МВР итно да го расчисти случајот со сексуално вознемирување и малтретирање на полицајки
ноември 26, 2019
Како реакција на веста дека шест полициски службенички, подолг период биле изложени на сексуално вознемирување и полово дејствие со закани и континуирано психичко малтретирање, Хелсиншкиот комитет вчера испрати барање за информации до министерот за внатрешни работи, Одделот на МВР за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди, како и до Одделението за крвни и сексуални деликти.
Имено, на 24.11.2019 година неколку медиуми ја пренесоа веста дека шест полициски службенички вработени во МВР работи, повеќе од година дена биле изложени на сексуално вознемирување и полово дејствие со закани и континуирано психичко малтретирање, понижување и повредување на нивното достоинство со притисоци на работно место од страна на раководно полициско лице во полициска станица. Полициските службенички го пријавиле случајот во Министерството, дел од нив усно, а дел од нив се обратиле писмено, но и покрај тоа, раководното лице продолжило сексуално да ги вознемирува. Медиумите известија дека раководното лице вршело притисоци и уцени откако неговите понуди биле одбивани од страна на полициските службенички, и ги упатувал следните закани:
„Оди си сега гледам си уплашена ама знам дека и ти сакаш и пази за ова што ти го нудам да не си кажала на никој зошто не можеш да замислиш што ќе ти направам и кој сум јас.”
Водејќи се од уставно загарантираното право на почитување на достоинството и угледот на секој граѓанин, Хелсиншкиот комитет очекува МВР сериозно и неодложно да се зафати со расчистување на случајот и веднаш да ја утврди одговорноста на сите лица инволвирани во настанот. Воедно, бараме Одделот за внатрешна контрола да ни одговори на следните прашања:
- Дали полициските службенички пријавиле во Министерството за внатрешни работи дека се сексуално вознемирувани од страна на раководно лице и што презело Министерството по нивните пријави?
- Дали откако било пријавено раководното лице за вршење сексуално вознемирување врз полициските службеници, продолжило со истите дејствија?
- Дали се преземени дејствија и мерки за расчистување на случајот и кои?
- Дали во настанот биле инволвирани други службени лица?
- Дали е утврдена одговорност кај сторителот на сексуалното вознемирување и каква постапка ќе биде поведена против него?
Во деновите кога ја одбележуваме борбата против родово базирано насилство, уште еднаш нагласуваме дека насилството врз жените е кршење на човековите права и форма на дискриминација врз жените и ги означува сите акти на родово засновано насилство коишто доведуваат или веројатно ќе доведат до физичка, сексуална, психичка или економска повреда или страдање на жените, вклучувајќи и закани за такви акти, изнуда или произволно лишување од слобода, без оглед дали се случуваат во јавниот или приватниот живот. Република Северна Македонија ја има ратфикувано Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство (Истанбулска конвенција). Истанбулската конвенција им наложува на државите да се водат од принципот на должно внимание, односно, предвидува обврска за државите да се воздржуваат од учествување во каков било акт на насилство врз жените и да обезбедуваат дека државните органи, функционерите, службениците, институциите и другите актери коишто дејствуваат во име на државата, постапуваат во согласност со ваквата обврска.
Хелсиншкиот комитет потенцира дека секое дејствие на вознемирување на работното место, како психичко, така и полово вознемирување, е забрането согласно трудовото законодавство. Законот за работните односи, како lex generalis и Законот за заштита од вознемирување на работно место, како lex specialis јасно утврдуваат дека вознемирувањето, вклучително и половото вознемирување, претставува дискриминација.
Секое негативно однесување од поединец или група кое се повторува, континуирано и систематски, претставува повреда на достоинството, интегритетот, угледот и честа на вработениот и предизвикува чувство на страв или создава непријатност, пониженост, чија крајна цел може да биде повреда на физичкото и менталното здравје, компромитирање на професионалната иднина на вработениот, престанок на работниот однос или напуштање на работното место е забрането. Секое вербално, невербално или физичко однесување од полов карактер, кое има за цел или претставува повреда на достоинството на вработениот, а кое предизвикува чувство на страв или создава непријатност, пониженост е забрането.
Очекуваме дека министерството, во најкус можен рок, ќе нè извести за сите преземени дејствија и мерки во конкретниот случај.