува веќе како сфера која треба да остане приватна. Интернет создава лажна слика на безбедност.  Постапувањето на Обвинителството мора да биде поткрепено со сериозни докази за да биде валидно“, рече Андоновска која додаде дека потребна е јасна и прецизна легислатива затоа што судиите и обвинителите постапуваат држејќи се ригидно за законот. Таа рече дека се прават позитивни чекори во областа на усвојување на меѓународните документи како што е Истанбулската конвенција. Таа рече дека се уште треба да се работи на легислативата. Таа го истакна и значењето на образованието и меѓусекторката соработка и комуникација.

Маријана Јанческа и Весна Радиновска од Фондацијата  „Метаморфозис“ ги претставија активностите што ги преземаат во насока на дигиталната писменост, имаат вебинари какo за 5Г, за вештачката интелигенција и други прашања што ги интересираат граѓаните. Јанчевска ја претстави платформата www.digitalfirstaid.mk. а Радиновска зборуваше за проектот „Техничка и интегрирана заштита на лични податоци – градење инклузивен дигитален екосистем“, поддржан од Европската унија, во чии рамки се спроведе анализа на достапните електронски јавни услуги и оценка за тоа дали и колку нивната испорака е во согласност со Законот за заштита на лични податоци.

Бојан Стојковски ги претстави и наодите и резултатите од истражувањето за работењето на телекомуникациските оператори во Република Северна Македонија. Настанот го модерираше Ангела Јанкоска.

 

 

 

Видеа

Отворен форум за поголеми интернет слободи и дигитални права (прв дел)

Отворен форум за поголеми интернет слободи и дигитални права (втор дел)