Ја започнуваме кампањата „Не суди кој кого љуби!“
ноември 30, 2018
Од денеска започнува националната кампања против насилство и дискриминација на ЛГБТИ луѓето под мотото „Не суди кој кого љуби!“, во која учествуваат пратеници од различни политички партии, членови на Интерпартиската парламентарна група за унапредување на ЛГБТИ правата. Целта на кампањата е да ја зголеми јавната свест за проблемот со насилството засновано на сексуалната ориентација и родовиот идентитет и да влијае на намалување на предрасудите кон ЛГБТИ луѓето, кои доведуваат до прекршување на нивните права, а често ескалираат во физичко насилство.
Негувањето на културата на неказнивост на сторителите на насилство и дискриминација од страна на институциите и непостоењето на соодветна законска заштита за ЛГБТИ луѓето во Македонија создаде атмосфера на небезбедност, социјално искучување, но и сериозни последици по нивното здравје и добросостојба. Нападите врз ЛГБТИ луѓето кои се случија во претходните години сѐ уште се заглавени во Јавното обвинителство, а насилниците остануваат неказнети.
„Во Коалиција Маргини заклучно со ноември 2018 се документирани 69 случаи во кои има различни облици на насилство врз ЛГБТИ луѓето. Во 4 случаи самите полициски службеници се сторители на вербално насилство. Непрофесионалниот третман од страна на полициските службеници, демотивирањето на жртвите да пријават случаи, непочитувањето на приватноста, исмевањето и виктимизацијата со која се соочуваат ЛГБТИ луѓето во полициските станици се проблем кој Министерството за внатрешни работи треба да го решава, меѓу другото, и со казнување на непрофесионалниот третман“, изјави Драгана Дрндаревска, правна советничка од Коалиција Маргини.
„Подобрувањето на законските решенија во врска со сексуалната ориентација и родовиот идентитет и нивната успешна имплементација се приоритет на Интерпартиската парламентарна група за унапредување на правата на ЛГБТИ луѓето, која брои 14 пратеници и пратенички од различни политички партии во Собранието. Работата на оваа неформална парламентарна група, засега единствена во поширокиот регион и нејзиното формирање беше истакнато во Извештајот на Европската Комисија за напредокот на Република Македонија. Исто така, една од главните цели на групата е борба против предрасудите, говорот на омраза, дискриминацијата и насилството, па затоа и се вклучивме како пратеници во оваа кампања“, изјави пратеничката Маја Морачанин од ДОМ, координаторка на Интерпартиската парламентарна група за унапредување на правата на ЛГБТИ луѓето.
Павле Богоевски, независен пратеник и заменик координатор на групата истакна дека борбата за внесување на сексуалната ориентацијата и родовиот идентитет под чадорот на системот за заштита од дискриминација трае скоро 10 години, но оваа заложба не можеше да го помине политичкиот филтер. Богоевски истакна дека во моментот има политичка волја, иако сé уште постојат бројни пречки поради кои законот веќе пет месеци е заглавен во законодавниот дом.
Кампањата ја спроведува ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување во соработка со Коалицијата Маргини и ЛГБТИ центарот за поддршка при Хелсиншкиот комитет за човекови права, со поддршка на Интерпартиската парламентарна група, во рамки на проектот „Собранието и локалните самоуправи во унапредувањето на правата на ЛГБТ“ кој е финансиски поддржан од Амбасадата на Кралството Холандија во Македонија.
Кампањата под слоганот „Не суди кој кого љуби!“ ќе се прикажува на три национални телевизии и ќе се споделува на социјалните мрежи.