Незаконски реизбор на претседател на Советот на јавните обвинители на РМ
септември 23, 2016
На 22 септември 2016 година, за време на седница на Советот на јавните обвинители на Република Македонија, на тајно гласање, г. Петар Аневски повторно беше избран за претседател на Советот.
Хелсиншкиот комитет укажува дека согласно Член 8 став 3 од Законот за Советот на јавните обвинители („Службен весник на Република Македонија“ бр. 150/2007 и 100/2011), мандатот на претседателот на Советот трае две години, без право на повторен избор.
Повторниот избор на г. Аневски претставува сериозна повреда на начелото на законитост. Ваквата одлука ја доведува во прашање компетентноста, независноста и непристрасноста на членовите на Советот како и неговата основна функција да ја обезбедува и гарантира самостојноста на јавните обвинители во извршување на нивната функција. Особено одговорен за ваквото незаконско постапување е самиот г. Аневски кој ја свикал и раководел со седницата за време на која и покрај тоа што не смеел се кандидирал за претседател.
Хелсиншкиот комитет ги повикува членовите на Советот на јавните обвинители на Република Македонија, во согласност со Член 10 став 3 од Законот за Советот на јавните обвинители, да закажат итна седница на која ќе ја преиспитаат својата незаконска одлука.