Основниот суд во Крива Паланка пресуди во корист на работничките и работниците од КАДОРО ОТТО

декември 11, 2017

Основниот суд во Крива Паланка нa 25.10.2017 година донесе пресуда со која го усвои тужбеното барање на 105 текстилни работнички и работници од ДПЧТ КАДОРО ОТТО ДООЕЛ експорт-импорт Крива Паланка. Судот го задолжи тужениот работодавач да им исплати на работничките и работниците вкупен износ од 1.430.856,00 денари, за неислатени плати за февруари 2017, придонеси од задолжително социјално осигурување за февруари 2017 година, придонеси за ПИО во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на РМ, придонеси за здравствено осигурување, придонеси за вработување и персонален данок во Управата за јавни приходи, со законска казнена камата на неисплатена плата.

Тужениот, против ваквата пресуда на Основниот суд во Крива Паланка поднесе жалба до Апелациониот суд во Скопје.

Случајот беше инициран во март 2017 година од страна на Хелсиншкиот комитет за човекови права, по претходно добиени сознанија од вработените во КАДОРО ОТТО, со поднесување на барање за вонреден инспекциски надзор до Државниот инспекротат за труд. Во барањето беше побарано инспекторатот да утврди дали работодавачот им исплатил на вработените плата и придонеси од плата за месеците декември 2016 и јануари јануари. Врз основа на ова барање беше вонреден инспекциски надзор страна на Државниот инспекторат за труд-ПЕ Крива Паланка во кој беше констатирано дека работодавачот им исплатил на вработените плата и законски придонеси за задолжително социјално осигурување за декември 2016 година, но не и за јануари 2017. Врз основа на утврдената фактичка состојба од спроведениот инспекциски надзор, надлежниот инспектор издал наредба до работодавачот и одговорното лице да го отстранат недостатокот, односно на вработените да им исплатат плата и законски придонеси на истата за јануари 2017 година, во рок од 8 дена од извршениот инспекциски надзор. Бидејќи работодавачот не постапил по дадената наредба од страна на Државниот инспектор за труд, Хелсиншкиот комитет побара продолжување на постапката по извршен вонреден инспекциски надзор и побара од Државниот инспекторат на труд да понесе барање за поведување на прекршочна постапка против работодавачот. По извршен дополнителен инспекциски надзор и констатирана фактичка состојба, Државниот инспекторат за труд издал прекршочен налог со изречена глоба, а работодавачот извршил уплата на изречената глоба.

Бидејќи работодавачот до крајот на март 2017 година не извршил исплата на плати и придонеси за февруари 2017 година, 105 вработени од КАДОРО ОТТО со поддршка на Хелсиншкиот комитет одлучија да поведат судска постапка против работодавачот за неисплатени плати и придонеси на плати за јануари и февруари 2017 година. Со оглед на фактот дека работодавачот во мај 2017 година изврши задоцнета исплата на јануарската плата, вработените иницираа судска постапка за несиплатени плати и придонеси на плати за февруари 2017 година.

Иако во моментов не е конечна, ја поздравуваме пресудата на Основниот суд во Крива Палана. Воедно, ја поздравуваме охрабреноста на текстилните работници и работнички од КАДОРО ОТТО да побараат судска заштита на своите работнички права и апелираме до сите текстилни, кожарски и чевларски работнички и работници да пријават повреди и да побараат заштита на своите работнички права.