Нова судска одлука што ја санкционира полициската бруталност

декември 19, 2022

Хелсиншкиот комитет за човекови права ја поздравува пресудата на Кривичниот суд во Скопје, според која двајца полициски службеници од Велес се прогласуваат виновни за сторено кривично дело „Малтретирање во вршење на службата”.
Двајцата обвинети како полициски службеници од Единицата за прв одговор и интервенција при вршење на мотопатролна служба го малтретирале оштетеното лица и  сведокот  на настанот кои седеле во близина на еден ресторан. Обвинетите полициски службеници им пристапиле на лицата, се претставиле и побарале да се легитимираат. Откако оштетениот рекол „ако е проблем што седам, другпат јас да извадам значка и да те замарам кога ќе седиш со друштво”,  обвинетите службеници налутено извршиле претрес и кај оштетениот нашле едно џебно ноже. Во тој момент на оштетениот му заѕвонил телефонот кога тој ја повикал неговата мајка да дојде по што обвинетиот му удрил бокс во пределот на главата. Потоа му ставиле лисици и двајцата обвинети почнале да го удираат по телото по што го кренале оштетеното лице за да го носат во станица.
Основниот кривичен суд во Скопје изрече пресуда дека полициските службеници се виновни за делото “Mалтретирање во вршење на службата” од член 143 став 1 в.в 22 од Кривичниот законик и им е изречена алтернативна мерка – Условна осуда со која им се утврдува ефективна казна затвор во траење од 1 година, која казна нема да се изврши доколку обвинетите за временски период од 3 години не сторат ново кривично дело.

Хелсиншкиот комитет го набљудува полициското постапување и обезбедува правна помош во индивидуалните случаи на пречекорување на полициските овластувања и заштита на жртвите на полициска бруталност. Комитетот ќе продолжи да се залага за професионализација на безбедносните служби, засилен надзор врз нивната работа и нивно сензибилизирање при постапувањето со ранливи групи на граѓани.

Оштетеното лице е застапувано од адвокат Диме Ѓорчески во рамки на проектот „Борба против тортура и нехуман третман”, имплементиран од страна на Хелсиншкиот комитет за човекови права и Македонското здружение на млади правници, финансиски поддржан од Европската Унија.
2