Одговорност за јавните личности и медиумите кои предизвикуваат раздор
Слободата на изразување е основно човеково право и претставува демократска вредност, но секоја злоупотреба на ова право знае да предизвика сериозни негативни последици во општеството.
Давајќи јасно на знаење дека јавните личности и медиумите играат огромна улога во градењето на мултикулуризмот и социјалната кохезија во државата, Хелсиншкиот комитет упатува реакција на колумната на Јагнула Куновска објавена на интернет порталот Плусинфо. Имено, Хелсиншкиот комитет во последниов период неколку пати препорача да се внимава со употребата на јавна реторика која во себе содржи етнички предзнак бидејќи честопати тоа се злоупотребува на социјалните медиуми и предизвикува ширење говор на омраза врз етничка припадност. Исто така, уште еднаш потенцираме дека медиумите имаат клучна одговорност во делот објавување на содржини кои во себе содржат елементи на говор на омраза, повици за поделба и ширење на етничка нетрпеливост, дело чие битие е опишано во член 394г ,,Ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем”, од Кривичниот Законик.
Оваа реакција се упатува токму поради фактот што авторката е јавна личност и во нејзната колумна преку низа интерпретации и толкувања се анализираат тековни политички случувања низ призмата на меѓуетничките односи, особено преку посочување на виновници и измислени непријатели што води кон дополнителна општествена параноја и директно влијае врз создавање на дискурс кој пак води до раздор помеѓу групите, а кој само има за цел да предизвика читаност врз основ на емоции, а не аргументи.
На овие констатации, Хелсиншкиот комитет остро се спротиставува врз принципите едно општество за сите и посочува на тесногледото и емотивно будење реакции кај читателите на медиумот и авторката. На ова додаваме дека токму ние како организација уште од 2018 година предупредуваме на назадниот тренд со кој се соочува државата во поглед на ширењето на говор на омраза кој нажалост честопати и резултира и со дела од омраза, особено помеѓу младата популација. Токму ваков тип на дискурст честопати се користи за дополнително подгревање на тензии и префрлање на јавната дебата на социјалните медиуми кои само дополнително ја подгреваат омразата.
Хелсиншкиот комитет за човекови права уште еднаш го нагласува неприкосновеното уставно право на слобода на изразување, и уште еднаш потенцираме дека треба да се внимава во објавувањето на содржини кои на лежерен и неаргументиран начин упатуваат на некои црни сценарија од типот на поделби и војни кои само дополнително придонесуваат кон зацврстување на предрасудите и придонесуваат за меѓуетнички тензии.