Одржана завршната конференција на проектот ЗА ПРАВДА – заедничка акција за следење на судските реформи
јуни 28, 2019
Денеска, 28 јуни, во Холидеј Ин се одржа завршната конференција на проектот “ЗА ПРАВДА”, имплементиран од БЛУПРИНТ групата на граѓански организации за реформи во правосудството, финансиски поддржан од Фондацијата Отворено општество – Македонија.
Во рамки на проектот беа мониторирани 13 Закони, беа изработени 3 квартални мониторинг брифови, а преку проектот, се обезбеди поголем обем на достапни информации за јавноста врзани со реформите во правосудствито.
На завршната конференција присуствуваа професори, обвинители, суди, граѓанските организации, како и владини претставници, давајќи свој критички осврт и експертско мислење на спроведувањето на Стратегијата за реформи во правосудството, особено вклученоста на засегнатите страни, експертите и граѓанските организации во креирањето на Законите.
Реформите во правосудството беа оценети како особено важни во процесот на пристапување на Република Северна Македонија кон ЕУ, а донесените Закони, донесени во согласност со препораките на Венецијанската Комисија и ГРЕКО, обезбедуваат независност на судовите но и градење на транспарентност. Учеството на граѓанското општество и неговата улога исто така беше оценета како особено важна, потенцирајќи го фактот дека во дел од донесените Закони, поради учеството на граѓанските организации, имаат поголеми придобивки за самите граѓани.
Експерите се сложни со препораките и заклучоците од Анализата направена од БЛУПРИНГ групата, а нивните насоки се во насока на поголема транспарентност на процесот, како и поголема вклученост на сите засегнати страни – експерти, граѓански организации и професионалци.
Дали реформата во кривично правниот систем ќе овозможи поефикасна борба против корупцијата и високиот криминал?
Корупцијата во Северна Македонија според ГРЕКО е сериозен проблем. Но борбата против корупција и криминалот, не е невозможна, и со добра организација и активна вклученост на засегнатите страни, особено на правосудни органи, истата е повеќе од можна и ќе да ја врати довербата на граѓаните. Борбата против корупцијата во голема мера зависи и од професионалците кои работат на проблематиката и особено е важно тие да бидат вклучени во сите процеси, од формирањето па се’ до имплементацијата на Законите, со што би се обезбедило многу поефикасна борба со корупцијата и криминалот. Воедно, беше потенцирано дека за криминалот да стане неисплатлив, потребно е да се подобрат постапките за конфискација на имот и соодветно да се применуваат.
Експертите го потенцираат проблемот со трите особено важни Закони – Закон за кривична постапка, Кривичен законик, Закон за Јавно обвинителство задно со решавањето на статусот на СЈО, кои не беа донесени. Очекувањата на БЛУПРИНТ групата се дека истите во најскоро време ќе се донесат, во транспарентна и инклузивна постапка, со што ќе се придонесе кон поактивна борба против корупцијата и криминалот.
Како новите Закони ќе го реформираат и подобрат судството и обвинителството?
Експертите ценат дека Законот за судови и судски совет се донесени во транспарентен и инклузивен процес, прифатени се сите препораки од релевантните меѓународни фактори, како Венецијанска Комисија и ГРЕКО, а воедно и дека се земени предвид препораките од стручната јавност и граѓанските организации. Новите Закони содржат подобрени решенија за повеќе прашања со кои се очекува да се добие поголема независност и професионалност на судството со што во крајна линија ќе се врати довербата на граѓаните во судството.
Од друга страна пак, Закон за Јавно обвинителство и Законот за Совет на Јавни обвинители не се донесени и процесите се уште траат, но истите според експертите не се доволно транспарентни и се доведува во прашање квалитетот на крајните законски решенија. Експертите и граѓанските организации и покрај тоа што дале свој придонес во работните групи за овие Закони, сепак, нивните мислења, не биле земени предвид при креирањето последната текстот на Законот, која сеуште не е споделена со јавноста.
За да се очекува судството и обвинителството да бидат независни и ефикасни, од особена важност е да постои транспарентност на процесот, но и стриктна имплементација на веќе усвоените законски решенија.
Ќе имаат ли граѓаните подобар и олеснет пристап до правда со новите законски измени?
Зависно од тоа за кој Закон станува збор, експертите потенцираат различни придобивки или пак недостатоци во процесите, на групата на Закони во кои спаѓаат Закон за Управен спор, Закон за бесплатна правна помош и Закон за прекршоци. Овие закони се оние кои наоѓаат најчеста примена во секојдневниот живот и како такви, се особено важни за граѓаните.
Новиот Законот за Управен спор го подобрува пристапот до правда за граѓаните, од аспект на обезбедена јавност во постапките, што претходно не беше случај, но фактот што истиот тој Закон е донесен во нецелосно транспарента постапка, резултира во решение со недоволно јасни законски одредби.
Најголем исчекор во пристапот до правда за граѓаните е направен со Новиот Закон за бесплатна правна помош, за кој експертите, граѓанските организации и владините претставници заклучија дека е солиден но не и совршен, но сепак значително го унапредува пристапот до правда за најранливите групи на граѓани. Воедно, финансискиот товар за водење на судските постапки е на страна на државата, што е огромна придобивка за граѓаните.
Драстично намалените прекршочни глоби со новиот Закон за прекршоци, присутните го оценија како големо олеснување за граѓаните. Високите казни предвидени со претходното законско решение имале голем степен на неизвршливост, проблем кој е премостен новиот Закон со што се обезбедува остварување на целта на казнувањето.
Мониторинг брифови изработени во рамки на проектот “ЗА ПРАВДА”
Изработените мониторинг брифови можете да ги најдете на следните линкови:
***
ЗА проектот ,,ЗА ПРАВДА -заедничка акција за следење на судските реформи и застапување за нивно спроведување’’
Проектот ,,ЗА ПРАВДА -заедничка акција за следење на судските реформи и застапување за нивно спроведување’’, со поддршка од Фондацијата Отворено општество Македонија, го спроведуваат Хелсиншкиот комитет за човекови права, Институтот за човекови права, Коалиција Сите за правично судење, Институтот за европска политика, Центарот за правни истражувања и анализи и Македонското здружение на млади правници.