Меѓународен ден на лица со попреченост: Градење инклузивно општество за социјален напредок

декември 3, 2025

На 3 декември, светот го одбележува Меѓународниот ден на лицата со попреченост – ден кога се потсетуваме дека правата, еднаквоста и достоинството мора да бидат достапни за сите. Започнувајќи од 1992 година, овој датум претставува глобален повик за акција против бариерите со кои се соочуваат луѓето  со попреченост во секојдневниот живот.

Одбележувањето на Денот на луѓето со попреченост, оваа година се одржува под мотото Градење инклузивни општества за унапредување на социјалниот напредок“ со  фокус на заедничката одговорност – институциите, организациите, заедниците и граѓаните да креираат услови што ќе обезбедат еднакво учество, достоинствен живот и остварување на човековите права за сите луѓе со попреченост.

Иако постојат  позитивни иницијативи, сведоци сме дека во нашето општество сè уште многу лица со попреченост и понатаму живеат во сиромаштија или зголемен ризик од сиромаштија, се соочуваат со дискриминација при вработување, пониски примања, образовниот систем сè уште не е целосно инклузивен и често ги маргинализира учениците и студентите со попреченост, инфраструктурата и јавните услуги остануваат непристапни за голем број граѓани, социјалната заштита не ги покрива реалните и дополнителни трошоци поврзани со животот со попреченост, институциите често не обезбедуваат навремени, соодветни и недискриминаторски услуги.

Заради овие проблеми со кои се соочуваат луѓето со попреченост Хелсиншкиот комитет повикува на системска реформа на социјалната и здравствената заштита, со цел тие да бидат достапни, правични и усогласени со реалните потреби на лицата со попреченост. спречување и санкционирање на дискриминацијата, особено во образованието, здравството и на пазарот на труд, подобрување на пристапноста на јавниот простор, институциите и услугите, економско зајакнување преку пристап до достоинствено вработување и програми за поддршка кои не исклучуваат лица во приватниот сектор и промовирање на самостојност, автономија и учество на луѓето со попреченост во донесувањето одлуки што ги засегаат нивните животи.

Еднаквоста не е привилегија – таа е човеково право. Затоа, на овој ден ја повторуваме нашата заложба да се бориме против сите форми на дискриминација и да ја подигнеме свеста за потреба од општество во кое секоја личност може да го достигне својот целосен потенцијал.