Извештај на Европска комисија за 2024: повторно најголема слабост се правосудството и реформите
октомври 31, 2024
Европската комисија го објави „Пакетот за проширување“ за 2024 година, кој го вклучува Извештајот за напредокот на Република Северна Македонија на европскиот пат.
Во најновиот извештај за напредокот на земјата се наведува дека Република Северна Македонија мора да го интензивира темпото на реформите поврзани со Европската унија, да ја зајакне довербата во правосудниот систем и да ја исполни преземената обврска за комплетирање на уставните измени.
„Северна.Македонија треба да продолжи со спроведувањето на реформите поврзани со ЕУ од кластерот „основни вредности“ и особено судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал. Корупцијата треба да се решава со ненамалено темпо, вклучително и преку солидно досие во истрагата, гонењето и конечното осудување на случаи на високо ниво“, се вели во Извештајот.
И оваа година Европската комисија изразува сериозна загриженост за широко распространетата корупција и оценува дека земјава не постигнала напредок во превенцијата и борбата против корупцијата.
Институционалната рамка за борба против корупцијата, посочува ЕК, е задоволителна во услови за превентивни мерки, но потребно е подобрување на спроведувањето на законите. Како негативно влијание во борбата со корупцијата, особено за случаите на високо ниво, ЕК ги посочува измените на Кривичниот законик од септември минатата година, за кои оценува дека ја ослабнале правната рамка и прекинале многу од тековните предмети.
Во поглед на правосудството, ЕК изразува загриженост за најавите на актуелната влада за распуштање на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, оценувајќи дека таквите дејствија би ја поткопале независноста на судството
Во делот за основните права, наодите и препораките на Извештајот на Европската комисија во голем дел се совпаѓаат со оние на Хелсиншкиот комитет за човекови права.
„Правната рамка за заштита на основните права е делумно усогласена со правото на ЕУ и европските стандарди. Земјата продолжува да ги исполнува своите општи обврски за основните права, но законодавството треба да се спроведува на систематски начин. Во ноември 2023 година, Собранието ги именуваше Македонското здружение на млади правници и Хелсиншкиот комитет за човекови права (ХЦЧП) да служат како механизам за граѓанска контрола во канцеларијата на Народниот правобранител. Собранието избра нови членови за антидискриминација и ги пополни испразнетите места. Не е постигнат напредок во однос на заштитата на личните податоци. Целокупната состојба во затворите останува многу лоша, иако инфраструктурата беше реновирана и подобрена во неколку затворски објекти“, стои во извештајот.
Во наредната година, земјата треба да се справи со тешките услови во затворите и пренатрупноста на установите и да продолжи со напорите за промовирање и употреба на алтернативите мерки на казнување. Исто така, да продолжи со спроведување на релевантните препораки за условите на притвор, дадени од националните и меѓународните институции, особено од Европскиот комитет за спречување на тортура и нечовечко или понижувачко постапување или казнување (CPT ). Извештајот укажува на потребата за едукативни сервиси, како и серциси за ресоцијализација и третман на осудените лица да бидат достапни во сите казнено поправни установи во државата.
Извештајот препораќува да се распределат потребните ресурси до Канцеларијата на Народниот правобранител и до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација за да им овозможат да го исполнат својот мандат, да обезбеди соодветна поддршка на ранливите категории деца, особено децата жртви на насилство, децата Роми и децата со пречки во развојот.
Во документот се наведува дека лицата со попреченост сè уште не можат целосно да ги уживаат своите права, бидејќи законодавството и владините политики не се усогласени со Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост (UNCRPD). Препораката е дека треба да се зајакне капацитетот на властите за усогласување на институционалната и законодавната рамка за социјална заштита и вклучување со правото на ЕУ во однос на лицата со попреченост.
За родовата еднаквост во Извештајот се нотира дека Северна Македонија не постигнала никаков напредок во нејзиното унапредувањето, без значајни случувања во националната политичка рамка за интегрирање на родовата еднаквост и усогласување со правото на ЕУ. „Антиродовото движење продолжи да добива на сила во земјата. Ова имаше влијание врз законодавниот процес и на креирањето политики. Имплементацијата на националната стратегија за родова еднаквост (2022-2027) е слаба, а меѓуинституционалните механизми за спроведување и следење на политиките за родова еднаквост треба да се зајакнат“, стои во Извештајот.
Извештајот нотира дека институциите во државата сè уште не собираат податоци за говорот на омраза и криминалот од омраза на систематски начин. Граѓанските организации постојано ги регистрираат случаите на криминал од омраза во базата на податоци. Во 2023 година се регистрирани 1.171 случај на говор на омраза, од кои најзастапени по основ на етничка припадност, сексуална ориентација, родов идентитет и националност
Се потенцира дека не беше постигнат напредок во подобрувањето на правната или политичката рамка за заштита на правата на лезбејките, хомосексуалците, бисексуалците, трансродовите, интерсексуалните и квир (ЛГБТИК) лицата. Сегашната правна рамка не признава истополови партнерства. „На 22 јуни 2024 година, успешно беше организирана ЛГБТИК парада на гордоста, но говорот на омраза против заедницата опстојува на социјалните мрежи“.
Граѓанските организации регистрирале 298 случаи на говор на омраза врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет, но правните последици сè уште се несоодветни. Во март 2024 година, основен суд изрече условна затворска казна против граѓанин за говор на омраза кон припадниците на ЛГБТИК заедницата, со што беше првата пресуда по оваа основа во земјата. Граѓанските организации документираа 27 случаи на насилство мотивирано од омраза врз ЛГБТИК луѓето. Не беше постигнат напредок во истрагата за нападите на центарот за поддршка на ЛГБТИК што се случија пред повеќе од една деценија, ниту за вандалските дејствија врз канцеларијата на ЛГБТИК организација и смртните закани кон активистите.