Интернет платформа за мапирање и следење на говорот на омраза

април 2, 2014

Хелсиншкиот комитет во рамките на проектот „Интернет платформа за мапирање и следење на говорот на омраза во јавниот простор и медиумите“ поддржан од Национален фонд за демократија (National Endowment for Democracy – NED) од Соединетите Американски Држави ја изготви интернет платформата за мапирање и следење на говор на омраза (www.govornaomraza.mk) во Република Македонија. Препознавајќи го говорот на омраза како општествена појава која може да предизвика и потешки кривични дела сторени од омраза, Комитетот смета дека треба да се преземат активни мерки од повеќе чинители за спречување на говорот на омраза.

Денешната промоција на платформата има за цел да собере информации за говорот на омраза во јавниот простор и во медиумите, но и да ги поттикне граѓаните, медиумите и новинарите да пријавуваат говор на омраза за да можеме заеднички да направиме некаква слика за состојбите во Република Македонија.

Со цел да се соберат информации од повеќе градови и локални средини покрај градот Скопје, Комитетот отвори два повика преку кои беа формирани два тима. Првиот тим или волонтери за следење и мапирање на говор на омраза на локално ниво го претставуваат  22 волонтери, распоредени во 8 неадминистративни региони, односно 14 градови низ целата република, за период од пет месеци. Исто така формиран е и еден правно-политички тим кој во наредните два месеци ќе ги следи кандидатите за претседател и партиите кои влегуваат во изборната трка за парламентарните избори.

Покрај денешната промоција, Комитетот ќе отпочне кампања за промоција на платформата преку електронските и пишаните медиуми, како и интернет медиумите и социјалните мрежи. За таа цел денеска беше промовирана и првата анимација која треба да ги информира граѓаните за користење на платформата.

Дополнително волонтерите кои се ангажирани ќе споделуваат промотивен материјал и на терен со цел да се опфатат повеќе категории на граѓани. Покрај следењето на медиумите, волонтерите имаат задача да документираат говор на омраза во јавниот простор, односно графити со говор на омраза и други активности во нивните локални средини.

Собраните податоци од тимовите и од правниот тим на Комитетот ќе бидат објавувани на официјалната веб страница на платформата или www.govornaomraza.mk , воедно ќе се споделуваат информациите и на социјалните мрежи преку официјалните страници на:

–  Говор на омраза –  „Фејсбук“, и „Твитер“ #prijaviomraza

Искрено се надеваме дека секој од нас ќе придонесете за споделување на информацијата за платформата се со цел да ги информираме и едуцираме граѓаните за препознавање и пријавување на говорот на омраза со што и тие ќе се спротивстават на говорот на омраза.

Видео

Говор на омраза: Пријави и Спротивстави се!