Кривична одговорност за фирмите кои користеле државна финансиска поддршка, а не им исплатиле плати на своите вработени

јули 29, 2020

Силно ги осудуваме сите работодавачи кои примиле финансиска поддршка од државата, а не ја исполниле обврската за исплата на плати на своите вработени. Целта на државната финансиска поддршка утврдена со владината уредба за справување со кризата предизвикана од КОВИД-19 беше да се зачуваат работните места на работниците, а не работодавачите незаконски да профитираат на грбот на работниците за време најголемата здравствена, социјална и финансиска криза со која се соочуваме. Сметаме дека ваквото однесување на работодавачите е недозволиво, неправедно, незаконско и нехумано и апелираме на следново:

  • Управата за јавни приходи, без одложување и во најкус можен рок согласно своите законски овластувања да изврши присилна наплата на платите на работниците во фирмите кои добиле државна финансиска поддршка, а не ја исполниле обврската за исплата на плати во месеците за кои ја земале поддршката или исплатиле помалку плата за овие месеци.
  • Управата за јавни приходи, во соработка со Државниот инспекторат за труд, а согласно Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување на споменатите работодавачи да им изрече глоба за сторен прекршок и да ги задолжи работодавачите да ги вратат добиените државни финансиски средства.
  • Основното јавно обвинителство да покрене постапка по допрен глас против сите работодавачи кои добиле државна финансиска поддршка, а не им исплатиле плати на своите работодавачи за сторено кривично дело измама по чл. 247 од Кривичниот законик.
  • Владата на Република Северна Македонија како носител на мерката и исплатувач на државната финансиска поддршка јавно да ги објави фирмите кои ја користеле државната финансиска поддршка, а не им исплатиле плати на своите вработени.
  • Во иднина сите финансиски мерки за помош и поддршка на работниците да им се исплаќаат директно на работниците, а не на работодавачите, за да се избегнат вакви и слични злоупотреби.

 

 

 

  • Конфедерација на синдикални организации на Македонија (КСОМ)
  • Синдикат на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ)
  • Независен академски синдикат (НАкС)
  • Самостоен синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ)
  • Синдикат на културата на Република Македонија (СКРМ)
  • Синдикат на македонската дипломатска служба (СМДС)
  • Хелсиншки комитет за човекови права
  • Здружение на граѓани „Гласен Текстилец“
  • Левичарско движење „Солидарност“
  • ЈАДРО – Асоцијација на независната културна сцена 
  • Субверзивен фронт