Итна истрага и мерки за одговорност за случајот на сексуално злоставување на дете во „25 мај”!
По добиените сознанија за случајот на сексуално злоставување на малолетна штитеничка од Јавната установа за згрижување деца со воспитно-социјални проблеми „25 мај”, со инволвираност на вработени во установата, Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија се обрати до Министерството за труд и социјална политика со барање за информации во врска со случајот и барање за одговорност. Од извештајот на Европскиот центар за правата на Ромите, произлегува дека штитеничката заедно со други деца од домот биле однесени на „детски летен камп”, каде непознат маж сексуално ја злоставувал штитеничката. Откако била вратена во домот, штитеничката го пријавила злоставувањето кај згрижувачите во домот, но пријавите не биле земени како релевантни и штитеничката била обвинета дека лаже. Подоцна штитеничката била пренесена во Заводот за згрижување „Ранка Милановиќ”, каде открила дека останала бремена како резултат на злоставувањето.
Имајќи ја предвид сериозноста на случајот и фактот дека се работи за тринаесет годишно дете кое било згрижено во установа која врши институционална заштита која е под капата на Министерство чија надлежност и должност е да врши надзор преку овластени инспектори и преку Заводот за социјални дејности, се поставуваат неколку прашања. Согласно Законот за социјална заштита, Министерството за труд и социјална политика врши надзор над спроведувањето на одредбите од законот и врши инспекциски надзор над спроведувањето и примената на законите и другите прописи во областа на социјалната заштита над установите за социјална заштита, другите правни и физички лица кои вршат одредени работи од социјална заштита како професионална дејност. Согласно истиот закон, Заводот за социјални дејности врши надзор над стручната работа на установите за социјална заштита и вработените во нив. Заводот особено ги следи, меѓу другите ранливи групи, децата без родители и родителска грижа и децата со воспитно социјални проблеми и малолетни деликвенти. Во конкретниот случај имало пријави за злоставување од страна на штитеничка во установа за социјална заштита, по кои не било постапено од страна на установата.
За таа цел, Хелсиншкиот комитет писмено се обрати до Министерството за труд и социјална политика, доколку до сега тоа не го сторило, итно да спроведе постапка преку која ќе изврши надзор над установата „25 мај” за конкретниот случај и ќе утврди кои се причините поради кои и покрај сознанијата за сексуално злоставување на штитеничка, вработените во установата не преземале ништо. Воедно побаравме Министерството да испита зошто пријавите на штитеничката не биле земени предвид од вработените во установата и дали воопшто било испитано дали наводите се вистинити и врз кои околности било заклучено дека се работи за лажни наводи? Понатаму бараме Министерството да испита зошто за случајот не било известено Министерството за внатрешни работи, како би можело да се испита вистинитоста на наводите на штитеничката и како би се покренала евентуално постапка за прогон на сторителите, посредниците и оние кои знаеле, а не преземале ништо и делото го прикриле.
Напоменуваме дека во случајот се работи за кривично дело „Трговија со дете” согласно член 418-г од Кривичниот законик на РМ, чие битие гласи: „Тој што ќе подведе дете на вршење полови дејствија или ќе овозможи вршење полови дејствија со дете или врбува, превезува, пренесува, купува, продава или нуди за продавање, прибавува, обезбедува, засолнува или прифаќа дете заради експлоатација по пат на негово користење во сексуални активности за паричен или друг надоместок или други форми на сексуална експлоатација, порнографија, принудна работа или слугување, питачење или експлоатација заради со закон забранета активност, ропство, присилни бракови, присилна фертилизација, незаконито посвојување или изнудување согласност како посредник да се посвои дете, недопуштено пресадување на делови од човеково тело, ќе се казни со затвор најмалку осум години”, a согласно став 2 од истиот член „Тој што делото ќе го стори со сила, сериозна закана, со доведување во заблуда или друга форма на присилба, грабнување, измама, со злоупотреба на својата положба или состојба на бременост, немоќ или физичка или ментална неспособност на друг, или со давање или примање пари или друга корист заради добивање согласност на лице кое има контрола на друго лице, или делото е сторено спрема дете кое не наполнило 14 години, ќе се казни со затвор најмалку десет години”.
Алармантна е веста дека освен предметниот случај, постојат сознанија за уште два слични случаи на малолетни девојчиња кои исто така се штитенички на установата „25 мај”. Сериозноста на овие случаи бараат итно испитување и постапување на Министерството за труд и социјална политика, како итно би се заштитиле децата кои не само што се во социјален ризик како деца без родители и родителска грижа, туку се во уште поголем ризик и сериозни закани за повреди и прекршувања на нивните права, без никаква заштита од страна на државата. Бараме од Министерството за труд и социјална политика да спроведе надзор во установата „25 мај” и да излезе со информации за конкретниот случај и мерките кои ќе бидат преземени. Бараме одговорност и итна заштита на децата штитеници!