Некомпетентен состав на Комисијата за заштита од дискриминација
јануари 13, 2016
Мрежата за заштита од дискриминација остро реагира на новиот состав на Комисијата за заштита од дискриминација, кој беше избран на 11.01.2016 година. И покрај неопходноста од суштинска промена во составот на Комисијата и вклучување на докажани експерти во полето на недискриминацијата, Собранието одлучи да избере членови, од кои најголем дел немаат претходно искуство во областа и работа со ранливи групи. Дополнително, сметаме дека самиот состав на Комисијата не е во духот на почитување на различностите, особено поради тоа што има само една жена членка и не се вклучени припадници од помалите етнички заедници.
Освен неискуство во полето на недискриминацијата кај најголем број од новоизбраните членови*, очигледна е и поврзаноста на дел од членовите со владејачката коалиција. Имено, Александар Спасеновски бил пратеник од ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на РМ во периодот од 2006-2014 година, а Ирфан Деари бил пратеник од ДУИ во периодот од 2011-2014 година. Новоизбраните членови Тони Науновски и Александар Даштевски се јавни поддржувачи на политиките на власта, особено кон политики кои не овозможуваат еднаков третман на етничките малцинства во државата.
Со направениот избор јасна е тенденцијата за уште поголема партизација и на ова тело, кое според меѓународните и домашните стандарди треба да биде независно. Меѓународните принципи поврзани со статусот на националните институции или „Париски принципи“ ги поставуваат независноста и ефикасноста како основни критериуми за една национална институција да може да се смета за кредибилна и на национално и на меѓународно ниво. Тие бараат да се исполнат шест основни услови: независност загарантирана со статут или со Устав; автономија од владата; плурализам, вклучително и во членството; широк мандат за унапредување и заштита заснован на универзалните стандарди за човекови права.
Мрежата за заштита од дискриминација во 2014 година посочи дека законските недоречености оставаат простор за член на Комисијата да биде избран несоодветен кандидат за улогата која треба да ја врши. Имено, со измените од 2014 се утврди дека за член на Комисијата може да биде именувано лице кое треба да има завршено високо образование од областа на човековите права или општествените науки и да има 5 години работно искуство, без притоа да се наведе во која област треба да биде работното искуство. Ваквите несоодветни норми доведуваат до несоодветна заштитата на луѓето од дискриминација, која се гарантира со овој закон.
Сметаме дека со овој состав на Комисијата не се задоволуваат ниту минимум сатандардите за независниост и не се овозможува целосна слобода и достапност за сите групи на граѓани кои сметаат дека се дискриминирани, а особено оние по основ на политичка и етничка припадност.
Од овие причини бараме Собранието на РМ да ја извести јавноста за бројот и експертизата на останатите пријавени кандидати и да даде образложение како е направен изборот на овие членови и зошто не се избрани повеќе жени или пак припадници на помалите етнички заедници.
Исто така, сметаме дека поради очигледната партизираност, но и поради досегашната неефикасност на Комисијата, не може да се очекува дека дискриминираните лица ќе ја добијат правдата од ова тело, што особено ќе влијае на правната сигурност на граѓаните.
* Биографиите на сите избрани членови на КЗД можат да се прочитаат на веб-страната на Собранието на Република Македонија на следниот линк: