Обид за дискредитација на членовите на Средношколскиот пленум
март 10, 2015
До Комитетот во текот на изминатиот ден се обратија родители на деца, како и полнолетни членови на Средношколските пленуми, чии имиња и презимиња осамнаа на летоци во дворовите на училишта во Скопје, Куманово и Битола. Нема дилеми дека ова се должи на нивниот обид за формирање на средношколски пленум, што претставува брутален акт за задушување на граѓанска иницијатива критична кон политиките на власта и со тоа обид за смеќавање на правото на здружување на средношколците. Плакатите индицираат примање на пари заради организирање протести. Ваквиот чин ги повредува уставно загарантираните права на здружување и можно одржување на протести, како и честа и достоинството на лицата за кои беа изнесени невистинити информаци, поради што беа и јавно етикетирани. Сакаме да напоменеме дека во Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета е наведено дека за клевета одговара тој што за друго лице со утврден или очевиден идентитет, со намера да наштети на неговата чест и углед, пред трето лице изнесува или пронесува невистинити факти што се штетни за неговата чест и углед, а знае или бил должен и може да знае дека се невистинити. Исто така, спречувањето или смеќавањето на јавен собир претставува кривично дело.
Сакаме да потсетиме дека Уставот на Република Македонија ја гарантира слободата на здружување, како и правото на одржување на јавни собири. Исто така, Уставот гарантира заштита кога се повредени достоинството и угледот на граѓанинот. Земајќи го предвид фактот дека во конкретниот случај се повредени правата на лица кои сеуште не наполниле 18 години, можат да се применат и одредбите од Конвенцијата за заштита на правата на децата. Имено, во член 14 и член 15 од Конвенцијата за правата на детето е наведено дека –децата имаат право на слобода на мислење, слобода на здружување и слобода на мирно собирање. Овие права не може да им бидат ограничени освен оние кои се во согласност со закон и кои се неопходни во демократско општество во интерес на националната безбедност или јавната сигурност, јавниот поредок, заштитата на јавното здравје или морал или заштитата на правата и слободите на другите. Оттука, неопходно е институциите да покажат дека сериозно ги штитат овие права и мора да спроведат истрага за сторителите со цел тие да бидат идентификувани, со што на лицата чии права се повредени ќе им се овозможи да можат да иницираат или да поведат соодветни судски постапки и да добијат соодветна заштита.