ноември 24, 2019

Никој нема право да ги дискриминира децата и најранливите – Реакција на протестот против мал групен дом во Визбегово

Хелсиншкиот комитет за човекови права ги поздравува напорите на Министерството за труд и социјална политика за реализација на заложбата да се деинституционализираат сите деца кои се сместени во нехумани услови и изолирана средина. Комитетот го поддржува доследното спроведување на реформата, која е започната уште пред петнаесетина години. Декларацијата за правото на детето и Конвенцијата за правото на детето, како и домашните закони кои ја регулираат детската заштита ги обврзуваат државните институции преку нивните мерки да се грижат за најдобрите интереси на детето. Но, грижата за нив, особено за оние кои се најзагрозени, е обврска на целото општество.

Воспитно-социјалните проблеми на децата, кои од домот ,,Ранка Милановиќ’’ се преместуваат во мали групни домови, се производ на негрижа, насилство и занемарување со кое се соочиле уште на самиот почеток на нивниот живот. Тие деца заслужуваат шанса и поддршка за да растат и да се развиваат како останатите деца, а не дополнително да се стигматизираат и да се одвојуваат од општеството. Притоа, нагласуваме дека големите институции се надминат концепт за згрижување, кој има сериозни негативни ефекти врз развојот на децата и нивното оформување во возрасни личности.

Апелираме до жителите на Визбегово да покажат емпатија, разбирање и прифаќање за децата кои се селат во нивната околина, во дом кој не е институција и кој наликува на семејна средина, а што е суштински предуслов за нивна социјализација и напредок. Со оглед на фактот што станува збор за мал групен дом, каде што би се сместиле најмногу три деца со константен надзор од воспитувачи, сметаме дека реакциите на граѓаните се неосновани и предимензионирани, а изјавите од типот ,,ињектирање на страно тело’’ се целосно неприфатливи и срамни. Никој нема право да ги дискриминира децата и најранливите.