септември 25, 2024

Истражување „Рамнотежата помеѓу заедничкото родителство и најдобриот интерес на детето“

Во рамки на панел дискусијата „Под површината: Неистражени аспекти на родовото базирано насилство”, во организација на Национална мрежа против насилство врз жените и семејно насилство, што се одржа на 24 септември, беше презентирано истражувањето „Рамнотежата помеѓу  заедничкото родителство и најдобриот интерес на детето“. Авторка на истражувањето е Наташа Петковска, правна советничка во Хелсиншкиот комитет за човекови права.

„Потребата да се направи едно вакво истражување произлезе од тоа што во тек е изработка на нов Граѓански законик, кој ќе содржи посебен оддел за семејноправните односи, каде што се вметнува концептот на „заедничко родителство“ по разводот на бракот“, истакна Петковска.

Начелото „во најдобар интерес на детето“ е издигнато на највисоко ниво во бројни меѓународни стандарди. На прво место е Конвенцијата за правата на детето (КПД)1, чија членка-потписничка е и Северна Македонија. Според КПД, најдобриот интерес на детето треба да е основата во секој процес, активности и дејствија кои ги засегнуваат децата.

Примената на овој принцип е задолжителна во ситуации кога родителите се разведуваати кога се одлучува за родителските одговорности.

Истражувањето ги акцентира следните препораки:

Да се спроведе широка експертска дебата и компаративна анализа на практиките од другите земји

Заедничкото родителство во никој случај да не е основна претпоставка за вршење на родителското право во новиот Граѓански законик, тоа да е можност за која може да спогодат родителите

Детално дефинирање на заедничкото родителство и сите негови аспекти

Проценката на најдобриот интерес на детето да се прецизира со законските одредби

Случаите на насилство да бидат земени предвид од надлежните органи и судовите во постапките за старателството

Изречна забрана заедничко родителство да се применува во случаи на родово базирано насилство и семејно насилство

Експертско тело составено од психолози, социолози, педагози, педијатри и дефектолози кои на судовите ќе им помагаат сеопфатно да навлезат во испитување на проблемот, во постапките за старателство.

Документи