Меѓународен ден за борба против хомофобијата, бифобијата и трансфобијата: Заедништво и солидарност во време на прогрес и регрес
мај 17, 2024
На 17. мај се одбележува Меѓународниот ден за борба против хомофобијата, бифобијата и трансфобијата, (International Day Against Homophobia, Biphobia and Transphobia IDAHOBIT), кој претставува симбол на отпорот и солидарноста на лицата кои отстапуваат од хетеронормативноста којашто инхерентно се припишува кон секој/а поединец/поединка во општеството без разлика на степенот на неговата свесност и развој. Датумот е симболичен бидејќи во 1990 година, Светската здравствена организација ја брише хомосексуалноста од регистарот на болести.
Концептуализацијата на сексуалните ориентации и родови идентитети од 1990 година до сега можеби се има трансформирано кон одреден степен на нормализирање и прифаќање во некои држави и региони, сепак, неразбирањето, нетолеранцијата, дискриминацијата, омразата, па и крајно, санкционирањето на отстапките од хетеронормативноста престатвуваат брутална реалност со која се соочуваат огромен број луѓе ширум светот. На овој ден се повикуваме на солидарност со луѓето кои не можат слободно да го живеат својот живот, автентично, со целосна телесна автономија и слобода да направат личен избор кога станува збор за партнер.
Кампањата што се одржа во 2004 година, кулминираше со одбележување на првиот Меѓународен ден против хомофобијата на 17 мај 2005 година. Таа резултираше со отстранување на трансродовите прашања од листата на ментални болести во Франција, која стана првата земја во светот која официјално го направи овој чекор.
Најборјните иницијативи за одбележувањето на овој ден доаѓаат од Европа и државите на глобалниот југ, односно Јужна Америка. Иако прогресивниот „развиен свет“ – глобалниот север по својот углед важи за носител на демократијата и толеранцијата се’ уште заостанува во поглед на целосно прифаќање на различностите кои се потенцираат токму на овој ден. Легализацијата на истополовите бракови, правната заштита на трансродовите лица и различните сексуални ориентации како и родови идентитети се’ уште се горливи и неразрешени прашања и проблеми. Истовремено, анти-родовите движења зема уште посилен замав што претставува дополнителна закана за урнисување на веќе постигнатото.
А бидејќи слободата на личен избор и адекватната заштита се универзални права за сите, без колективно ослободување и взаемна, глобална солидарност овој ден би бил беспредметен, денес се сеќаваме на сите луѓе – „отстапки“ од нормите, кои ги изгубиле своите животи или слободи по цена на својата автентичност и објективни карактеристики кои никогаш не ни можеле да ги одберат. Се сеќаваме на сите животи згаснати за време на ХИВ епидемијата и тие кои и денес живеат со неа и ја чувствуваат стигмата што ја носат во секоја сфера на нивниот живот, се сеќаваме и се солидаризираме со сите кои се изолирани од своите заедници и семејства, тие што немаат шанси да остварат пристоен живот заради неможноста за вработување, тие што се жртви на секојдневната дискриминација и стереотипизација, се солидаризираме со тие кои ден денес живеат под окупации – воени или авторитарни, но најважно од се’, го креваме својот глас за тие кои се присилно занемени. Со неприкосновена верба дека преку колективното ослободување ќе го доживееме и индивидуалното, а и со радикално прифаќање на различноситите ќе оствариме подобро утре – за сите, во тој дух го одбележуваме овој ден.
Во контекстот на нашата земја, по декриминализацијата на хомосексуалноста во 1996 до денес, иако може да воочиме значителна разлика и подобрување на позицијата на ЛГБТИК+ заедницата во општеството, се’ уште самиот институционален (не)третман, сеприсутната дискриминација, како и недостатокот на правна заштита за специфичните потреби на лицата од заедницата се прашања и проблеми кои бараат адекватен институционален, како и општествен одговор.
Во 2013 година се одржа првиот Скопје Прајд викенд – фестивал за квир култура и уметност, а во 2019 година и првиот Скопје Прајд, со тоа традицијата продолжува и оваа година во малку различен контекст земајќи го предвид засилувањето на анти-родовите движења и порастот на популизмот на глобално ниво – видливоста на заедницата е потребна повеќе од кога било.
Оваа година во духот на колективната солидарност го одбележуваме Меѓународниот ден за борба против хомофобијата, бифобијата и трансфобијата, застанувајќи сплотено против универзалните проблеми кои не’ допираат сите, ги повикуваме нашите сограѓани/ки кои не се тангирани да погледнат во себе дали овие различности се навистина предмет на раздор или можност за креирање на солидарно општество каде никој нема да биде дискриминиран или исклучен заради особини кои не биле избрани и во кое радикалното прифаќање на разликите може да не’ обедини?
Јана Сотировска, активистка