Хелсиншкиот комитет за човекови права и Цивил повикуваат на одговорност и смирување на тензиите
јуни 10, 2014
Апелираме до сите граѓан(к)и на Република Македонија веднаш да престанат со говорот на омраза на социјалните мрежи и да се воздржат од учество во етнички мотивирани насилства и вандализам.
Родителите мора да разговараат со своите деца и да влијаат на нив да не се впуштаат во насилништво и вандализам за време на граѓанските протести.
Ескалацијата на етничките тензии во земјава е последица на погрешните политики и практики на владејачките партии. Затоа, бараме токму од нив, политичките партии на власт, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, да преземат итни мерки за превенција од насилството и смирување на тензиите кои можат да доведат до безбедносна криза.
Апелираме до медиумите да се воздржат од говор на омраза и да му дадат простор на мирољубивиот дел од општеството да го искаже своето мислење и став за состојбите.
Апелираме до сите организации на граѓанското општество веднаш да преземат активности во насока на смирување на тензиите и воздржување од насилства во текот на граѓанските протести.
Полицијата мора да се воздржи од пречекорување на своите овластувања и од бруталност, а службениците кои веќе ги прекршиле законите да ги земе на одговорност.