МТСП погрешно ја толкува уредбата за продолжување на породилното отсуство
ноември 3, 2020
Хелсиншкиот комитет за човекови права до Министерството за труд и социјална политика поднесе барање за постапување во насока на исправка на толкувањето на Уредбата со законска сила за примена на Законот за работните односи за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 90/20). Имено, од страна на Министерството и од страна на Фондот за здравствено осигурување не им беше одобрено продолжување на породилното отсуство на оние работнички кои во моментот на донесување и стапување во сила на Уредбата го користеле правото на редовно породилно отсуство, но нивните договори за вработување истекле за времетраење на породилното отсуство. Ваквиот начин на постапување беше причина да побараме исправка на ваквиот начин на толкување на Уредбата и донесување на ретроактивни позитивни решенија со кои ќе им се одобри продолжено породилно отсуство на оваа група на работнички со кои ќе се предвиди и исплата на надоместоците на плата за периодот додека на сила беше оваа Уредба.
Министерството за труд и социјална политика до Хелсиншкиот комитет достави мислење во кое го образложува ваквиот начин на толкување на Уредбата. Во мислењето е образложено дека работничките кои биле на редовно породилно отсуство во време на донесување на Уредбата, а им биле истечени договорите за вработување, немале обврска да се вратат на нивните работни места. Работничките имале можност да останат дома и да се грижат за сопственото здравје и здравјето и безбедноста на детето во период кога градинките беа затворени како мерка за спречување од ширење на вирусот КОВИД – 19, а работничките кои биле се уште во работен однос ја немале таа можност.
Потсетуваме дека Уредбата со законска сила за примена на Законот за работните односи предвидуваше дека отсуството од работа на работничка поради бременост, раѓање, родителство и посвојување, продолжува да тече и надоместокот на плата продолжува да се исплаѓа до истекот на траењето на времените мерки за заштита од ширење и превенција од коронавирусот. Продолжувањето на породилното отсуство беше регулирано од Фондот за здравствено осигурување.
Уредбата не предвидуваше дека породилното отсуство ќе биде продолжено само за оние работнички кои се во работен однос односно кои имаа обврска да се вратат на работните места по завршување на отсуството. Оттука, погрешно е мислењето на Министерството за труд и социјална политика дека ова право не им следува на оние работнички чии договори за вработување истекле за времетраење на нивното породилно отсуство. Оваа група на работнички го стекнале правото на породилно отсуство и во време на донесување на Уредбата го користеле правото на редовно породилно отсуство, па затоа тие треба да го уживаат правото на продолжено породилно отсуство на еднаков начин со работничките кои имаа обврска да се вратат на нивните работни места по завршување на отсуството.
#трудбездискриминација
Овaa објава е финансиранa од Европската Унија и ко-финансирана од Шведската агенција за меѓународен развој и соработка. Содржината на објавата е одговорност на Хелсиншкиот комитет за човекови права и не мора да ги одразува ставовите на Европската унија или на Сида.