Хелсиншки комитет бара најстрога казна за насилство врз дете и апелира за одговорно однесување на јавноста
јуни 24, 2025

На социјалните мрежи кружи вознемирувачко видео со физичко насилство врз четиригодишно дете, проследено со фотографија на која се видливи повредите на неговото лице и тело. Децата, поради нивната возраст и зависност од возрасните се особено ранливи на последици од насилство – особено кога тоа доаѓа од родител, старател или друго блиско лице.
Хелсиншкиот комитет најостро го осудува овој чин и бара најстрога казна за сторителот на насилство врз детето, како и засилена институционална заштита на најранливите членови на општеството.
Воедно, упатуваме апел до јавноста да се воздржи од споделување лични податоци, фотографии и информации за дете-жртва на насилство, особено на интернет и социјалните мрежи. Дури и кога е водено од добра намера или сочувство, ваквото споделување може да предизвика дополнителна траума, стигматизација и долгорочни психолошки последици врз детето.
Наместо тоа, ги повикуваме граѓаните да постапат одговорно и секоја информација или сомнеж за насилство да ја пријават до релевантни организации за човекови права или институциите – Центрите за социјална работа и Министерството за внатрешни работи. Само преку стручно постапување може да се обезбеди ефективна заштита и поддршка на детето. Јавноста има моќ да биде сојузник во борбата против насилството – таа моќ мора да се користи одговорно, со грижа и почит кон секое дете.
Хелсиншкиот комитет за човекови права ќе го следи овој случај со особено внимание и ќе инсистира на целосно и ефикасно постапување од страна на надлежните институции со должно внимание, а имајќи го предвид најдобриот интерес на децата и нивна заштита.