Нема напредок во борбата против дискриминацијата на Ромите
април 8, 2025

Денешниот празник 8 Април, меѓународниот ден на Ромите ги слави ромската култура и историја, како и нивниот придонес во различни сфери на животот. Во нашето општество и покрај заложбите за рамноправен статус на граѓаните Роми, тие сè уште не ги уживаат целосно сите права што им припаѓаат.
Ромските граѓани често се соочуваат со маргинализација, им недостасува пристап до основни ресурси како што се чиста вода и доволна исхрана. Покрај тоа, постојаните нееднаквости во пристапот до клучни услуги, како што се квалитетно образование, вработување, станбени услови и здравствена заштита.
Дискриминацијата што се врши кон ромската популација води кон дехуманизација, а расизамот е во сржта на таа повеќекратна дискриминација со која Ромите секојдневно се соочуваат и тоа најмногу се гледа во односот на институциите кон нив, но и во третманот кој го добиваат од страна на општеството во целина. Ромите остануваат најзагрозена и економски најранлива заедница во земјата, а загрижувачки присутни се и појавите на стигма и предрасуди.
Во 2024 година, Основниот граѓански суд во Скопје утврди дека Владата на Република Северна Македонија, Министерство за образование и наука, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за здравство, Државниот просветен инспекторат, Општина Битола и Општина Штип сториле дискриминација – сегрегација на децата Роми во образовниот процес. Тужбата за заштита од дискриминација од јавен интерес ја поднесе Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Говор на омраза и вознемирувачки говор кон припадници на ромската заедница, речиси секој месец се регистрираат од страна на Хелсиншкиот комитет.
Расното профилирање на Ромите и понатаму останува клучниот фактор кој го спречува еднаквиот пристап до добра и услуги и го засилува нивниот маргинализиран статус во општеството. Поради ова, Хелсиншкиот комитет за човекови права смета дека реални подобрувања се можни само преку значителна промена на односот на државните органи кон ромската заедница, особено во областите како образование, здравство, домување и вработување. Само со системски промени се гради целосна инклузија и подобро општество.