Конечно усвоен закон за антидискриминација, бараме брз и транспарентен избор на соодветната Комисија

октомври 28, 2020

Хелсиншкиот комитет го поздравува усвојувањето на Законот за спречување и заштита од дискриминација. Со 69 гласови за, еден воздржан и без ниту еден глас против, Собранието на Република Северна Македонија го изгласа законот кој првично беше донесен во мај 2019 година, но заради неисполнет собраниски кворум,  беше укинат од страна на Уставниот суд во јуни 2020.

Ова законско решение треба да понуди подобра превенција и заштита од дискриминација, да гарантира транспарентен избор на стручна, професионална и независна Комисија за спречување и заштита од дискриминација, да го подобри административното работење на Комисијата со воведување на стручна служба на Комисијата, да ја скрати и направи поефикасна постапката за заштита од дискриминација пред Комисијата и да го олесни пристапот до судска правда во случаи на дискриминација.

Следен чекор, кој е неопходно што побрзо да се случи е  отпочнување на процесот за формирање на нова, независна, стручна и професионална Комисија за спречување и заштита од дискриминација. За таа цел, апелираме Собранието на Република Северна Македонија после стапувањето на законот во сила, во најкус можен рок да објави јавен оглас за избор на членовите на Комисијата.

Во тој поглед, нагласуваме дека Законот беше усвоен без амандманот на членот 18, со кој постапката за оваа комисија требаше да се уреди по примерот на постапката за избор на членови на Државната комисија за спречување на корупцијата. Основаните сомнежи дека изборот на членовите на КСЗД ќе зависи од партиски договор, ќе се отстранат само доколку се овозможи учество на граѓанските организации во јавна расправа за избор на членовите на КСЗД, согласно постоечкиот  собраниски Деловник.

Хелсиншкиот комитет за човекови права будно ќе го следи процесот на спроведување на Законот за спречување и заштита од дискриминација, изборот на членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, нејзиното работење, како и нејзиното работење.