Комисијата за спречување и заштита од дискриминација останува да се избира по пат на партиски договор?!

октомври 23, 2020

На 21.10.2020 година одржана беше седница на Комисијата за европски прашања и Законодавно –правната комисија на Собранието на Република Северна Македонија на кои на дневен ред беше Предлог – Законот за спречување и заштита од дискриминација, попрецизно неговото второ читање и разгледување на поднесените амандмани. Од поднесените амандамани ниту еден не беше усвоен. Еден од амандамните беше и амандманот на Член 18 поднесен од пратениците Маја Морачанин и Мирослав Богдановски, а за кој се застапуваше Мрежата за заштита од дискриминација.

Мрежата за заштита од дискриминација со разочарување ја прими веста дека амандманот на Член 18 не е усвоен и остро ја осудува одлуката на пратениците од власта да не го поддржат. Со амандманот на член 18 се уредува изборот на членовите на комисијата за заштита од дискриминација, чија цел е да се осигура независноста на Комисијата, транспарентна и инклузивна постапка за избор што е во согласност со сите меѓународни стандарди и препораки, како и со мислењето на Венецијанската комисија.

Останува неодговорено прашањето зошто на коалициските партии на власта им пречи потранспарентен начин на избор и именување на членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД), со оглед на тоа дека пратениците на ДОМ и опозициските пратеници ја препознаа и поддржаа потребата од промена на Членот 18, чија одлука ја поздравуваме.

Членот 18 кој го предложивме најпрво беше прифатен и предложен од Министерството за труд и социјална политика, но Владата го одби и го поднесе Предлог-Законот со истиот текст кој беше усвоен во 2019 година без притоа да даде објаснување, а чија одлука ние исто така остро ја осудивме.

Како Мрежа испративме барање до сите пратеници да предложат и поддржат амандман на членот 18 со кој постапката ќе се уреди по примерот на постапката за избор на членови на Државната комисија за спречување на корупцијата. Дополнително, Мрежата за заштита од дискриминација поднесе барање за јавна дискусија до Собранието на Република Северна Македонија. Комисијата за европски прашања, заедно со Комисијата за еднакви можности организираа средба со здруженијата по однос на Законот за спречување и заштита од дискриминација на 20.10.2020 година каде Мрежата за заштита од дискриминација, останатите здруженија и екперти од областа аргументирано ја образложија потребата од амандман на Член 18.

Овој амандман го предложивме бидејќи претходниот состав на Собранието не успеа да избере членови на КСЗД, а медиумите известуваа дека партиите не можат да постигнат партиски договор во Комисијата за прашања на избори и именувања.

Стравуваме дека со неусвојувањето на амандманот на Член 18 ќе се потврдат нашите сомнежи  и изборот на членовите на КСЗД ќе зависи од партиски договор, а не од квалитетот и заслугите на кандидатите, бидејќи здруженијата на граѓани и медиумите нема да можат непосредно да учествуваат во постапката за избор.

Бараме од пратениците да го донесат Законот за спречување и заштита од дискриминација и да ги изберат членовите на КСЗД што поскоро, на начин со кој ќе ги демантираат нашите сомнежи и ќе одберат професионални членовите на Комисијата кои имаат искуство, знаење и посветеност на недискриминацијата и заштитата на човековите права, а не партиски кадри.