КСЗД треба да прави разлика помеѓу институтите поттикнување дискриминација, вознемирување на дискриминаторска основа и говор на омраза

септември 11, 2023

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација во изминатиот период одлучуваше во две поврзани претставки поднесени од страна на Коалицијата Маргини и Скопски квир центар.

Предмет на претставките е статус на Фејсбук на Драгана Спасевска, една од гласноговорничките на анти-родовите движења, во кој прикажува фотографија од вежба за среќно семејство на која се прикажани слики од истополови двојки и која наводно била дадена во основното училиште Свети Кирил и Методиј во општина Центар. Со фотографијата го објавува следниот текст:

“Домашна работа за I-во одделение во ОУ. “Св. Кирил и Методиј’ Скопје-центар. Ваква “грешка“ на наставник кој го дал ова работно ливче и не е баш грешка. Јетон Шакири министре! Кога веќе имате најава дека ќе вршите измени во законот за основно образование, тогаш веднаш да ги измените и членовите од законот во кој се вметнати термините кои се против уставни и без законска регулатива! Знаете добро за што зборувам! Секое полнолетно лице нека избере што сака и нека се определи како сака, но тој, па ни било кој друг нема право да го наметнува ова на НАШИТЕ ДЕЦА од најрана возраст! Семејството го сочинуваат МАЈКА И ТАТКО! МАЖ И ЖЕНА! БЕРЕТЕ УМ!“.

Овој статус го сподели директорот на основното училиште во Прилеп, Ахил Јаков, на што допиша: „До развратните: Рецептот за среќно семејство го сочинуваат мајка татко и деца (маж и жена)!!! Овие психо – развртени – неуротични – обратно згрешени работи како долу на сликата нема да ги учат нашите ученици!!!“.

Двата случаи беа пријавени во КСЗД со посебни претставки. По претставката против Ахил Јаков, КСЗД утврди дискриминација во форма на вознемирување врз основа на сексуална ориентација, согласно основот и обликот на дискриминација наведени во претставката. Согласно позитивна регулатива i судската практика на Европскиот суд за човекови права, говорот кој го употребува Ахил Јаков е несомнено говор на омраза. Со него истополовите двојки, различни од сите останати по сексуалната ориетација грубо се навредуваат, се прикажуваат како штетни за општетството, а особено за децата.

Но, Комисијата не утврди поттикнување на дискриминација од страна на Драгана Спасевска. Со претставката се бара утврдување на повикување, поттикнување и инструкција за дискриминација врз основа на сексуална ориентација. Во претставката е наведено дека статусот сам по себе е дискриминаторски и промовира идеја дека истополовите двојки не се еднакви со хетеросексуалните, дека се штетни, непожелни, а особено е штетно децата да знаат дека вакви двојки постојат и дека имаат право на семејство. Со цел да се потенцира разликата помеѓу институтите говор на омраза и повикување и поттикнување дискриминација, во претставката се наведува дека „статусот сам по себе ја нема преминато линијата на говор на омраза, односно на директен начин не ги претставува ЛГБТИ луѓето како болни, штетни, морално корумпирани и слично. Статусот поттикнува дискриминација на непосреден начин, односно создава дискурс во кој истополовите двојки т.е. хомосексуалците се прикажуваат како штетни, болни, а нивните врски не се соодветни за да бидат опфатени во образованието.“ Таквото резонирање на Комисијата не е базирано врз позитивните прописи и претставува сериозно мешање на квалификациите на правните институти „говор на омраза“ и „повикување и поттикнување на дискриминација“.

Разлики помеѓу вознемирување, говор на омраза и повикување и поттикнување дискриминација

Во националното антидискриминационо законодавство, се прави разлика помеѓу вознемирување (и сексуално вознемирување) и повикување, поттикнување и инструкции за дискриминација. Националното антидискриминационо законодавство не го користи терминот „говор на омраза“. Согласно законот, вознемирувањето е несакано постапување кон лице или група врз дискриминаторски основи што има за цел или последица, повреда на достоинството или создавање на заканувачка, непријателска, понижувачка и засташувачка средина, пристап или практика[1]. Со оваа широко поставена дефиниција се обезбедува заштита од говор на омраза[2], но и од говор кој нужно не ги исполнува сите елементи на говорот на омраза, туку доволно е да вознемирува на дискриминаторска основа. Поттикнувањето на дискриминација е дефинирано како секоја активност со која посредно или непосредно се повикува, охрабрува или дава упатства или поттикнува да се изврши дискриминација. Оттука, самиот член прави разлика помеѓу различни дејства, да се повикува, да се поттикнува и да се даваат инструкции. Притоа, се предвидува дека овие дејства можат да се извршат посредно или непосредно. За повик на дискриминација врз основа на сексуална ориетација може да се смета говор со кој се повикува власта да не овозможи некое право на ЛГБТИ луѓето кое го имаат останатите (на пример, брак, партнерство и слично). Инструкциите за дискриминација се конкретни дејства во кои едно лице му кажува на друго на кој начин да изврши дискриминација, на пример, сопственикот на кафулето му вели на келнерот да не прима геј и транс лица. Поттикнувањето дискриминација е многу пошироко, тука можат да влезат дејства со кои се шират идеи за нееднаквост на една група во однос на друга на дискриминаторска основа. Во статусот на Драгана Спасовска има елементи на повикување и поттикнување дискриминација.

Во расудувањето Комсијата не прави разлика помеѓу вознемирување, говор на омраза и поттикнување дискриминација, иако и самот закон и правната теорија ги разликуваат овие поими. Говорот на омраза е дефиниран низ практиката на ЕСЧП, а Комисијата ги користи овие дефиниции и ги применува при одлучувањето дали одредно дејство е поттикнување дискриминација.

„За одредено дејствие да се смета за повикување на дискриминација, истото мора да содржи нешто што претставува навреда, клевета, исмевање или друго дејствие кое би поттикнало дискриминација…“ – се вели во мислењето на Комисијата.

Во мислењето КСЗД наведува дека Драгана Спасевска не упатила невреди, исмевање и клеветење на ЛГБТИ луѓето, од каде не извршила поттикнување на дискриминација. Навреди, исмевање и клеветење кои се засноваат на дискриминаторска основа се елементи на говор на омраза образложени, меѓудругото, и во случајот Вејдланд и други против Шведска[3]. За поттикнување дискриминација, соглсно ЗСЗД, доволно е и непосредно охрабрување. При расудувањето КСЗД, пред сѐ, треба да ги има предвид законските дефиниции, кои понатаму ги дополнува со релевантна судска практика на ЕСЧП и други меѓународни тела за човекови права, вклучително и мекото право. Притоа, клучно е да се земе предвид степенот на заштита која ја нуди КСЗД како квази-судско тело. Во случајот Вејдланд против Шведска (и други случаи за кои има одлучувано ЕСЧП[4]) станува збор за кривично-правна заштита од говор на омраза. Кривично-правната заштита од говор на омраза е суштествено различна од квази-судската заштита на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, која земајќи ги предвид последиците кон сторителот, има повеќе симболичен, превентивен и деклараторен карактер. Со поднесување на претставка до КСЗД не се бара кривично да се осуди сторителката што има далеку посериозни последици, туку телото за еднаквост да утврди поттикнување дискриминација, да препорача да се извини и да се воздржи од ваков говор во иднина. Токму поради можните разлики во интензитетот, контекстот и сериозноста на одреден говор, постојат овие различни институти и државите предвидуваат различен степен на одговорност за говор со различен интензитет. Па така, КСЗД може да утврди дискриминација во случаи во кои станува збор за говор на омраза за кој пропорционална би била кривична санкција (во вакви случаи може да прпорача на органите за прогон да иницираат истрага и обвинителни акти), но исто така, може да утврди некој облик на дискриминација и за говор со помал интензитет и сериозност, за кој пропорционална санкција би било препознавање како таков од страна на тело за еднквост, препорака, административна казна, јавна осуда и друго.

Во мислењето КСЗД го цитира случајот Хендисајд против Обединетото Кралство, кој е комплетно неапликативен за предметот на претставката. Во Хендисајд не се работи за говор на омраза, туку за кривична осуда на издавач на книга која според властите имала непристојни содржини. Земајќи го предвид предметот на случајот (книга која има за цел да ги едуцира тинејџерите за сексот), цитираниот дел од пресудата во кој се тврди дека слободата на изразување не вклучува само “информации или идеи кои се поволно примени или се сметаат за ненавредливи или како прашање на индиферентност, туку и оние кои ја навредуваат, шокираат или вознемируваат држатата или кој било дел од населението“, се однесува на содржини кои на афирмативен начин зборуваат за сексуалноста, вклучително и хомосексуалноста. Комисијата пропуштила да направи разлика помеѓу говор кој ја шокира јавноста и кој ја ужива заштитата дадена од слобода на изразување, поради прикажување на поинакви ставови од доминантната норма, наспроти говорот на Драгана Спасовска кој има за цел негирање на афирмацијата на правата на истополовите двојки и создавање средина на нетолеранција. Говорот, предмет на претставката, е насочен против правата на маргинализирана група, тој не го вознемирува мнозинството и државата, напротив ја продлабочува фанатичната институционализирана омраза кон ЛГБТИ луѓето.

Неземање предвид дека повикувањето и поттикнувањето дискриминација било успешно

На статусот има околу 700 реакции, 320 споделувања и повеќе од 60 коментари со експлицитен говор на омраза (навреди, омаловажувања, клеветења и повици за насилство и убиство)[5]. Коментарите содржат говор на омраза, или со јазикот на ЗСЗД, вознемирување врз основа на сексуална ориетација и родов идентитет. Ова е видливо и од статусот на директорот Ахил Јаков, кој го сподели статусот и со својот коментар стори вознемирување врз основа на сексуална ориетација, препознаено од Комисијата. Со други зборови, Драгана Спасовска успешно поттикна дискриминација, во форма на вознемирување врз основа на сексуална ориетација, што Комисијата го утврди во случајот на Ахил Јаков.

Но, Комсијата во мислењето трвди дека не постои причинско-последична врска помеѓу статусот и коментарите под статусот од каде утврдува дека пријавената не е одговорна за коментарите. Причината било тоа што статусот бил упатен кон Министерот за образование, а не кон ЛГБТИ заедницата, без притоа да се земе предвид дека со статусот Драгана Спасовска бара од Министерот да се скратат правата на заштита од дискриминација на ЛГБТИ луѓето во образованието и да не се прикажуваат нивните заедници како еднакви со хетеросексуалните. Не е јасно како Комисијата не ја гледа причинско-последичната врска помеѓу статус со кој се бара МОН да ги тргне одредбите за заштита од дискриминација во Законот за основно образование и да не ги прикажува истополовите зеадници како еднакви и коментари во кои ЛГБТИ луѓето се клеветат, навредуваат и се бара да се убијат. Целта е иста, коментарите се само поекстремен начин на промовирање на идеи за нееднаквост на ЛГБТИ луѓето.

Но дури и Комисијата да не ја гледа причинско-последичната врска, коментарите кои содржат вознемирување под статусот се факт. Пријавената не ги избришала коментарите пред приемот на претставката. Согласно практиката на ЕСЧП, оној кој има моќ/можност да модерира коментари има обврска и одговорност истото да го стори[6].

Контекстот е клучен

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација е национално тело за еднаквост, кое во изминатиот период одлучуваше за повеќе претставки за вознемирување врз основа на род, сексуална ориентација и родов идентитет на социјалните мрежи сторени од различни актери од анти-родовото движење, како што е пријавената Драгана Спасовска. Комисијата во рамки на своите надлежности има обврска да ги следи состојбите во областа на родовата еднаквост и да ги користи своите надлежности за да се спротистави на обидите за уназадување на еднаквоста. Но, дури и тоа да не е случај, Комисијата и врз основа на своето предметно работење мора да била информирана за делувањето на анти-родовите движења и ефектите од овие кампањи. Комисијата нужно требала да земе предвид дека ова не е изолиран случај во кој пријавената и нејзините соработници поттикнуваат дискриминација кон ЛГБТИ луѓето, туку станува збор за организирана кампања на повеќе актери со која се застапуваат против родовата еднаквост и против унапредување на правата на ЛГБТИ луѓето, притоа служејќи се со дезинформации и говор на омраза.

Како национално тело за еднаквост, согласно нејзините законски надлежности за промоција на еднаквост, Комисијата треба да биде клучен агент за унапредување на родовата еднаквост и правата на ЛГБТИ луѓето, што подразбира информирање на институциите и јавноста за анти-родовите движења, подигнување на свеста за опасноста од нивните капањи и застапување за донесување на закони и политики за афирмација на родовата еднаквост и ЛГБТИ правата. Но, до сега, не следиме значајна активност на Комисијата во областа на родовата еднаквост и во спротиставувањето на анти-родовите движења. Напротив, со неутврдувањето на поттикнување дискриминација во овој случај, Комисијата придонесува кон легитимирање на овие движења и на злоупотребата на човековите права за негирање на правата на другите.

Заклучок и препораки

Ова мислење на Комисијата е непрофесионално бидејќи се одликува со несоодветна примена на правни институти, нивно неразликување, како и нелогично и недоволно аргументирано правно расудување. Комисијата не ги користи доволно своите надлежности од експертската и певентивната функција во унапредување на родовата еднаквост и ЛГБТИ правата, особено земајќи предвид дека еднаквоста врз основа на род, сексуална ориетација и родов идентитет се ставени во опасност од страна на засилена мобилизација на анти-родовите движења.

Мрежата препорачува Комсијата да ги зајакне своите капацитети во препознавање и разликување на вознемирување,повикување и поттикнување дискриминација и говор на омраза и да ги зајакне своите знаења за меѓународните стандарди во овие области, со цел соодветно да ги користи во работењето по предмети. Мрежата препорачува Комисијата активно да ги мониторира состојбите во областа на родовата еднаквост и ЛГБТИ права, вклучително и антиродовите движења, да известува и да ја инаформира јавноста. Исто така, Комсијата треба активно да се вклучи во процесот на застапување за донесување на Законот за родова еднаквост и предлог Законот за матична евиденција и проактивно да бара и да предлага унапредување на политиките и практиките.


[1] Член 10 став 1, ЗСЗД

[2] “Под говор на омраза се подразбираат сите видови изразување кои поттикнуваат, промовираат, шират или оправдуваат насилство, омраза или дискриминација против личност или група на лица, или кои омаловажуваат, поради вистински или припишани лични карактеристики или статус, како раса, боја, јазик, религија, националност, национално или етничко потекло, возраст, попреченост, пол, родов идентитет и сексуална ориентација.“ Recommendation CM/Rec(2022)16[1] of the Committee of Ministers to member States

on combating hate speech (Adopted by the Committee of Ministers on 20 May 2022 at the 132nd Session of the Committee of Ministers)

[3] CASE OF VEJDELAND AND OTHERS v. SWEDEN (Application no. 1813/07), 9 February 2012

[4] Лилиендал против Исланд, Беизарас и Левицкас против Литванија и други.

[5] Дел од кометарите се: “Сатанисти; Уште во I одд., перење мозоци! Изроди! ; Некој се труди да ја уништи главната клетка на ова општество.; Изроди; Ма све по списку што е новоизмислено треба да се запали; Овие книги под итно треба да се запалат и да се стави точка на едно вакво силување на нашите деца!; Се тера америчка болна пропаганда; Што е овааааа? Гилотина е спас, друго чаре немаааа. ; Види мал…ни виа треба под итно на кладиво на сред плоштад и тиа шо ги пишел овие книги и тиа што дозволил да се печатат.; Ќе не стигне некое проклетство и ќе исчезни човечкиот род! “

[6] Delfi AS v. Estonia – 64569/09, Judgment 10.10.2013