Каква е улогата на антиродовите движења за стеснетиот простор за делување на граѓанските организации
Заради потребата за подлабоко промислување на негативните ефекти од антифеминистичките политики и антиродовите движења кои се’ повеќе го зајакнуваат своето антидемократско и популистичко дејстување, Хелсиншкиот комитет за човекови права организираше тркалезна маса на тема „Адресирање на стеснетиот простор за делување на граѓанските организации“. Средбата се орджа како дел од регионален проект со „Civic solidarity”. Целта на овој проект е да даде одговор на стеснувањето на просторот за делување на граѓанскиот сектор и намалената системска поддршка, засилени антиродови движења и тенденции за вклучување во институционалните процеси, но и уназадувањето на работата постигната во полето на родовата еднаквост.
„Институциите креираат и во пракса спроведуваат политики што треба да им се од корист на граѓаните. Истото го правиме и ние како граѓански организации и кога се застапуваме за родови политики и кога во јавноста се случува кампања против родовите движења, тие кампањи и пораки директно влијаат врз оние маргинализирани групи заради кои што ние ги спроведуваме овие политики. И кога нема одговор од инстиуциите кога укажуваме на пропусти или незаконитости, тоа е на штета на, во овој случај, жените во ризик“, порача Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права.
На тркалезната маса, покрај претставниците на граѓанските организации учествуваше и министерката за труд и социјална работа, Јована Тренчевска, која рече дека антиродовите движења имаат политичка цел и треба да ја подигаме свеста за долгогодишната борба за родовата еднаквост.
Пратеничките Маја Морачанин, Моника Зајкова и Санела Шкријељ изразија загриженост заради засилувањето на антиродовите движења за кои кажаа дека во својата суштина се антидемократски и целта им е да ги уназадат позитивните чекори кои досега се постигнати, како на пример поништување на ратификацијата на Истанбулската конвенција.
Негативните ефекти од антифеминистичките политики се’ повеќе го зајакнуваат своето антидемократско и популистичко дејстување, на локално, но и на институционално ниво, беше кажано на средбата. Беше констатирано дека антиродовите движења се добро организирани, финасирани од центри на моќ во САД и Русија и јазикот на кои им се обраќаат на граѓаните е непосреден и разбрлив за нив, негативните пораки се маскирани со заложби за семејството и децата.
Меѓу заклучоците на граѓанските активисти и претставничките на власта беше кажано дека е потребно повисоко ниво на едукација на младите и на граѓаните за да со заедничко дејстување се заштитат човековите права и слободи.