Хелсиншки комитет и Младинскиот образовен форум потпишаа меморандум за соработка за креирање на побезбеден интернет простор за младите

февруари 12, 2024

Се’ поголемата употреба на технологијата и користењето на социјалните мрежи од страна на младите носи и ризици за злоупотреба на нивните податоци, насилство и вознемирување.

Тие појави влијаат и создаваат негативни последици врз менталното здравје на младите, особено на жртвите од вознемирување, злоупотреба, како и демнење. Од исклучителна важност е да се влијае врз зголемувањето на знаењата кај младите луѓе за побезбедно користење и избегнување на можни ризици.

Хелсиншкиот комитет за човекови права и Младинскиот образовен форум ќе соработуваат за заштита и унапредувањето на човековите права, унапредувањето на позицијата на младите, обезбедување на безбедност за младите во дигиталниот простор и унапредување на знаењата кај младите за дигиталните права.

Заедничките активности ќе се реализираат преку спроведување на истражување,  формулација на анализа, организирање на летни школи и обуки, како и застапување пред релевантните институции за унапредување на правата и бебедноста на младите во дигиталниот простор и други младински права.

Овие активности се реализираат за потребите на проектот „Креирање на побезбедна дигитална средина за младите“, поддржан од СМАРТ Балкан.

Креирањето на безбеден дигитален и интернет простор за младите треба да биде приоритет за секоја држава.