Инсистираме на објективна и навремена истрага и одговорност за трагедијата во тетовската болница

септември 10, 2021

Хелсиншкиот комитет за човекови права изразува најдлабоко сочувство до семејствата на жртвите и инсистира на објективно и навремено расветлување на големата трагедија во тетовската модуларна болница. Комитетот бара и очекува од надлежните институции да спроведат темелна истрага, со која ќе се утврдат причините за пожарот кој одзеде 14 човечки животи, како и да преземат мерки за утврдување одговорност кај лица и институции, особено во поглед на превентивните мерки за заштита и почитувањето на здравствените и безбедносните протоколи во болницата во Тетово.

Оваа огромна загуба оправдано ја зголемува недовербата на граѓаните во институцииите на системот и затоа е клучно истрагата да се одвива професионално  и транспарентно. Само на тој начин, надлежните органи може да го минимизираат просторот за шпекулации во јавноста и последователните штети, кои во голема мера може да го загрозат справувањето со последиците од пандемијата.

Со оглед дека изминатава година се изградени 19 модуларни болници, а имајќи ги предвид информациите дека е отворена посебна истрага за оваа јавна набавка, обвинителството треба во најкус можен рок да излезе со информации кои ќе ги расчистат дилемите околу безбедноста на овие објекти. Дополнителните капацитети за хоспитализација на ковид-пациенти се од огромна важност за функционирање на здравствениот систем во време на пандемија, но истите треба да бидат оставени во функција само доколку ги исполнуваат безбедносните стандарди.

Хелсиншкиот комитет ја поздравува одлуката за вклучување на странски експерти во истрагата, што ќе придонесе за кредибилитетот на самата истрага и нејзините резулати. Комитетот продолжува да ја следи работата и постапувањето на надлежните институции на државата, од кои бараме највисоко ниво на професионалност и непристрасност во расчистувањето на оваа трагедија.