Издвоено мислење на уставниот судија Кадриу: Со измените во Законот за градење поврзани со „Бехтел и Енка“ се отвора простор за криминал и висока корупција
Уставниот суд на Република Северна Македонија донесе решение да не се поведе постапка за оценување на уставноста на членовите 1, 2, 4 и 7 од Законот за изменување и дополнување на Законот за градење, поврзани со реализацијата на Договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на четири автопатски делници на коридорите 8 и 10д.
Како подносител на иницијативата Хелсиншкиот комитет за човекови права смета дека со оспорените одредби се прескокнуваат цели процедури за одобрение за измени во текот на градењето со што се елиминира и оневозможува цел процес на проверки и озаконување од страна на надлежните институции. Така на инвеститорите на градби од стратешки интерес им се прогледува низ прсти и без соодветни одобренија им се дозволува градење и остварување профит по цена на ризик по здравјето, животот и безбедноста на граѓаните.
Покрај тоа, Хелсиншкиот комитет смета дека вака воспоставената регулатива создава можности секогаш кога една владејачка структура има потреба да ги избегнува воспоставените системи за контрола да прогласи еден проект за стратешки интерес и да ги избегнува сите механизми за обезбедување на уставно загарантираното право на здрава животна средина, заштита на здравјето и животот на граѓанинот и еднкавоста на правните субјекти.
Уставниот суд во своето решение образложил дека наводите на подносителот на иницијативата се неосновани од причина што оспорените одредби од Законот се јасни и на недвосмислен начин ја регулираат примената на одредбите на Законот за градење по однос на градбите од стратешки интерес. Уставниот суд смета дека овие одредби се во согласност со Уставот.
Сепак, судијата на Уставен суд, Осман Кадриу во своето издвено мислење тврди дека регулативата за градбите од стратешки интерес е во спротивност со Уставот и со неа се повредува владеењето на правото. Воедно доведува и до нееднаков третман и положба на сите правни субјекти на пазарот кои се јавуваат како инвеститори во смисла на Законот за градење.
„Според моето мислење, отсуството на законска рамка со која треба да се регулира прогласувањето на одредени проектио под национално или стратешко значење, доведува под правна несигурност и можност за сериозни злоупотреби. Тоа укажува и упатува на еден заклучок дека станува збор за недозволено олеснување на постапките за градбите од стратешко значење што создава можност за злоупотреби. Измените на Законот за градење, посебно во оние делови од Законот што се оспоруваат, според моето мислење, сосема основано создаваат простор за криминал и посебно за висока корупција“, пишува судијата на Уставен суд, д-р Осман Кадриу.
Хелсиншкиот комитет за човекови права поднесе иницијативи до Уставниот суд за оценување на уставноста на пакетот закони поврзани со изградбата на коридорите 8 и 10.
Комитетот продолжува активно да ја следи имплементцијата на овие измени во пракса и ќе реагира во случаите каде што има индикации за коруптивни дејствија во контекст на изградбата на коридорите. Во врска со ова ги охрабруваме граѓаните да ги пријават случаите за кои имаат сомневања за неправилности или прекршувања на нивните права.