Колумна: Неколку размисли околу говорот на омраза
февруари 15, 2017
Пишува: Анастасија Петревска
„Кого мразам? Евреите, ми доаѓа да кажам (…)
За Евреите го знам само тоа што ме учеше мојот дедо: Тие се еден безбожен народ пар екселанс (…) И кога бев доволно пораснат за да сфатам, тој ме потсетуваше дека Евреинот не е само суетен како Шпанец, неук како Хрват, алчен како Левантинец, неблагодарен како Малтежанин, безобразен како Циганин, нечист како Англичанец (…) туку е и браколомник поради својата незауздива похотливост – што е резултат на обрежуванието што ја зголемува ерективноста (…) За среќа никогаш не сретнав ниеден од нив…“
-Умберто Еко, Прашките гробишта
Во последно време се чини дека „говор на омраза“, заедно со двата придружни концепти на дискриминација и стереотипизација, стана синтагма што е малку истрошена и банална – нешто што се перципира како некаква апстрактна либерална работа која кај нас дошла под влијание на западните трендови. Многу наши политичари ја нафрлаат како флоскула, додека свесно или несвесно го употребуваат говорот на омраза, а истовремено и на светско ниво навистина се забележува негова афирмација. Излишно е да се зборува за Трамп; чисто за илустрација ќе го цитирам претседателот на Филипини, Родриго Дутерте, коj неодамна изјави: „Ако познавате некој што е нарко зависник – убијте го! На неговите родители би им било болно да го сторат тоа самите“.
Секако дека обичниот граѓанин е на дното на синџирот на омраза. Тој може само слепо да ја перпетуира омразата, без никаква придобивка. Елитите, или попрецизно кажано субјектите што ја имаат слободата да говорат за слободата (на било што), многу често ја злоупотребуваат нивната позиција со ваков говор – напаѓањето на најранливите групи е диверзија од решавањето на вистински важните проблеми во општеството, како што се сиромаштијата и корупцијата. Тие создаваат и неодговорни медиуми кои слободата на говор ја користат како слобода на омраза.
Ако се задлабочиме во темата и се задржиме на нашиот контекст, увидуваме дека проблемот е системски односно дека не постои политичка волја за признавање на говорот на омраза како онолку штетен колку што е, поради веќе познатите причини. Да се побара кривично гонење за оние кои го употребуваат е сè уште преседан и можат на рака да се избројат пресудите од овој тип во Република Македонија. За неутралната јавност често ова е прашање кое нема големо значење и многу често се занемарува опасноста од реторика полна со омраза, бидејќи на крајот на краиштата сите имаме слобода на говор и имаме целосно право да си го изразиме сопственото мислење.
Но што се случува кога според тоа мислење излегува дека „за педерите треба гасни комори“ или „Шиптарите се лоша семка“? Или, пак, кога на ѕидот на едно средно училиште во Битола, во кое 80% од учениците се Роми, стои елоквентно напишан графит – „Смрт за Ѓупци“?
Горенаведениот цитат доаѓа од град со традиција на вакви поетски изблици. Еден фин пример претставува драмата „Отеле Ѓуптинот“, во која се раскажуваат патешествијата на група „Ѓупци“ кои решиле да ја изведат драмата од Шекспир „Отело“, и во која сатирично се прикажува како, поради нивната неукост, името на Отело го изговарале Отеле. Отело, иронично, е драма напишана за време на англиската ренесанса, која раскажува за трагичната љубовна приказна на Отело, Мавар[1], и Дездемона, ќерка на венецијански благородник. Кај Шекспир ова не наидува на добар прием бидејќи таквото мешање на расите во ренесансниот свет е недозволиво. Еден лик му соопштува на таткото на Дездемона:
Even now, now, very now, an old black ram
Is tupping your white ewe.
Баш сега, сега, ептен сега, еден стар црн овен
ти ја прчи белата овца.[2]
Денес, иако се поминати пет века цивилизациски напредок, помислата на „стар црн овен“ во иста постела со некоја бела македонска мома во светот на таткото/читателот/слушателот функционира на истиот начин, и многу веројатно ги произведува истите емоции. Во нашава Битола, Отело Маварот станува Отеле Ѓуптинот – а помислата дека „Ѓуптинот“ може да изведе драма од Шекспир е толку неверојатна што претставува предмет на драмска сатира. Така авторот не сакајќи (или како што би рекле на битолски – на неќење) продира длабоко во ова прашање, и го реактуелизира Шекспир во контекст на расата во нашето современо секојдневие.
Секако, овој пример е посуптилна форма на стереотипизирање на етничка основа, а не експлицитен изблик на говор на омраза. Авторот на драмата, кој беше предмет на обвинувања за расизам и стереотипизација на Ромите, во едно интервју вели: „Јас имам многу добри пријатели меѓу Ромите“, што иако звучи како неутрална изјава, многу потсетува на нешто што би кажал белец од Америка на инсинуацијата дека е расист: “I am not racist, I have a black friend.“ (Не сум расист, имам пријател црнец.)
Но, јазикот е фосил кој во текот на историските процеси успеал да скамени безброј културни обрасци. Иако дел од нив се истрошиле и само формата останала, дури и формулаичната употреба на дискриминаторски и стереотипни изјави е ужасна, токму поради тоа штое страшно суптилна. „Циганите“ се неписмени, мрзливи и алчни, но „весели и музикални“ (како што вели авторот на „Отеле Ѓуптинот“ дека ги претставува Ромите во својата книга); „Шиптарите“ се племе, „педерите“ се неприродни. Дисперзираноста на ваквите ставови во јавниот простор и во секојдневното живеење е толку голема што повеќето луѓе ги доживуваат како природни и нормални. Тоа им дозволува на луѓето да не си признаат дека дискриминираат – туку тие само донесуваат „објективен суд“ за некаква карактеристика на другиот што е „едноставно таква“.
Истовремено постојат и оние големи западни наративи за крвавата историја на човештвото – за ужасот на холокаустот, по кој не може да се пишува поезија,[3] секогаш проследени со мантрата „никогаш да не се повтори.“ Но дали сме ги надживеале овие форми на системско угнетување? Во САД постоеле концентрациони логори за Јапонци и заАмериканци со јапонско потекло за време на Втората светска војна (значи, истовремено со нацистичките) кои во еден период им биле дом на околу 120000 луѓе. За време на војната во Босна постоеле и хрватски и српски концентрациони логори за муслимани. Историјата на човекот е навистина крвава; таа е една макотрпна прогресија на колежот на различното и на „другото“, но забораваме дека таква е и нашата современа историја. Кои се тие што ги извршуваат овие дела на расна омраза? Се родил ли антисемитизмот во текот на Кристалната ноќ[4]? Утешно е да се мисли дека Хитлер е архидемонот на западната цивилизација кој е единствено одговорен за ѕверствата на холокаустот и дека со победата на нацизмот тоа нема да се повтори (иако, сетете се дека тук-таму сите имаме некој роднина кој во некоја прилика рекол „За ваквите – само Хитлер“). Одговорот е не – тоа е дело на обичниот човек, кој успева така несвесно, но вешто, да го дехуманизира другото до тој степен што се чини природно тоа да не треба да постои. Се разбира, исклучителни се околностите во кои се случува геноцид од такви размери, но дали тоа се случува преку ноќ? Моето мислење е дека нешто секако мора да му претходи.
Стереотипните флоскули поврзани со која било општествена група секогаш го афирмираат естаблишментот – оној кој се потсмева е секогаш во позиција на моќ. Не можеме да се смееме за Отеле Ѓуптинот без да потиснуваме една култура, која во рамките на таквата позиција во општеството не ни може да стане Отело Маварот – секогаш ќе остане „Отеле Ѓуптинот“. Во меѓувреме, Ромите остануваат најмаргинализираните граѓани, со статистика која вели дека се најсиромашни, со најнизок степен на писменост; огромен дел од нив немаат лични документи, ниту пристап до услуги кои треба да бидат загарантирани за секој граѓанин, како здравство или образование. Патем, бројот на Роми убени за време на холокаустот (приближно 500 илјади) често се занемарува и исклучува од мантрата Nevermore! кога се зборува за холокаустот.
Секако Ромите ги посочувам како горлив и релевантен пример, но не постои група врз која овие правила на угнетувањето преку дискриминација и говор на омраза не може да се екстраполираат.
Без да завршам со некој цитат за природата на љубовта и длабочината на нашите срца, кој би можел да делува наивно, а и во секој случај е преопшт за да биде од некаква важност, би сакала само да предупредам дека човекот, како што можеби споменав, има една историска тенденција да му се гади од различното и да го воопштува, наместо да го партикуларизира. Дискриминацијата, стереотипите и говорењето со омраза се негово секојдневие, но клучно е да препознаеме дека тоа е инхерентното во човекот, неодвоивото и апсолутното, а не некаква произволна карактеристика штое природна и што зависи од пигментот на неговата кожа, од тоа кого сака, како се доживува, од каде доаѓа, какво тело поседува. Нашата скромна улога останува во тоа да го препознаеме ова и да се обидеме да го надминеме. За тоа ќе ни биде потребна и емпатија, за да се замислиме нас самите како жртви на говорот на омраза, да му го најдеме коренот и да го откорнеме.
Дотогаш, омразата, видлива или скриена, останува гордо да стои помеѓу „веселите и музикални“, но неписмени Роми и Кристалната ноќ.
[1]Маври – муслимани од северозападна Африка,од мешано Берберско и Арапско потекло, кои во VIII век продреле во Европа
[2]Кралот Лир, Макбет, Отело, Хамлет/Вилијам Шекспир, препев од англиски и предговор – Драги Михајловски, Каприкорнус, 2008
[3] “There can be no poetry after Auschwitz” – Theodor Adorno.
[4] Од германски: Kristallnacht или Reichskristallnacht, Pogromnacht или Ноќ на скршено стакло) – акт на масивно прогонување на Евреите во цела Германија и делови од Австрија на 9 и 10 ноември, 1938 година. Домовите на Евреите биле опустошени во неколку германски градови, како и 8000 еврејски дуќани, градови и села, од страна на цивили и членови на СА, кои ги рушеле еврејските градби со токмаци, оставајќи ги улиците покриени со скршени прозорци и излози. Од таму доаѓа името „Ноќ на скршено стакло“. Многу Евреи биле претепани до смрт, а 30 000 мажи Евреи биле однесени во концентрациони логори; 1 668 синагоги биле опустошени и 267 биле запалени.
Овој текст е објавен во рамките на проектот „Борба против говор на омраза“ поддржан од Американската фондација за демократија (National Endowment for Democracy). Ставовите изразени во тесктот му припаѓаат исклучиво на авторот.