Операција Ослободување

октомври 20, 2020

Здружението на граѓани Зелена Алтернатива, Здружението на граѓани ЗНАМ, ХОПС – Опции за здрав живот Скопје, Коалиција Маргини и Хелсиншки комитет за човекови права бараат со измените на Законот за опојни дроги кој е во собраниска процедура да се декриминализизра личната употреба и поседувањето заради лична употреба на канабис.

Инспирирани и водени од Ius Cogens нормите, Универзалната декларација за човекови права на Обединетите Нации, Повелба за човековите права на ЕУ, како и  Европската Конвенција за Човекови Права, а во согласност со Уставот на Република Северна Македонија преку потпишување на овој документ сите долупотпишани сметаат дека е потребно итно да се даде предлог – амандман за дополнување на постоечкиот предлог – закон за контрола на опојни дроги и психотропни субстанци и измена и дополнување на Кривичниот Законик во делот личната употреба на канабисот.

Со потпишување на овој документ сите потписници се согласни да предложат и достават предлог одредби до надлежните институции во Република Северна Македонија.

Заеднички став на сите долу потпишани е дека постечкиот предлог Закон за опојни дроги и психотропни супстанции, покрај регулирање на правата на лиценцираните правни лица – производители, истиот  има потреба од сериозно надополнување по однос на личната употреба на канабисот на граѓаните во Република Северна Македонија и итно  решавање на ова многу актуелно прашање. Имајќи го предвид фактот што засега голем број на граѓани се прогонувани заради употреба на природната билка канабис и ги става во многу неповолна положба во однос на другите граѓани, а со тоа им се загрозуваат нивните лични човекови права загарантирани со Уставот и меѓународните ратификувани договори, се попречува економскиот просперитет и социјален развој, односно  дека ова е прашање од национален интерес.

Канабисот е еден од најбезбедните лекови достапни денес и нема евидентирано ниту еден смртен случај од употреба на канабисот, додека постои ниска инциденца на негативна или алергиска реакција, поради што може да се квалификува во лек чиј режим на издавање ќе биде послободен во насока на обезбедување на поголема достапност. Оттука, неоправдано е ограничувањето на специјалистичките гранки во кои канабисот може да се препорачува како лек и сметаме дека ова прашање треба да се регулира со прописи од областа на лековите. Исто така, за да биде лекот пристапен до сите пациенти, треба да се дозволи можност пациентот да може сам да си одгледа канабис, и да го користи во форма која намногу ќе му одговара на неговата здравствена состојба ( преку инхалација, орално или со супозитории).

Поради сите погоренаведени факти, сите долупотпишани заедно бараме измена и дополнување на постоечкиот Предлог Закон за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции и поради тоа ги истакнуваме следните барања како итен, заеднички и национален интерес:

  1. Итна декриминализација на поседување и лична употреба.
  2. Итна декриминализација на одгледувањето на растенија за лична употреба.
  3. Да се овозможи основање и работење на социјални клубови.
  4. Да се зголеми бројот на здравствени состојби за кои може да се користат препарати од канабис согласно медицината базирана на докази, да се дозволи лекари освен од јавното и од приватното здравство да препишат препрати од канабис, и да се дозволи можност пациентот кој добил препорака за лекување со препарати од канабис да може сам да си одгледа и користи во форма во која најмногу му одговара за неговата состојба ( орално, преку инхалација или преку супозитории)
  5. Во Агенцијата за канабис да има независно тело-комисија составено од преставници на граѓанскиот сектор.
  6. Да се предвиди во Законот за контрола на опојни дроги формирање на Фонд од давачките кои правните лица кои произведуваат и тргуваат со канабис ќе ги плаќаат согласно овој закон  Да се прецизира процент од средствата од овој фонд кој ќе биде наменет за програми за маргинализирани групи и лекување на разни болести.