Како да се надминат пречките за пријавување семејно и родово базирано насилство?

јули 13, 2022

Поразителни сознанија  и потресни приказни од секојдневната пракса беа споделени на завршната конференција на проектот ,,Превенција, поддршка и застапување за родово базирано насилство”, поддржан од Германскиот Маршалов фонд на Соединетите Американски Држави и Норвешкото министерство за надворешни работи.

 

Бојана Јовановска, Марта Гусар и Наташа Петковска

 

Координаторката на проектот, Бојана Јовановска од Хелсиншкиот комитет, во своето воведно излагање посочи дека само во текот на проектниот период од една година, Хелсиншкиот комитет овозможи бесплатна правна помош за 33 случаи на родово базирано насилство (26- семејно насилство, 2- сексуално насилство, 3 – силување и 2 – сексуално вознемирување). Анализата на овие случаи покажува непрофесионалност, контрадикторност и невоедначеност во постапувањето на дел од центрите за социјална работа, нивно непостапување во случаи кога станува збор за насилство извршено од поранешен партнер, непостапување на јавното обвинителство по кривична пријава за сторено родово базирано насилство (со образложение дека не се работи за дело што се гони по службена должност) и непостапување на МВР по добиени пријави за семејно насилство.

На настанот беше  презентиран документот за јавни политики ,,Кој (не) може да пријави насилство?’’ (објавен на македонски, албански и англиски јазик), кој дава одговор на прашањето како непостапувањето на надлежните институции влијае врз пријавувањето на насилството, притоа анализирајќи го проблемот преку неколку аспекти: користење на можноста за пријавување од трето лице, вклучително и анонимно пријавување; последиците од непостапувањето на надлежните институции откако ќе добијат пријава за насилство и пријавување од страна на надлежни институции по добиено сознание.

Документот, кој го презентираше правната советничка во Хелсиншкиот комитет, Наташа Петковска, дава неколку можни решенија за зголемување на стапката на пријавување насилство преку конкретни насоки и препораки до надлежните институции за креирање мерки и политики за надминување на постоечките бариери.  Петковска се осврна и на три студии на случај, кои се содржани во документот, а кои даваат јасна илустрација за состојбата на терен.

Во рамки на овој проект, изминатиот период беа одржани седум обуки за основните концепти на Истанбулската конвенција и спроведување на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, наменети за полициски службеници од сите сектори за внатрешни работи во државата, освен Скопје. Адвокатката Марта Гусар, која беше ангажирана како обучувачка, во оваа прилика истакна: ,,Македонија не е Скопје. Низ државата не знаат за постоењето на законот, а камоли за примена, што е поразително. Кај полицијата, премногу застапен е хиерархискиот елемент при постапување – доколку немаат насоки ,,од горе’’, тие ги враќаат и осудуваат жртвите, а потоа тие се враќаат кај сторителот’’. Гусар посочи дека голем проблем е несоработката на МВР и центрите за социјална работа. Како позитивен пример се издвојуваат Штип и Македонски Брод, каде соработката е беспрекорна, а постапувањето е брзо и ажурно. Таа сподели впечаток дека единствено се признава Кривичниот законик, но дека кај полициските службеници нема познавања за обврските и одговорностите за да се спроведе Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство. ,,Кога има висок степен на ризик за жртвата или кога се инволвирани малолетни деца, не може да се чека до крајниот рок затоа што е неопходна брзина во постапувањето…Имаме елан, носиме закони, а кога ќе дојде на ред имплементација, сѐ ни паѓа во вода’’- заклучи Гусар.

На панел дискусијата, која ја модерираше Ана Аврамовска Нушкова од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, свои искуства и согледувања за проблемите со пријавување на насилството дадоа: Снежана Смилевска од Организација на жени на град Скопје, Јована Малезанска, адвокатка и Даниела Панева од Организација на жени на општина Свети Николе.

 

Ана Аврамоска Нушкова и Снежана Смилевска

 

Ана Аврамовска Нушкова посочи пример со пријавување насилство од страна на трето лице, кој директно го обесхрабрува ваквото пријавување. По пријава на сосед, полицијата пристигнала после еден час, иако станицата е на растојание од десетина метри. Жртвата во присуство на насилникот негирала дека имало насилство. Пријавителот, кој не останал анонимен, бил гонет за лажно пријавување и парично казнет. Според неа, ова се коси со принципот на постапување со должно внимание, кој е предвиден со Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство.

Снежана Смилевска од Организацијата на жени на Град Скопје зборуваше за искуствата од СОС национална телефонска линија и шелтерот за згрижување на жени и деца жртви на насилство, посочувајќи дека нивната организација бара адреса и пријавува во полиција кога ќе почувствуваат дека жртвата е животно загрозена. Тие воочиле проблеми во постапувањето кога жртвите немаат видливи повреди, кога станува збор за психичко насилство, но и во случаи кога жртвата е сопруга на полицаец.

 

Даниела Панева и Јована Малезанска

 

Даниела Панева од Организација на жени од Свети Николе истакна дека во помалите места, каде што сите се познаваат, поинаку се функционира. Жртвите се запознаени кому и каде можат да се обратат. И покрај добрата координација со надлежните институции, таа посочи дека има негативни примери од нивното постапување со жртвите – како во случај кога се инсистира самата жртва да пријави, иако имало потреба од итно постапување.  Според Панева, најмалку обучени лица, кои не ги познаваат протоколите има во здравствените установи. Како позитивен сигнал од обуките за полициски службеници, кои ги спроведе Хелсиншкиот комитет,  е  тоа што началникот на тамошната полициска станица пристапил до нивната организација и  побарал обука за родово базирано насилство. Во однос на рехабилитација на жртвите, Панева смета дека жртвите на семејно насилство, кои нема каде да живеат, треба да бидат земени превид за користење на социјални станови.

Јована Малезанска, адвокатка, смета дека нема познавање во МВР и обвинителството за тоа кое дело е лажно пријавување. ,,Лажно пријавување е доколку е со намера некому да се наштети.  Должното внимание, кое е предвидено со закон, значи дека пријавата треба да се истражи до крај, без разлика што ќе каже жртвата и сторителотЗаконот дава опција во случај на сомневање дека во моментот се врши насилство, да се влезе во домот и без налог. Клучно е да се има итна реакција’’

Малезанска се осврна и на бројните бариери со кои се соочила, во случај кој го пријавил братот на тешко болна жена од Гостивар, која била секојдневно малтретирана од сопругот и синовите. Жената била запоставувана, изгладнувана, физички и психички напаѓана, а и го оштетувале и апаратот за слух. Еднаш пријавила, но кога слушнале дека синот е полицаец, не и била примена поплаката. Центарот за социјални работи само ја констатирал состојбата и не презел ништо. Дури по вклучувањето на Хелсиншкиот комитет, конечно излегол на терен мултисекторски тим (ЦСР, МВР и ОЈО), кој констатирал дека жената мора да се извлече од таму. Сопругот, кој во меѓувреме упатувал закани до адвокатката, бил казнет само со парична казна за запуштање.