Насилнички напад врз активисти за човекови права
ноември 18, 2012
При одбележувањето на “Меѓународниот ден на толеранцијата”, на 17.11.2012 година, околу 12:30 часот, на централниот плоштад во Скопје во близина на Камениот мост, е извршен физички напад на двајца активисти – од организаторите на “Маршот за толеранција”. Додека биле подготвувани штандовите со публикации и брошури од невладините организации – учесници во маршот, на активистите им пришло маскирано лице кое упатило закани по живот.
Маскираниот потоа физички го нападнал К.А. (организатор на “Маршот за толеранција” од Хелсиншкиот комитет), а потоа со тупаници по главата му се нафрлил и на М.К. (активист од Коалицијата “Сексуални и здравстени права на маргинализираните заедници” – Скопје) кој се обидел да му помогне. Потоа маскираниот напаѓач се стрчал кон Камениот мост, а додека бегал нападнал и друго лице кое го посетило штандот каде стоеле публикациите. На само неколку метри од настанот, сторителот бил фатен од полицајци и бил приведен во полициска станица.
Нападнатите активисти за човекови права прво побарале медицинска помош, а потоа дале изјава во полициска станица за настанот. Според најавите на инспекторите, МВР планира да поведе постапка по службена должност за кривично дело “Насилство”.
Хелсиншкиот комитет за човекови права и Коалицијата “Сексуални и здравстени права на маргинализираните заедници” – Скопје најостро го осудуваат нападот врз активистите за човекови права – организатори на “Маршот за толеранција” и бараат од Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, од Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски и од премиерот Никола Груевски:
1)Јавно да го осудат насилството врз активистите за човекови права и ЛГБТ лицата и да се оградат од истото;
2)Да ги преземат сите мерки за заштита на активистите за човекови права и ЛГБТ лицата од насилство, говор на омраза и дискриминација, да ги откријат и казнат а) напаѓачите на ЛГБТ центарот во старата турска чаршија, б) сите кои лица кои досега упатуваа јавни закани за насилство кон ЛГБТ лицата, вклучително и во медиумите и на социјалните мрежи;
3)Да ја прекинат негативната кампања што ја водат заедно со провладините медиуми, а која е насочена против ЛГБТ лицата и активистите за човекови права, и која поттикнува на насилство, говор на омраза и дискриминација.
Хелсиншкиот комитет за човекови права и Коалицијата “Сексуални и здравстени права на маргинализираните заедници” – Скопје бараат од Владата да пристапи кон измени на Кривичниот законик во делот на:
а) санкционирање на дела мотивирани од омраза, вклучително и од омраза врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет;
б) санкционирање на говор на омраза, вклучително и говор на омраза врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет.
Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија
Коалиција “Сексуални и здравстени права на маргинализираните заедници” – Скопје