Основниот граѓански суд утврди сегрегација на децата Роми во образовниот процес
август 6, 2024
Основниот граѓански суд во Скопје утврди дека Владата на Република Северна Македонија, Министерство за образование и наука (МОН), Министерството за труд и социјална политика (МТСП), Министерството за здравство (МЗ), Државниот просветен инспекторат (ДПИ), Општина Битола и Општина Штип сториле дискриминација – сегрегација на децата Роми во образовниот процес.
Судот утврди дека дискриминацијата – сегрегацијата на децата Роми, ја сториле:
- Владата, МОН, Општина Битола и Општина Штип со непреземање, односно, пропуштање да преземат активности за уредување на начинот на реонизација со цел избегнување на можна сегрегација.
- Владата, МОН и ДПИ со непреземање, односно, пропуштање да преземат дејствија за контрола на одлуките за реонизација донесени од Општина Битола и Општина Штип; за начинот на спроведување на одлуките за реонизација во пракса; за начинот на запишување на деца Роми во училиштата.
- Владата, МОН, ДПИ, Општина Битола и Општина Штип со непреземање, односно, пропуштање да преземат активности за рамномерно и соодветно распоредување на учениците Роми со другите етнички заедници во паралелките; не презеле односно пропуштиле да преземат активности за процес на десегрегација во училиштата каде постојат сегрегирани паралелки со деца Роми; не презеле односно пропуштиле да преземат активности за санкционирање на актите на дискриминација сторени од основните училишта.
- Владата, МОН, МТСП и МЗ со непреземање, односно, пропуштање да преземат дејствија за носење законски и подзаконски акти за детално уредување на начинот на категоризација на децата со посебни потреби, посебно децата Роми; не презеле, односно, пропуштиле да преземат дејствија за носење законски и подзаконски акти за детално уредување на составот на Комисиите и процедурата за ревидирање на нивните одлуки; не презеле, односно, пропуштиле да преземат дејствија за рекатегоризација на несоодветно категоризираните деца Роми кои учат во специјалните училишта.
- Владата, МОН, МТСП, МЗ, ДПИ, Општина Битола и Општина Штип со непреземање, односно, пропуштање да преземат дејствија за едукација на сите чинители во образовниот систем и родителите на децата со цел полесно препознавање и борба против актите на дискриминација.
Судот ги задолжи сите тужени органи да ги преземат сите потребни дејствија за десегрегација на децата Роми во образовниот систем и да ги преземат сите дејствија за рекатегоризација на децата Роми кои учат во специјалните училишта. Дополнително, Судот ги задолжи тужените да ја објават во медиумите изреката на оваа пресуда, во пристапен формат, во рок од 15 дена по приемот на пресудата.
Основниот граѓански суд ја донесе оваа пресуда откако Хелсиншкиот комитет за човекови права, преку адвокат Павлина Зефиќ, на 1 февруари 2021 година поднесе тужба за заштита од дискриминација од јавен интерес (actio popularis). Постапката беше водена во рамки на проектот „Поддршка на Северна Македонија во унапредување на владеењето на правото и човековите права”, кој Хелсиншкиот комитет за човекови права во 2020 година го спроведуваше со Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Тужби за заштита од дискриминација од јавен интерес (actio popularis)
Тужбите за заштита од дискриминација од јавен интерес се новина во Законот за спречување и заштита од дискриминација, предвидени во членот 35. Имено, здруженија, фондации, синдикати или други организации од граѓанското општество и неформални групи кои имаат оправдан интерес за заштита на интересите на одредена група или во рамките на својата дејност се занимаваат со заштита од дискриминација, можат да поднесат тужба, ако направат веројатно дека со постапувањето на тужениот се дискриминирани поголем број лица. Oд доставените податоци со тужбата, Основниот граѓански суд Скопје утврди дека Хелсиншкиот комитет е активно легитимиран да поведе постапка за спречување и заштита од дискриминација, согласно неговиот мандат.
Дискриминација на децата Роми во образовниот процес
Клучниот проблем којшто Хелсиншкиот комитет за човекови права го лоцира од прибраните податоци е системската дискриминација и сегрегацијата на децата Роми во образованието. Уште во 2009 година преку месечен извештај ја информиравме јавноста за случај на сегрегација на етничките заедници во образовниот процес во Струга, а дополнително ја поведовме и првата постапка пред Комисијата за заштита од дискриминација во врска со сегрегација на деца Роми во основното училиште „Ѓорѓи Сугарев“ во Битола. Конкретно, во 2017 година известивме за случај на говор на омраза во основното училиште „Ѓорѓи Сугарев“ во Битола, каде постојат сегрегирани паралелки на ученици Роми и каде што на објектот на училиштето биле испишани графити со содржини како „Смрт за Ѓупци“, „Умрете ѓупци“. Поради тоа, апелиравме училиштето да ги отстрани графитите и ги повикавме надлежните органи да поведат соодветна кривична постапка.
За сегрегацијата како форма на дискриминација врз децата Роми во образовниот процес, конкретно во општините Штип и Битола, говорат бројни истражувања, извештаи и документи издадени и објавени изминативе години, опишани во нашата тужба од јавен интерес:
- Народниот правобранител уште во 2010 година утврдил дека децата Роми најчесто се запишуваат во посебните – специјални училишта по инсистирање на нивните родители, за тие да не останат надвор од образовниот процес. Понатаму, лоциран е недостаток при категоризацијата на децата, бидејќи не се врши во соработка со тимот од училиштата каде се школуваат децата со попреченост, па потребна е правилна опсервација на децата од страна на стручен тим (психолог, социјален работник и дефектолог). Народниот правобранител дава јасна препорака за спречување на сегрегацијата на децата Роми со нивно упатување во посебни училишта за деца со попреченост и покрај фактот дека истите немаат интелектуална попреченост, а тоа е формирање на посебна комисија за издавање на наод и мислење за попреченоста кај децата. Народниот правобранител дава препорака и за формирање на комисија од повисок степен која ќе ги разгледува издадените првостепени наоди.
- Комисијата за спречување и заштита од дискриминација во 2014 година спроведува „Истражување за сегрегација на децата Роми во образовниот процес (Истражувачки извештај)“, во кое се потенцира фактот дека постои несразмерно висок процентот на деца Роми кои учат во посебните училишта, посебните паралелки во редовните училишта или во паралелки во редовните училишта но по посебни програми.
- Фондацијата Отворено општество Македонија, во своето истражување „Сегрегација на Ромите во образованието во Република Македонија“ како главен причинител за сегрегацијата во образовниот процес на децата Роми го наведува неспроведувањето на одлуката за реонизација, што води кон повлекување на учениците од други етнички заедници од училиштата каде Ромите се со повисок процент, што понатаму води и кон гетоизација на Ромите. Освен одвојувањето на децата Роми во посебни одделенија, авторот посочува и уште еден облик на сегрегација над деца Роми, односно нивнот запишување во специјализирани училишта и покрај тоа што кај нив отсустува интелектуална попреченост.
- Во 2015 година Народниот правобранител утврдил дека во ОУ „Ѓорѓи Сугарев“ во Битола постојат чисто етнички паралелки на деца Роми. Народниот правобранител, констатирал дека на територија на Општина Штип, најголем број на деца Роми како првачиња се запишани во ОУ „Гоце Делчев“. Според Народниот правобранител, постои проблем при формирањето на паралелките на ученици во прво одделение, односно нерамномерно распоредување на ученици Роми со ученици од други етнички заедници. Во одредени училишта се создадени чисто етнички паралелки со деца Роми поради одбивање на родителите кои не се од Ромска етничка припадност да ги запишат своите деца во училишта според одлуката за реонизација.
- Здружението на граѓани „Институт за човекови права“ и Европскиот центар за правата на Ромите од Будимпешта, спровеле истражување во октомври 2016 година, за сегрегација на Ромите во основното образование. Тие спровеле и емпириско истражување во следниве општини: Битола, Штип, Гази Баба, Ѓорче Петров и Куманово. Од сите општини, предмет на анализа, заклучок на авторите е дека најголем проблем со сегрегација во основното образование на деца Роми, има во Општина Битола и Општина Штип. Според авторите на спроведеното истражување, проблемот со сегрегацијата е системски и се јавува како резултат на непочитување, односно злоупотреба на одлуката за реонизација. Дополнителни причини за оваа појава може да се бараат и во предрасудите и стереотипите за ромската заедница, како и непрепознавањето на овој облик на дискриминација од страна на заедницата, што пак оневозможува сегрегацијата да биде спречена. Според резултатите сегрегација во континуитет може да се забележи особено во општина Битола и Штип.
Опишаните сторувањата на тужените, односно пропуштањето да се преземат соодветни дејствија, придонеле за системска дискриминација – сегрегација на децата Роми во образовниот процес.
Од сите доставени докази од страна на Хелсиншкиот комитет за човекови права како тужител, Судот утврди дека во конкретниот случај била сторена сегрегација на децата Роми во образовниот процес, на начинот на којшто биле формирани паралелките во ООУ „Ѓорѓи Сугарев“ во Битола и ООУ „Гоце Делчев“ во Штип, како и со несоодветно упатување на децата Роми во образовни установи кои се наменети за ученици со интелектуална попреченост.
Притоа, состојбата во овие две училишта била разгледувана и од Европскиот суд за човекови права во случајот „Елмазова и други против Република Северна Македонија“ (Апликации бр. 11811/20 и 13550/20). За овој случај, во текот на судската постапка Бирото за застапување на РСМ пред ЕСЧП ја достави пресудата до Основниот граѓански суд Скопје.
Во оваа насока, Судот оцени дека не само што Хелсиншкиот комитет со доставените докази го сторил веројатно тврдењето за сторена сегрегација врз децата Роми во образовниот процес, туку сторената сегрегација е утврдена и со конечна пресуда на Европскиот суд за човекови права, при што Основниот граѓански суд Скопје при одлучувањето е должен да ги применува ставовите изречени во конечните пресуди на Европскиот суд.
Основниот граѓански суд го применува ставот според кој тужените органи се тие коишто имаат обврска да преземат позитивни мерки за отстранување и спречување на сегрегацијата на децата Роми во образовниот систем и да ги преземат сите потребни дејствија за десегрегација и рекатегоризација на децата Роми. Судот го прифаќа ставот на ЕСЧП според кој етничката структура на жителите во реонот не може, во дадени околности, да биде доволна за објективно оправдување на сегрегацијата на Ромите во ООУ „Ѓорѓи Сугарев“ – Битола и ООУ „Гоце Делчев“ – Штип.
Товар на докажување
Основниот граѓански суд во Скопје со пресудата правнилно го применува товарот на докажување во постапките за дискриминација, согласно ЗСЗД. Судот наведува дека тужителот (Хелсиншки комитет) достави и предложи доволно докази со коишто го стори веројатно тврдењето дека била сторена сегрегација како посебна појавна форма на дискриминацијата врз децата Роми во рамки на образовниот процес во РСМ.
Судот утврди дека тужените државни органи не доставиле и не предложиле релевантни докази дека од нивна страна биле преземени дејствија во рамки на нивните законски пропишани надлежности во областа на основното образование, со кои тие би спречиле да дојде до сегрегација на учениците Роми во образовниот процес. Судот цени дека двете тужени општини доставиле материјални докази и биле сослушани сведоци на нивен предлог, но од таквите докази не произлегло дека општините преземале дејствија во рамки на нивните законски пропишани надлежности во областа на основното образование, со кои тие би спречиле да дојде до сегрегација на учениците Роми во образовниот процес, ниту пак дејствијата за кои посочиле дека биле преземени од нивна страна биле доволно ефикасни да ја спречат сегрегацијата.
Други учесници во постапката
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација може да се јавува како замешувач во судски постапки за заштита од дискриминација или пак, на барање на странката или по сопствена иницијатива да поднесе барање судот да ѝ овозможи да дејствува како пријател на судот (аmicus curiae). Имајќи ги предвид овие надлежности на Комисијата, веднаш по нејзиното формирање, се обративме со барање за вклучување во постапката по тужбата од јавен интерес. Комисијата ја искористи својата законска надлежност и побара Основниот граѓански суд Скопје да ѝ овозможи да дејствува како пријател на судот (amicus curiae) во оваа судска постапка за заштита од дискриминација. Amicus curiae или пријател на судот е професионално лице, организација или тело кое не е странка во судска постапка, но со својата експертиза, искуство и информации во одредена област може да го советува судот за одредена правна материја, која е предмет во судска постапка.
Комисијата, како професионално тело за еднаквост, даде толкување на релевантните меѓународни стандари и преглед на извештаите на меѓународните институции за нашата држава, како што се Европската комисија против расизам и нетолеранција при Советот на Европа и Европската комисија на ЕУ. КСЗД во својот поднесок наведува дека во работниот документ за мерки за инклузија на Ромите, во рамки на Европската унија за Националните стратегии за интеграција на Ромите, како значаен проблем во инклузијата на Ромите останува сегрегацијата на деца Роми заедно со неоправданото запишување на децата Роми во специјалните образовни установи за деца со посебни потреби.