КЗД утврди дискриминација врз основа на пол во оглас за вработување

мај 9, 2019

Постапувајќи по претставка на Хелсиншкиот комитет за човекови права, Комисијата за заштита од дискриминација утврди директна дискриминација врз основа на пол од страна на Олимписки базен ,,Центар’’ во Скопје кон потенцијални кандидати за добивање на работен ангажман. Претставката, која што Комитетот ја поднесе до КЗД во март годинава, се однесува на оглас за вработување, објавен на 13 март 2019 година на фејсбук страната на деловниот субјект, за две работни места – рецепционерк/ка со полно работно време и хигиеничарка со полно работно време.

Според наводите во добиеното мислење од КЗД: ,,Комисијата со Барање за изјаснување се обрати до Олимпискиот базен Центар да се произнесе по претставката. На ден 03.04.2019 година до Комисијата е доставен одговор со кој ги негираат наводите во претставката и во кој што наведуваат дека во прилог се доставени докази ППР образец и Договор за работа на работно место хигиеничар склучен со лице од машки пол. Меѓутоа, Комисијата од доставените докази не може да увиди дека не станува збор за дискриминација, односно во ППР образецот нема никаков податок за вработено лице, освен потребен број на работници. Додека, пак, наведениот договор за вработување е нецелосен, без потписи, склучен на 18 март 2019, а со важност од 1 март 2019 година.’’

Со оглед на утврдената директна дискриминација врз основ на пол во областа на работа и работните односи, односно оневозможувањето на припадниците на машкиот пол да се јават на огласот, КЗД препорачува да се поништи огласот и повторно да се објави без наведените дискриминаторски содржини. Согласно Законот за спречување и заштита од дискриминација, дискриминаторот е должен во рок од 30 дена од приемот на препораката да постапи по истата и за тоа да ја извести Комисијата.

Хелсиншкиот комитет продолжува со документирање и пријавување на дискриминаторски огласи за работа и ја поздравува праксата на утврдување на дискриминација во ваквите огласи од страна на КЗД.

Апелираме до работодавачите да не објавуваат дискриминаторски огласи за вработување и ги повикуваме сите кои се почувствувале дискриминирани да го пријават случајот во Хелсиншкиот комитет за човекови права.